Media & Marketing Blog

Зошто им се верува повеќе на вестите од весниците?

Дилемата за тоа зошто публиката повеќе им верува на тв-вестите од дневните и неделните весници, е една од наjистражуваните медиумски теми. Горе-долу постои некој консензус околу ова прашање, мене ми останува само троа да го локализирам кон нашево секојдневно искуство.

Една од клучните одлики на тв-дневникот, која го двои од своите конкуренти, е „митот за непосредноста“ која тој ја наметнува и им го продава на публиката. Митот за непосредноста се реализира преку две инстанци: (а) окото на камерата, (б) присуството на новинарот/репортерот на лице место. Она што ни се презентира на тв вестите е еден вид супститут за нашето лично присуство на местото на настанот, т.е. камерата е замена за нашиот директен   поглед/вид и увид во настанот. Од друга страна сентенците од типот: „Миомир, кажи ни што се случи вечерва?“ или пак јавување од живо пред Собрание (демек новинарката била внатре, а всушност друг новинар или портпарол и се јавува по мобилен додека таа стои пред собрнаие и чека вклучување во програмата), се мамка кон втората компонента на митот за непосредноста.

Помеѓу камерата, новинарот, тв-презентерот и самиот гледач се одвива комплексен процес на кодирање и декодирање на пораките, селекција на деталите, сечење на пораките, преосмислување на контекстот и слично. Сево ова ја чини неспосредноста да стане мисловна именка во конкретно гледање на вести. Дури и оние вести „No Comment“, на Euronews секако се едитирани и осмислени како да бидат декодирани.

Весникот пак се доживува како поиндиректен комуникациски ситем во кој е потешко да се сокрие кодирањето и преосмислувањето, иако концепциски тие и не се разликуваат премногу во однос на својата индиректност.

За да се раскринка директно самиот процес на кодирање од страна на новинарот или уредникот може да се искористи еден Аристотелов концепт, дуализмот мимезисдиегезис. Диегезисот е конструирање на приказната или текстот додека мимезисот директно ја отсликува или копира реалноста која се пренесува. Таму каде што диегезисот (текстот/коментарот) е доминантен над мимезисот (сликата/гласот), станува збор за високо кодиран текст, кој најчесто има цел да ви всади некоја порака или став. Каде мимезисот и диегезисот се избалансирани, а диегезисот само ја воведува или сублимира визуелно-звучната информација од самиот настан, се толкува како професионален приод кој му дава фер шанса на гледачот самосвесно да го толкува настанот и информацијата.

Во секој случај западната цивилизација е повизуелно ориентирана, кажано во Маклуановски термини, и поинтензивната визуелна порака се доживува како поубедлива.

Или по народната на вестите им се верува повеќе затоа што „Ако Чом лажи, Миомир не лажи!“