По што ќе ја памтиме дигиталната 2021 година?

Текстот е оригинално објавен во декемвриското
печатено издание на магазинот Економија и Бизнис

Крај на година, период кога нели пишуваме предвидувања за иднината или правиме пресек на оваа која поминува. Јас, ако не се лажам, мислам дека досега секогаш сум бил насочен кон иднината и сум пишувал и споделувал предвидувања, трендови и сл. Овој пат ќе направам спротивно. Дали затоа што годинава некако е повторно под сенката на пандемијата или поради нешто друго, не знам, ама дефинитивно знам дека не ми се прогнозира, туку ми се навраќа наназад и ми се резимира. Добро, на крај ќе имам една реченица и со трендови за 2022 година. 

На komunikacii.net изминатава година објавивме 46 прегледи во петок и јас за овој текст одлучив да ги прегледам уште еднаш сите, да видам кои теми најмногу сме ги повторувале, за кои најмногу сме пишувале и да се обидам да сумирам што важно се случуваше оваа година. 

Секако, на страна ќе ги оставам сите оние ситни и не толку ситни апдејти на апликациите и сервисите кои понекогаш знаат живот да значат и ќе се фокусирам на поголеми работи, настани и промени.

Ако ми успее да не се предомислам додека го пишувам текстов, мислам дека ќе успеам да ги сумирам работиве во 5 главни теми. 

1. Подемот и падот на Клаубхаус (Clubhouse)

Колку само далечно ни се чини денес кога го спомнуваме Клаубхаус (Cloubhouse), апликацијата која јавна на подемот на аудиосодржината и понуди нешто различно. Се појави во март минатата година, а веќе како да ја нема. Успеа да ги раздрма сите, да почне со затворена листа на корисници, па да се прошири од iOS и на Андроид, да ги измотивира големите играчи да ја копираат и на крај успеа и да падне. Сето тоа за помалку од две години. Суров е дигиталниов свет и бизнисот во него. И покрај тоа што конкурентни опции понудија Твитер, Фејсбук и Спотифај, а на тоа работеше и Амазон, сепак по сè изгледа трендот за аудиочет апликација не отвори толку голем простор и некако како да остана во фокус само Твитер спејсис (Twitter Spaces). Во секој случај Клаубхаус (Clubhouse) може да ни служи за пример колку е тешко денес да се бориш против џиновите на дигиталната економија. 

2. Приватност на интернет

Ова е преширока тема, тема која веќе неколку години наназад е една од најглавните. Сепак, оваа година имаше бројни потези кои го сменија начинот на кој станаа позаштитени нашите лични податоци на интернет, но и кои предизвикуваат големи промени во работата на маркетерите. 

Ако некако се обидеме да ја отсликаме оваа година низ призмата на борба за приватноста, тогаш дефинитивно ќе биме меч меѓу Фејсбук и Епл. По заштитата во iOS оперативниот ситем со која Епл не им дозволи на Фејсбук да ги следат корисниците, тие се решија на сличен потег и во нивната апликација за e-пошта со што се заканија на повторниот подем на е-њуслетерите (e-newsletter). Со овие потези, но и поконкретните примени на новите закони за заштита на лични податоци онлајн, оваа година најголемите платформи за огласување (Гугл едс и Фејсбук [Google Ads и Facebook]) мораа значително да ги кратат можностите по кои може, а се врши таргетирање на корисниците. Оваа година фокусот беше на едукација како да се надминат некои од овие препреки, како да се затворите во системите кои не зависат од т.н. колачиња од трета страна (third party cookies [читај комплетно да му се доверите на Гугл]) и како да се подготвите за интернет без колачиња. Оваа тема е далеку од завршена, ама оваа година навистина беше клучна за позиционирање на играчите. 

