Media & Marketing Blog

Змија, цивка, бипка, или ви llamadas pérdidas…

Новите технологии постапно не само што го менуваат општеството и релјефот на колективот околу нас, туку нé менуваат и нас корисниците на различни нивоа и во различни степени. Ова воедно е фокус на најголем број текстови и осврти за технологијата воопшто и кибер-културите, како и на новите технологии на кои сме сведоци. Најчесто останува потценета димензијата и самото значење на тоа како корисниците ја менуваат технологијата со тоа што ја употребуваат на најразлични начини, на кои сигурен сум ни самите креатори не ни помислиле дека можат да се случат.

Едно момче возбудено зашто го добило својот прв мобилен телефон било казнето зашто направило повеќе од 200 лажни телефонски повици до локалната противпожарна служба во јужен Виетнам. 24-годишниот продавач на бонбони Тран Мин Хај бил уапсен и казнет со 250 долари бидејќи направил повеќе од 200 лажни повици во јаунари, соопштија од полицијата. Хај рекол дека тоа го правел од мајтап зашто ова му бил прв мобилен телефон и не можел доволно да му се израдува (Вест, 2006, www).

Да речеме дека оној кој го осмислил и лансирал интернетот како ветувачки економски проект ни на памет не му паднало дека еден ден ќе се појави P2P феноменот во кој корисниците масовно ќе си разменуваат фајлови и содржини, или дека спам-мејловите ќе бидат толку масовна појава, а „penis enlargement“ насушна потреба. Едноставно, употребите на технологиите имаат свои неочекувани патишта. Во областа на мобилните телефони, таква креативна појава е бипкањето, т.е. употребата на ѕвонењето на телефонот како некој вид порака или свртување на вниманието.

“When someone beeps you, you know the reason.” (Jonathan Donner, The Rules of Beeping)

Во овој текст авторот посочува три типа на „титкање“: (1) јави ми се, (2) постапи по договореното, (3) мислам на тебе или нешто во таа смисла 🙂 Иако типологијата е интересна и издржана, често може да се случи да се појават употреби на мобилниот кои ја надминуваат неа, како да речеме титкањето на такси компании како стратегија да се привлечат повеќе муштерии.

Во секој случај способноста на корисниците креативно да ја употребуваат технологијата надвор од нејзините примарни или планирани употреби не треба да се потцени, како и нивната способност да управуваат со технологијата наспроти теориите дека технологиите само нé затапуваат и пасивизираат.