Media & Marketing Blog

За AllWeb, наместо честитка за 2016

Текстов првично е објавен во новогодишното издание на Економија и бизнис, затоа што на крај испадна текст за Allweb но и честитка за Нова Година, еве го и тука.

Добре дојдовте во светот на искуството, светот во кој не разликуваме онлајн и офлајн, светот во кој информациите ги преџвакуваме за милисекунда и во следната носиме одлука за купување.

Оставивме уште еден AllWeb зад нас

Минатиот месец на 13 ноември се одржа четвртото издание на конференцијата која нè движи напред. Единствената конференција за дигитален маркетинг од оваа година слободно можеме да започнеме да ја именуваме и како единствена конференција за маркетинг. Ова е не е само поради фактот дека нема слични настани во текот на годината, за што искрено жалам, туку затоа што она што на почетокот почнавме да го именуваме како интернет маркетинг и онлајн ПР, па подоцна го трансформиравме во дигитален маркетинг, веќе од следната година слободно ќе можеме да го наречеме само Маркетинг.

Дигиталниот маркетинг нема потреба веќе да се двои, тоа во неколку наврати на сцената на AllWeb го потврдија говорниците кои преку своето искуство, истражувања и конкретни примери посочија дека нема веќе делење на маркетинг активностите по канали. Дигиталните допрва доаѓаат за да го зафатат место во темелите, но сè е интегрирано и треба да ги надградиме сите заедно своите знаења.

dave birss & darko buldioski at AllWeb

Мене лично најмногу ми се допадна презентацијата на Дејв Бирс (достапна на YouTube каналот) во која тој му рече збогум на дигиталниот маркетинг. И навистина, веќе одамна знаеме сите дека за помладите генерации не постои разлика меѓу онлајн и офлај, но тие помлади генерации веќе се потпораснати, а ние останатите здраво се „навлековме” на благодетите на дигиталната комуникација. Дејв умешно ја подели својата презентација на два дела. Во првиот дел ги уништи „дигиталците” за во вториот дел да истакне дека тие кои доаѓаат токму „од дигитал“ далеку подобро можат да ги разбираат навиките и однесувањата на денешните потрошувачи. Сè со цел да посочи дека мораме да се потрудиме да ги разбереме новите однесувања на корисниците и соодветно на тоа да подготвуваме комуникации и кампањи. „Дигитал не дигитал“ – воопшто веќе и не е важно.

За интеграцијата со емпириска поткрепа зборуваше и Павел Коленда од IAB Полска. Неговиот тим со помош на IAB Македонија оваа година за првпат го спроведоа digitalScope истражувањето. Во него, покрај нивото и навиките на користење на различни медиуми од страна на интернет корисниците, имаше и дел каде што се разгледува паралелното консумирање на повеќе медиуми (екрани) одеднаш. И токму таму се истакнува дека македонските интернет корисници се и над просекот од регионот. Видеото е достапно на YouTube, целосната студија ќе биде наскоро достапна преку IAB Македонија.

Дека интернетот не е изолиран канал за забава и комуникација нè потсети и Иван Миниќ од соседна Србија. Тој веќе неколку месеци е преокупиран со проектот mojafirma.rs преку кој стапува во контакт со голем број претприемачи од Србија. Но, она што го имаат сите тие заедничко е што во секој од бинзисите за кои тие пишуваат и кои тој ги претстави пред неколку недели на AllWeb интернетот има значајна улога. Без разлика дали е тоа локална пекарница специјализирана за изработка на кифлички или тим од млади луѓе кои преку интернет научиле да изработуваат оружје и оклопи инспирирани од новите хит серии, секој од нив, вклучувајќи го и актуелниот шампион во фрлање копје не би биле таму каде што се доколку немале многу голема волја и малку интернет.

Paul Papadimitiou at AllWeb

Одличен беше и Пол Пападимитиу кој зборуваше за иновативноста и за начините на кои треба да ја третираме и анализираме технологијата доколку сакаме да бидеме во чекор со времето. Излегувајќи од зоната на маркетинг и комуникации, Пол успеа да го задржи вниманието на публиката многу подолго од она што и ние како организатори го очекувавме.

AllWeb е подготвен за својот следен предизвик

Оваа година свесни за улогата на дигиталниот свет во целокупните бизнис активности се обидувме да ги прошириме за нијанса темите и да излеземе од стандардната мантра на проповедање двонасочна комуникација и присутност на социјалните медиуми. Пазарот си го бара тоа, а ние со конференцијата сакаме да биде секогаш напред во тој развој. Впрочем, затоа и постојат конференциите, за да мотивираат, да инспирираат и да едуцираат.

Често добиваме коментари за време и по самиот настан дека AlWeb изгледал како да не е во Македонија, дека во Скопје немало ништо толку добро организирано на тоа ниво. Ептен ни е мило кога го слушаме тоа, но во исто време и сакаме јасно и гласно да покажеме дека има простор да се понуди квалитет и силно да се турка напред пазарот во Македонија. Само треба решителност и упорност.

Те предизикувам да нè „натераш” да те видиме на сцената на AllWeb

Бесмислено е да се очекува промена за една или две години. AllWeb е само еден индикатор дека бизнис климата се менува, комуникациите се менуваат, пазарот се менува. Веќе не разговараме за техникалии и начини како да собереме повеќе фанови на Facebook, не се опседнуваме со најновото парче технологија. Луѓето кои започнаа пред повеќе од 4 до 5 години да работат во полето на дигиталните медиуми сега се подготвени сериозно да разговараат на тема стратегија, бизнис цели, корисничко/потрошувачко искуство, инвестиција и секако повраток на инвестицијата.

15 говорници, 250 посетители, 1000 твита, стотина медиумски објави, над 200 објави на Facebook и Instagram и само 10 часа во годината ни приближно не се доволни за цела година иновација и туркање напред. Добре дојдовте во светот на искуството, светот во кој не разликуваме онлајн и офлајн, светот во кој информациите ги преџвакуваме за милисекунда и во следната носиме одлука за купување.
Следниот AllWeb ќе биде на 18 ноември 2016 година. Следната година ќе одиме уште поквалитетно и поактуелно, веќе почнавме да ја полниме листата на говорници. Но, дотогаш, те предизикувам да бидеш најотворен што можеш, да експериментираш, да воведеш нови правила и да го дигнеш бизнисот на друго ниво, а со тоа и да нè „натераш” да те видиме на сцената на AllWeb.

Среќна нова…