Media & Marketing Blog

WebFest.me сме сите ние, тоа е заедницата

Со мало задоцнување (од само две недели) конечно и осврт на WebFest.Me. Можеби овој пост ќе биде малку подолг од вообичаено, но ќе биде интересен. Keep on reading!

Webfest.me

Пред две недели во Будва, Црна Гора (20-21 Септември) се одржа втората по ред Интернет конференција WebFest.Me чија цел е промоција на идеи и споделување на знаење поврзано со најпопуларниот медиум на денешницата, Интернет. За прв пат годинава се одржа и натпревар на стартап компании од регионот кои ги изложија своите идеи пред публиката, а победникот прогласен од стучно жири ја доби шансата да продолжи да се натпреварува на TechDisrupt 2013 во Њу Јорк во организација на TechCrunch.

Сума сумарум, презентациите беа со основни информации, но имаше дискусии кои предизвикуваа “откровение” кај публиката составена од блогери, интернет-маркетинг луѓе, дизајнери, програмери, студенти…  Секоја презентација беше интересна и различна, а сепак секоја носеше една иста порака: Ако не плаќате за производот, тогаш вие сте самиот производ… Ние сме производот на Google и Facebook, без разлика дали тоа нам нѝ се допаѓа или не.

WebFest.me

Ги издвојувам во продлжение најдобрите моменти од презентациите, без тенденција да напишам пост со должина на “Војна и мир” 🙂

Микс за успех…

Панел дискусија WebFestmeКонференцијата со панел дискусија ја отворија Иван Брезак Бркан – основач на Netokracija.com, Дејан Николиќ – основач на Njuz.net, и Јошко Мрнџе – регионален директор на Google Adriatic. Низ разговорот секој ја раскажа својата мака за почетоците и предизвиците при основањето на нивните бизниси. На крајот беа сложни дека, за успешен start up потребно е пред сè: добар технички и креативен тим, верба во тоа што се работи, упорност да се издржи, продавање на сервиси/производи и ширење на  мрежата на контакти колку што е можно повеќе, храброст да се работи она што го сакаме и за што сонуваме, тоа што го работиме да нѝ претставува забава.

Токму оваа комбинација на Netokracija.com и помогнала да почне со работа и Netokracija.me со тим во Црна Гора, а Njuz.net од обичен сатиричен блог да прерасне во портал кој сега ќе се натпреварува на глобално ниво. The Onion веќе има сериозна конкуренција.

Да се биде надвор од Силиконската Долина е предност

Brian Wong WebFestmeФактот дека сè што се создава треба да биде креирано низ призма на емоции и искуство на корисникот, започна да го нагласува Брајан Вонг веднаш по отварањето. Типот дефинитивно остави најголем впечаток првиот ден. Со неколку успешни стартапи позади себе и апликација која му носи заработувачка од 14 милиони долари – kiip.me, дефинитвно знае како производот да го доближи до корисникот. Според него, секој бизнис има милиони можности кои не чекаат на него, туку луѓето треба сами да ги создадат. Даде одлична мотивација за сите кои започнале со одреден бизнис без многу инвестиции, велејќи: “Да се биде надвор од Силиконската Долина е предност – не го чуствуваш притисокот, треба да вложиш екстра напори за да се докажеш, и со самото тоа имаш многу поголеми шансии да успееш. Имаш пристап до луѓето, искористи го тоа, доближи им се, запознај ги, направи вредност од тоа што го сакаат и што е дел од нивното искуство, раскажи им ја твојата приказна и ќе чувствуваат дека те познаваат”

40000 долари за вашиот стартап. За возврат го бараме само вашето познанство…

Carolina Rossi WebFestmeДобро, можеби не само тоа, но Каролина Роси претставник од проектот StartUp Chile предизвика бројни коментари и интереси за време и по нејзиното излагање за проектот на владата на Чиле. Мотото на овој проект е: да го смениме светот преку иновација. Нивна цел е да создадат екосистем во кој луѓето ќе ги реализираат своите иновативни идеи и бизниси, а Чиле да стане следната Силиконска Долина. Сè што треба да се направи е да се аплицира, а за оние чии идеи/бизниси ќе бидат прифатени е обезбедено: 40 000 USD неповратна инвестиција, виза за три членови од тимот и простор за работа.

