Media & Marketing Blog

Дигитализација и нови платформи

Со мало задоцнување, неколку белешки и впечатоци од вчераодржаната конференција „Дигитализација и нови платформи“ во организација на ОБСЕ (Оддел за развој на медиумите) и во соработка со Советот за радиодифузија (СРД), Агенцијата за електронски комуникации (АЕК) и Центарот за развој на медиуми.

Преминот од аналогни кон дигитални платформи и новите платформи за дистрибуирање на аудио-визуелните содржини, како и бизнис предизвиците во дигиталната околина се во фокусот на конференцијата која започна денес (заврши вчера 🙂 во Скопје…конференцијата посветена на дигитализација на медиумите и новите платформи за аудио-визуелни содржини доведе заедно 70 претставници од секторите за радиодифузија и маркетинг, како и телеком операторите. (да дискутираат) околу најдобрите и најодржливи бизнис модели за националните и регионалните радиодифузери.

Неколку пост-фестум поенти според МИА:

Димитар Букувалов од Министерството за транспорт и врски, во своето обраќање истакна дека Македонија согласно Спогодбата за стабилизација и асоцијација го усогласува националното со европското законодавство. „Во делот на радиодифузијата претстои голем предизвик – имплементирање на новата директива за аудио и визулени медиумски сервиси. Имплементацијата е поголем предизвик од причина што нејзиното идно успешно спроведување зависи од степенот на развиена свест кај деловниот сектор, но и постоечките капацитети на регулаторните тела, рече Букувалов“.

На самиот настан беа присутни сите членови на „Центарот за нови медиуми“ (не сме многу), па толку колку што дозволуваа околностите се вклучивме во дискусискиот дел на овој настан. Самите впечатоци најнепосредно ги „твиткавме“. Впечаток беше дека се работи за собир кој маркираше на „basic“-ниво траекторија на развојот на медиумите во периодот до 2015 година преку процесот на нивна дигитализација.

Презентацијата од СРД  беше интересна во смисла на промоција на некои податоци и планови кои во голема мера ќе влијаат како домашните радиодифузери ќе се однесуваат на пазарот до 2015 година, кога ќе треба целосно да се премине на дигитален систем, а аналогниот систем („сос“ антени) ќе треба да се укине (нагласок на „треба“). За почеток ќе им го сменат името (типично за нас, прво се менува формалното, па долго се останува само на тоа), па истите нема да бидат радиодифузери, ами „даватели на аудио-визуелни услуги“. Во меѓувреме многу комисии, тендери, и слични бирократури.

Од ресорното минитсерство (Транспорт и врски) беше споменато дека во 2009 ќе се менува законот за радиодифузна дејност.

Во поладневниот дел стана повеќе збор за новите бизнис модели во новото дигитално опкружение и како економската логика на медиумите МОРА (нагласок мој) да се смени.

ПС: Се надевам сево ова ќе даде резултати кои ќе стасаат до самиот корисник. Интересно е како се „зрачи“ идеологијата на овие промени: (а) „според директивите на ЕУ“ и (б) „многу подобар квалитет“ : (а) Порано директивите стигаа од Капеју сега од Ију, се се менува само остануваат директивите, (б) никој не спомнува дека за џабе нема да има ништо, ако не си во дигиталната мрежа, ќе можеш да гледаш само сателитски фри-канали, но и за тоа ти треба опрема.

2 коментари на “Дигитализација и нови платформи”

  1. darko156

    И после зошто човек не следи медиуми. Кликнав на линковите за да сватам дека целата конференција е сведена на „рече на отворањето на конференцијата амбасадорката на ОБСЕ Наталија Дрозд” и ”рече Букувалов”

    Ова е разочарувачки, исто како што беше и вчерашната конференција разочарувачка, барем за мене. Не од аспект на организација (таа беше ок) туку од аспект на тоа до каде се со размислувањата, познавањата и интересите луѓето од нашите медиуми.

  2. sead93

    Ова со тоа како инфомираа медиумите е само вербална рефлексија на принципот „дојди ѕирни сними“, но во тоа нема никакво инфомирање Новинарот само ќе ѕирне и демек „известил“ за нешто. Само привид на инфомирање. Мојот впечаток е разочарувачки колку се локалните фактори (регулатори + радиодифузери) неподотвени за имплементацијата на „директивите“, но и сознанието за оваа реалност е некаков чекор кон „реализацијта“, кога-тогаш.

Коментарите се затворени.