Media & Marketing Blog

Трибина и истражување на ИСППИ

На 15 декември во просториите на Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања (ИСППИ) се одржа трибина на тема „Нови медиуми, социјални мрежи и демократија“. Трибината вклучи учесници од различни сектори, институции и чинители кои се активни на ова поле и понуди интересна дебата за социјалните медиуми и македонските институции, програмата Е-Парламент, употребливоста на македонските сајтови, како и покултуролошки теми од типот на трансформации на масовната култура во дигиталната ера, но и редица други осврти.

На самиот настан воедно беа презентирани и резултати од истражувањето изведено од ИСППИ за користењето на социјалните мрежи во Македонија.

Според последните податоци на „Internet World Stat“ во Европа има над 500 милиони корисници на Интернет. Од нив безмалку една половина имаат свои профили на Facebook. Според истото истражување во Македонија Интернет користат 1.180.000 граѓани или 56,7% од популацијата. Од оваа бројка корисници на социјалната мрежа Facebook се околу 941.000 илјада или 45,2% од населението.

Истражувањето што го спроведе ИСППИ, покажа дека во Македонија корисници на социјални мрежи се 58% од испитаниците со над 18 години. Од поинтересните податоци за Македонија ги издвојуваме оние за употребата на социјалните мрежи во кои 41.7% се изјасниле дека ги користат за дружење, 15.2% за забава и игри, а само 0.7% за политичко организирање. По категорија возрасни групи, само 14% од испитаниците на возраст од 18-29 години навеле дека не користат социјални мрежи.

 

 

Целосните податоци од исражувањето наскоро ќе бидат објавени на веб-страницата на ИСППИ.