Нашата мрзеливост е најголемиот непријател на нашата приватност

Jose Fontainhas WebFestmeВториот ден го отвори Жозе. Contributor на WordPress и основач на WordPress заеницата во Португалија. Според него, ништо од она што е ставено на интернет, дури ни податоците качени на  сервер, не се наши се дури не направиме back up. Кога се збори за приватност на податоци, не може да не се спомене Facebook и нивната политика за приватност. Жозе отворено го сподели неговото мислење за иднината на Facebook: “Нема уште долго да живее. Некој друг наметнува како Facebook да биде користен, и сè додека корисникот не плаќа за него, нема право да се жали. А на корисниците кај и да е, ќе им дојде преку глава од тоа да немаат право да се жалат. Кога ќе го снема Facebook, ќе ги снема и податоците – fml”.

Треба поголем притисок врз Microsoft за да ги прифати веб стандардите

Håkon Wium Lie WebFestmeCTO на Opera Software, Хакон Виум Ли вели: “Иднината ја гледам во HTML5”, со кој всушност и му беше направена самата презентација (единствен кој не користеше PowerPoint или Keynote), за кој продолжува: “HTML5 е ѕвер, можеби поголем отколку што би требало да биде, но убавото е што луѓето сакаат да знаат и направат сè повеќе и повеќе. Веб страните ќе живеат многу подолго од сите апликации; иднината е токму во креирањето апликации користејќи веб технологии, затоа треба да правиме поголем притисок врз Microsoft да ги прифати веб стандардите.”
Одличен крај на презентацијата: practise what you preach момент кога преку цртана приказна прикажана како веб страна, ги прикажа функционалностите на HTML5, завршувајќи со видео кое во браузер ја пренесе сликата од веб камерата на неговиот лаптоп во живо. Дефинитвно најдобро излагање вториот ден!

Добрите идеи умираат затоа што креаторот го губи срцето при реализација

Ryan Freitas Webfest.meРајан Фреитас започнал прво како готвач во ресторан, за подоцна да ги реализира своите идеи до крај и денес да биде CEO на Аbout.me. “Користете во животот различи можности. Јас многу порадо би креирал и глупости (читај: shit), отколу само да зборам за тоа.” Креирањето на корисничкото искуство (UX) е всушност креирањето на самиот производ. “Откријте што луѓето сакаат од одреден производ и дајте им ја најдобрата верзија од тоа.” Отворено проговори за егото на дизајнерите, кое е прилично големо “Во дизајн студио има најмногу его, a работата најдобро се завршува кога егото е некаде позади.” Дизајнот не завршува со предавање на производ на корисникот, напротив тука почнува. “Корисникот го има крајниот збор и тоа мора да се почитува, без разлика што на тоа вели нашето его!“

Кафе Бетмен Појадок… Say what?!

Ruth Burr Webfest.meРут Бур, директорката на SEO Moz започна со краток вовед во основите на SEO, заклучувајќи дека треба да се креира содржина за корисниците, а не за алатките за пребарување. Дека социјалните медиуми денес влијаат многу повеќе за повисок ранк во резултатите од пребарувањето, потврдува експериментот на SEO Moz: направиле веб сајт со домен coffebatmanbreakfast.com. Не биле вметнати никакви елементи на мета дата. Но, го споделиле линкот по нивни пријатели и ги замолите да го споделат понатаму по Twitter и Facebook и да го лајкнуваат и да коментираат. Кога на Google пребарале coffe – веб сајтот бил прв резултат. Персонализираните резултати добиени при пребарување се и повалидни. Сепак, контрола врз резултатите од пребарувањето за сопствениот производ мора да постои: “Со поголема контрола врз резултатите од пребарување на вашето име, помали се шансите некој да ја уништи вашата репутација”. True story!

