Media & Marketing Blog

„Мрачно споделување“ – Невидливи извори на посети

Ако само пред неколку месеци зборувавме за тешкотиите да се измери активноста на социјалните медиуми и нејзиниот ефект врз посетите, денес веќе немаме проблеми со статистиките и со извештаите. Фејсбук многу јавно и отворено (на дланка) ви дава еден куп статистики (иако некои од нив се малку манипулирани), а не се лоши ниту алатките за мерење на Твитер (иако можеби ќе треба да фрлите и некоја пара за некои понапредни мерења). Да не зборуваме за другите социјални медиуми (YouTube си има свој дел за аналитика), бидејќи не толку многу се користат и статистиките не се толку значајни кај нас.

Но, дали е сè така совршено?

Сето ова денес изгледа така лесно и совршено, со плус-минус некои потешкотии во извлекување заклучоци за статистики кои не ни ги даваат на дланка, се додека малку подлабоко не размислиме кои сè параметри играат улога во мерењето на посетите. Јасно ни е на сите дека Фејсбук и Твитер се само еден дел од интернетот и тоа од поново време, иако на нашиов пазар можеби и се најголемиот дел :), но последното истражување на ChartBeat, ни покажува колку параметри пропуштаме при мерење, аналитика, извлекување статистики за изворите на посети. Според истражувањата, некои од постарите алатки на „социјалниот“ интернет имаат огромно влијание врз статистиките.

Споделувањето е присутно на интернет многу пред Фејбук и Твитер. Лесно е да се прегледа како се споделува информација преку јавните форми на интернет медиумите, но што е со овие по приватните, како четовите, маиловите, пораките? Според ChartBeat, овие вториве имаат дури 60% повеќе влијание врз посетите и препораките отколку Фејсбук.

Ниту со Google Analytics и некои понапредни алати, ние не сме секогаш сигурни преку кои извори се споделуваат линковите, и од каде доаѓаат посетите. ChartBeat овој непознат дел го нарекува “Dark Social” (слободен превод: мрачно споделување), што всушност ги опфаќа сите линкови кои се споделени преку маил клиентите или Скајп четувањето, и кои исклучително тешко се следат и мерат. Ако се осврнеме на резултатите од нивното истражување, заклучуваме дека дури за ≈60% од посетите не можеме да го најдеме изворот и да направиме подетални анализи.

Мерењето е далеку посложено од што си го претставуваме

Очигледен заклучок од сето ова е дека мерење и идентификацијата на изворите на посети се веројатно многу потешка активност отколку што повеќето од нас кои се бават со оваа работа мислат. Ако анализираме медиум по медиум, заклучуваме дека за да е можно (во теорија) да се измери сообраќајот преку овие поприватни канали, потребна е монструозна контрола на формирање и дефинирање на линковите, пред да се пуштат јавно. Но кога и ова ќе се обидеме да го изведеме во пракса, повторно доаѓаме до слепа улица. Единствен заклучок е дека не е возможно да се воспостави таквата контрола, за таа да може практично да функционира.

Тогаш како да се постави логична шема според која ќе можеме да донесуваме заклучоци што е тоа што ги тера луѓето да ги споделуваат линковите преку изворите кои не можеме да ги следиме и како овој огромен процент на споделување да го задржиме толку висок?