3. Економија на креаторите

Не знам како најдобро да го преведам creators economy, ама годинава сервисите кои им овозможуваат на креаторите да ја дистрибуираат својата содржина до нивната публика сфатија дека добар дел од трансакциите кои доаѓаат како награда за трудот не поминуваат низ нивните раце. Па така, покрај растот на индивидуалните креатори на содржина кои, секако, веќе некое време се сериoзен фактор на интернет, фокусот беше да се ископираaт уште некои помали сервиси како пејтрион, бајмиакофи (patreon, buymeacoffee) и сл. и да се пренасочат тие пари да поминуваат низ рацете на сервисите каде што се наоѓа самата содржина. Ова значеше тестирање со различни опции, пред сè на Јутјуб и на Твитер кои додаваа и трагаа по опции за бакшиш, награди, претплати и сл. Нема друга опција за овие сервиси. Ако сакаат дополнително да профитираат мора да се вклучат и во овој сегмент, да им олеснат на корисниците да не мора да ги следат своите јунаци на повеќе сервиси, а во исто време и да им обезбедат повеќе заработка на креаторите. Некако не ми изгледа дека ова им оди многу од рака, ќе видиме. 

4. NFTs − дигитализирана уметност

Годинава дефинитивно е и година на NFTs. Базирани на криптовалутите и блокчејн технологијата, NFT се токени кои даваат вредност на различни дигитални парчиња уметност. Добро, за очекување беше вредност да добијат и милион глупости кои понекогаш комплетно неразбирливо луѓето ги купуваат, ама тоа денес е сосема нормално, нели? Како револуција за уметниците овие токени беа навистина решение за голем број артисти, но брзо почна да се забегува и сега за неполни неколку месеци од нивниот подем имаме толкав хаос што е тешко да сфатиш каде е почетокот, каде е крајот и на каде се движи работава. Во секој случај, NFTs се во секое предвидување како тренд за 2022 година, а некои експерти предвидуваат огромен бум на NFTs во музичката индустрија. 

5. Метаверс (Metaverse)

Иако терминот беше познат од порано, се чини дека со гласините и подоцна со самото преименување на Фејсбук инк. (Facebook Inc.) во Мета (Meta) со што компанијата ја презентираше и својата нова развојна визија, Метаверс (Metaverse) доби многу поголем фокус. 

Виртуелниот мета универзум како преку ноќ да стана арена во која сите сакаат да бидат главни. Одеднаш по години постоење на повеќе вакви дигитални универзуми како да стана битката официјална. Се чини како да влеговме во ново продолжение на „Хајлендер“ и секоја вест како да ни доаѓа со пораката: Ќе има само еден (Тhere shall be only one). Може да има само еден мета универзум и сега е време да се бориме кој ќе биде тој. Фејсбук, секако, сака тој да биде креатор, но игрите како Роблокс (Roblox) и Фортнајт (Fortnite) се чини дека се далеку пред него во ова. Соработките со големи брендови, музичари и уметници кои сè почесто премиерно се појавуваат во овие виртуелни светови нè водат чекор поблиску до новата реалност која може за некоја година нема ни да ја викаме мета, туку ќе си се слее во другава реалност. Во 2021 година беше означен стартот на битката, не верувам дека крајот ќе го видиме во 2022 година, но секако останува со фокус да следиме затоа што навистина станува интересно. 

И за крај, иако сè што наведов претходно како пресек за 2021 година може да се припише како предвидување и тренд за 2022 година, сепак ќе додадам уште една работа која мислам дека ќе биде важна, иако не во толку широки кругови. Станува збор за програмирањето без код (No-Code) кое зема замав сè повеќе. Овој тренд следната година ќе добие уште поразвиена инфраструктура и ќе се обиде да им овозможи на сите кои немаат програмерски вештини сами да креираат свои апликации и сервиси. Ако ова се случи, тогаш можеби ќе може да се надеваме на идина во која нема толку многу да чекаме на техничките лица да ги предводат општествените иновации. Не звучи лошо тоа, а?

Секој петок во твоето сандаче: преглед на најактуелните маркетинг, SEO, SEM, UX, дизајн теми и линкови од претходниот недела.