Црна Гора + Foursquare = развиен туризам на северот

Milica Begović Radojević WebFestmeМоќта на социјалните медиуми ја потенцираше и Милица Бегович – Радојевич од UNDP, преку презентирација на проект кој има за цел со помош на Foursquare да го развие туризмот во северниот дел на Црна Гора. Проектот е сè уште на почеток и допрва треба да покаже резултати.Планот е да се поттикне веб заедницата со помош на новите технологии да креира и промовира туристички понуди, односно рути, за северот на Црна Гора. За рутите првично се собрани информации преку Facebook, каде кориснитите имале шанси да гласаат за одредени дестинации кои би ги посетиле. Ова вродило со плод затоа што им дало чиста слика за тоа што луѓето сакаат да видат од Црна Гора, но и како да ги искомбинираат рутите за посетителите да можат да ги видат и другите помалку популарни дестинации од гласањето. Импресиите од корисниците досега се позитивни, останува да го почекаме крајот. Среќно!

WebUp… next stop, TechDisrupt

Ambio.me Webfest.meНа WebUp натпреварот навивавме за Митко и Никола кои ја претставија ambio.me. Настапот на Митко (не сум воопшто субјективна) беше професионален и успеа за трите минути кои му беа доделени да ја објасни апликацијата во целост – фалинка што се провлече низ сите останати презентации. Настапија први и добија прилично силни овации од публика. Од осум тима, 5 беа од Хрватска, 2 од Србија и еден од Македонија. Дефинитивно до година би сакала да видам повеќе македонски иновации и тимови, затоа што знам дека ги имаме.

Еве што Митко кажа за конференцијата во целост:“Забележав на Webfest.me дека регионот полека, но сигурно фаќа чекор со светските трендови и случувања на полето на Интернет и развојот на стартап културата. Она што можеби малку ме разочара е фактот дека кога се зборува за регионот првенствено се мисли на Хрватска, Словенија и Србија. Македонија практично и да не се споменува во ова друштво. Ситуација која навистина би сакал да се промени. Но, тоа нема да се случи само од себе, и мораме сите заеднички да вложиме напор ако сакаме Македонија да се постави како сериозен фактор на развој и иновација во регионот. Што се однесува до самиот стартап натпревар, нешто што се организираше за првпат на Webfest.me, мислам дека помина солидно. Секако жал ни е што не успеавме да победиме, но наидовме на добар прием кај публиката и коментарите во голема мера беа позитивни.”

Победник на наптреварот беше Mediatoolkit од Хрватска, алатка за следење на поплуранст на содржината споделувана по социјалните медиуми, во моментов конкретно на Facebook,која дава резултати real time. Со победата тимот на Mediatoolkit предводен од Филип Топол си обезбеди настап на TechDistrupt во Њу Јорк, вреден 50 000 американски долари.

Никола, втората половина од тимот ambio.me присутна на конференцијата, ми беше помошник околу собирањето инфо за финалето на WebUp, кое за жал поради каснење на презентациите дента го пропуштив бидејќи морав да фатам бус за Скопје. Еве негови импресии за финалето: “Последната презентација беше всушност претставување на финалистите на WebUp. Сите имаа по 1 минута да се презентираат, а потоа одговараа на прашања од жирито. Прашањата беа за сите исти: зошто сакате да одите во Њу Јорк, која е вашата цел и сл… Дифолт одговор беше кај сите: инвестиција, на што следеше одма дифолт жири прашање: зошто ти треба таа инвестиција? Сите умешно го одбегнуваа одговорот, не објаснувајќи за што точно им треба инвестицијата, но сите беа сложни дека до моментот на одржување на настанот во Њу Јорк, веќе ќе бидат во фаза кога поголема инвстиција ќе им биде повеќе од потребна.” На победникот Mediatoolkit од Хрватска, нека им е со среќа во Њу Јорк!

Епа, тоа би било тоа. Веднаш по конференцијата започна натпреварот WebFest.me Awards, за кој Наталија веќе ве информираше. Останува на 15ти ноември да видиме кој ќе биде изгласан за најдобар сајт.

За крај, јавно да им кажам фала на Дарко, Мите и Нате за тоа што ме избраа за претставник, и плус јавно да се извинам што (оправдано) покасно ја напишав домашната задача! 🙂