Media & Marketing Blog

Време е за инфо-диета!

Ако погледнеме колку информации внесуваме дневно ќе сфатиме дека поголемиот дел од нас сме информациски дебелковци, или „инфо-дебелковци“.

ИНФО-ДЕБЕЛЕЕЊЕ (infobesity, англ.) е последица на внесување на повеќе информации отколку што можеме да преџвакаме и превариме. Неселективното внесување информации може да има многу штетни последици за квалитетот на нашето живеење и за нашето здравје.

Томас Ериксен (Tho­mas Erik­sen, Tyranny of the Moment, 2001) потсетува на Фридрих Енгелс и неговото незавршено дело „Дијалектика на природата“ (Dialektik der Natur, 1883) каде тој пишува за појавите на „преодност на квантитет во квалитет“. Енгелс истражувал низа појави каде преку интензивирање и квантификација одреден процес достигнува  точка на заситеност, и како резултат на тоа целосно се менува и добива сосема различни одлики и квалитет. „Одеднаш и без предупредување наместо повеќе од истото добиваме нешто сосема друго“. Се работи за точка на прекршување во која квантификацијата го сменила квалитетот на процесот. На пример, вкусот и задволството од едно изедено чоколадо, не може да се умножи 100 пати ако изедеме 100 чоколади, туку ќе премине во мачнина и повраќање.

Такво искуство проживуваме со информациите. Зголемената квантификација на информациите го менува нивниот квалитет. Тие се распаѓаат во празни знаци, сигнали или дезинформации кои не ги разбираме и не ги користиме правилно. Примањето информации треба да ни помогне подобро да ја разбираме реалноста, средината и општеството, но преку претерано и неселективно внесување информации се случува обратното: не ја разбираме реалноста, таа станува конфузна, се изолираме и раскинуваме многу врски со средината и општеството. Не ги разбираме поинаквите од нас, поставуваме заштитни ѕидови со средината и се криеме зад тие ѕидови. Нешто слично со „Изгубени во преводот“, но овој пат повеќе како „Изгубени во преносот“ (на информации).

За секаква згоеност, па и за оваа информацискава, добро решение е диета. Со инфо-диетата треба пред сè да го намалите внесот на непроверени информации, водете се од принципите на умереност и дозираност. Веднаш да ги исфрлите информациите засолени со омраза, спинови, шпекулации и сензационализам. Исфрлете ги сите џанк-информации за тепање време. Информациите кои ги внесувате треба да бидат свежи и убаво испрани од разни пиар адитиви. И секако држете се подалеку од „генетски“ модифицираните информации како што се лажни вести и компјутерски преработени информации за пропагандни цели.