Турбо-фолкот не е кич

Скоро бев учесник на неколку дискусии за турбо фолкот [TФ] (сезона на свадби е, па темата се наметна некако, и пред трпеза и овака онлајн), па некаков сумарен муабет од истите: малку е глупаво да критикувате нешто, а да се поставите игнорантски кон самата тема, т.е. да чекорите по работ на стереотипноста и затупеноста тврдејќи дека сте толку „over“ ТФ и подобри од тие што го слушаат.

Значи неколку аргументи за разбивање на истиот стереотипен муабет против турбо-фолкот (спротивставувањето на ТФ не е спорно, зборуваме за аргументирање на своето противење):

  •  турбо-фолкот е само српска варијанта на еден поширок феномен „ПОП-ФОЛКОТ“. Значи не е измислен од северните соседи, туку е како и повеќето нешта, прилагоден регионален или глобален тренд. Грците, Турците, Бугарите, Албанците, Романија и Унгарија имаат свои слични под-жанрови кои комбинираат фолк и етно елементи со модерен поп звук (ритам, денс звук и сл.). Варијантите се различни, формите варираат, концептот е тој.
  • српскиот турбо фолк е успешно извезен во републиките од поранешна СФРЈ (БиХ, Хрватска, Словенија, ЦГ и Макеоднија, а прилично и во Косово и Бугарија) користејќи ги традиционалните врски на музичката и кафеанската индустрија, како и носталгијата на публиката по „светлите Југо денови“.
  • ТФ се прошири и заради навиките на публиката, произлезени од заедничкиот медиумски пазар во времето на СФРЈ, кога беше и зачнат турбо фолкот преку тогашниот југословенски НЕО-ФОЛК или т.н. новокомпонирана музика. Сите се сеќаваме на Супер Снеки, Сузи сл. ѕвезди од „Тесна кожа“, кои не беа турбо-фолкери, но беа неспоредни претходници на турбо-фолкот.
  • ТФ се трансформираше од кафеанска разбибрига во доминантна медиумска музичка „култура“ во ерата на војните во екс-СФРЈ, кога од низа околности се здоби тешки девијации во смисла на хедонизам, вулгарност и рудиментарност. Од самиот тој контекст произлезе неговата инструментализација за тоа да биде „опиум за народот во време на војни, блокади, санкции, и криминализација на општествата од регионот. Постојат и ориентални корени на ваквата „култура“ се разбира, но во умерена мера.
  • Мојата интерпретација на кичот (бледо копирање и симулирање на уметност) не ми се согласува со ставот дека „ТФ е кич“. ТФ нема никаква интенција да биде уметност, да задоволува естетски критериуми и потреби. ТФ е надвор или подолу и од кичот, Како што порничите не претендираат некој да ги номинира за Оскар, така и ТФ не претендира кон уметност, така што формулирањето дека ТФ е кич е несоодветна фраза (се работи за типична непертинентна формулација, како да кажеш јаболкото е водоземец).
  • Автор на самиот термин ТФ, беспоговорно е Рамбо Амадеус, кој како што вели на „спрдачина“ го лансирал истиот. Неговиот прототипичен ТФ пародиран хит е „Vanzemaljac“. Прва ТФ нумера, според мене, е „Slažeš li se ti?“ на Џеј Рамадановски, инаку у саунд-трак на „Hajde da se volimo 1“ (па вие пресметајте која година му доаѓа тоа, средина на 80-те) сос Лепа Брена.


sead93

Сеад е магистер по комуникации кој проучувањата во комуникациската наука ги фокусира на популарната култура, новите медиуми и пропагандата. Издал две книги збирки културолошки есеи (двете во 2002) и редица текстови во неколку списанија во земјата и надвор од неа (Lettre International, Наше писмо, Блесок, Културен живот, Разгледи, Balcanis…). Со својата смисла за хумор, неуморно „им го прави денот” на голем број интернет корисници.
This entry was posted in Academic, Media, Society and tagged . Bookmark the permalink.

4 коментари на "Турбо-фолкот не е кич"

Коментирај!