Media & Marketing Blog

WebFest.me – Пријавете вебсајт

Оваа година заради (не)планирани обврски не бевме во можност лично да присуствуваме на една од регионалните конференции која авторите на блогов (Дарко и Мите) посебно си ја сакаат – WebFest.me. Затоа испративме претставник да ги следи настаните на лице место, и секако да се избања во Будва во септември :). Уште ги очекуваме импресиите на писмено, за да може да ги споделиме и со вас, и еве тука јавно ја пингаме Петра да седне и да напише како си поминала :).

Инаку конференцијата, која беше втора по ред, е само продолжение на она со што започна WebFest – WebFest.me Awards. Под ова име се одржуваат втор пат по ред, и се еден од најзабележителните регионални интернет фестивали, кои имаат за цел да ги промовираат оние кои креираат квалитетна содржина на интернет, и секако нивните дела. Се одржува од 22 септември до 15 ноември и се состои од два дела, во кои првата половина е посветена на пријавување, а втората на гласање.

На 22 септември започна пријавувањето на проекти кои заедницата смета дека треба да влезат во овој натпревар. Пријавувањето трае до 15 ноември и сите кои имаат на ум некој сајт, блог, Фејсбук апликација, мобилна апликација и во еден куп други категории која заслужува да биде препознаена и промовирана се повикуваат да го пријават својот предлог во соодветната категорија. Сите пријавени ќе бидат достапни на официјалниот сајт, а гласањето кое ќе се одвива од 20 октомври до 10 ноември повторно ќе содржи два дела: гласање од публика и избор на стручното жири.

Прочитајте ги деталните правила и не чекајте да ги пријавите проектите кои сметате дека заслужуваат да се најдат на оваа листа, а можеби и ќе добијат некоја од наградите. Имаме проекти кои не се за потценување и кои треба да учествуваат на ваквите регионални натпревари. На вас е да одлучите кои ќе ги пријавите.