Media & Marketing Blog

9 начини како да ја утнеш поентата на Интернет

Нѐ дал Господ нас Македонците најпаметни за сѐ, па и за дебата. Имавме пред некој месец дискусија на темиве на една од Face2Face средбите, ама секогаш е убаво да се навратиме на темиве. Не за друго, туку да им укажеме почит и подршка најмногу на оние кои се задолжени за модерирање на коментарите на најпосетуваните локални сајтови за вести.

(via wopico.blogspot.com)

(via wopico.blogspot.com)

Во продлжение еве 9 причини како без проблем може човек комплетно да ја промаши дебатата на Интеренет:

  1. Да не ја разбереш разликата помеѓу блог пост и статија
    Без разлика на тоа што блоговите се тука околу и помеѓу нас веќе неколку години, луѓето сѐ уште не ја разбираат разликата помеѓу пост (личен став и мислење) и статија во весник (текст на подготвена и истражена тема).
  2. Тврдење дека авторот требало да напише нешто друго
    Ова е категорија слична на горната. Таа главно се однесува на коментарите од типот „зошто вашиот весник не пишува за посериозни работи?“. Ваквите коментари и дебатирање се беспредметни, затоа што медиумите пишуваат и за такви („сериозни“) теми, но таму каде што одбрале да пишуваат за некоја полесна или понеобична тема, тоа е сосема легитимно и по нивен избор.
  3. Не разбирање на поимот „просторно ограничување“ (или wordcount)
    Некогаш коментаторите на текстовите мислат дека во 800 зборови или во еден блог пост може да се каже сѐ што има за некоја тема, па од таму прашањата од типот: „Зошто не сте вклучиле ова, она, или тоа?“ проследено со „Навистина немате врска со темата!“
  4. Употреба на лични напади (ad hominem)
    Ова секако е најчест тип на „дебатна“ тактика на Интернет. Што помалку е бистар соговорникот, толку поагресивен ќе биде во своите зборови и помалку свесен за сопствената интелектуална ограниченост. На пример AC Grayling, професор по философија на Birkbeck, редовно на сајтот на Guardian привлекува коментари од типот “You are an idiot!” (Ти си идиот) и често е обвинуван дека не знае ништо за философијата. Некои дури и му препорачуваат философски материјали за читање.
  5. Обвинување на Владата за сѐ
    Слепото критикување на естаблишментот, кој по нив бездруго ќе ги изгуби првите наредни избори, и кој е виновен и кога запалката не ви пали, е една од најчестите „интернет методологии за дебата“. Најчеста, но воедно и бесполезно арчење на тастатурата.
  6. Несфаќање на шега
    Ако сте луциден и префинет писател, мора да го колнете денот кога на некого му текнало да стави опција за коментирање на текстови. Има ли нешто подемотивирачки од сознанието дека поголемиот дел од читателите не ги разбираат вашите шеги? Ако се нафатите да ги објаснувате своите шеги, каква е тогаш смислата од нивното пишување воопшто?
  7. Генерализирање врз основа на своето лично искуство
    Ова е најчесто во образовните дебати, каде луѓето најчесто ќе ви напишат: „Одев во општа гимназија и беше без врска, што значи дека сите општи гимназии се без врска“.
  8. Да ги навредите сите кои постирале на некоја статија
    Тоа е кога среде дискусија некој ќе запише: „Сите вие сте идиоти, немате нешто попаметно да правите освен да гушите со вашите глупави муабети!“. Ова, секако, е една од позабавните контрадикторности кои ќе ги сретнете на интернет, бидејќи ако мислите дека коментирањето на таа статија е без поента, тогаш зошто самите коментирате на неа?
  9. Навредување на сите на форумот, не само на одреден пост
    Ова е пример на интензификација на точка 8 и е прилично самообјаснива. Се работи за целосно негирање на сѐ што е надвор од рамките на сопствениот коментар и став. Се разбира истото содржи контрадикторност, ако целиот форум е тапа, што бараш на него?

Листава е превод и адаптација (и малку потскратена) од оригиналната: 11 ways to miss the point on the Internet, Со голема благодарност до Kim Thomas за инспирацијата, и до Дарко кој го „ископа“ текстот 🙂