Најчести манипулативни и спин техники во медиумите

mediumi-manipulaciiМанипулирањето со значењата е многу честа појава во медиумите. Иако, навидум, текстовите и содржините не ви се сомнителни, во нив често се вградени скриени техники кои треба да ве наведат нешто да протолкувате позитивно, негативно или пак да заборавите на важноста на нешто што воопшто не е ни спомнато. Суштината на мианипулацијата е да ве наведе на рутина во читањето или гледањето која ќе ви оневозможи да ги видите деталите од процесот и вистинските ефекти од него.

Спинот е само поттип на манипулацијата со значењата. Тој се обидува да ги измести или изврти интерпретациите од неутрални во позитивни или негативни, од негативни во позитивни или неутрални, или пак од позитивни во негативни или неутрални.

Техника 1: Селективни информации

Најопасни лаги се оние кои се делумни. Дезинформациите кога се изложени на увид без поткрепа од други точни информации лесно се откриваат дека се лажни и манипулативни.

Правила:
-наведи една информација и додади 2/3 дезинформации или измислици.
-од достапните инфoрмации избери ги само оние кои ти одговараат, а другите игнорирај ги и не ги споменувај.
-информациите кои ти одговараат стави ги во насловот и истакни ги што може повеќе.

Техника 2: Лажни асоцијации

Лажно асоцирање е манипулативна техника во која два поими наменски се доведуваат во врска за да се постигне одреден ефект или значење, иако во стварноста самите поими немаат реална поврзаност или пак таа е многу слаба.

Правила:
-Доведи во врска (активна, причинско-последична, персонална, или каква било друга) две нешта на начин кој ќе предизвика реакција која ти одговара.
-Ако има слаба врска помеѓу две нешта направи ја посилна за да предизвикаш реакција која ти одговара.

Поттипови на лажното асоцирање се сатанизацијата (оцрнувањето, дехуманизацијата) и глорификацијата (воспевањето, фалењето):
-одредена грешка претстави ја како дело со задни или злобни намери на лик/група без морал и човечност.
-одредена постапка претстави ја како крајно позитивен чин на лик или група кои имаат извонредни хумани, морални, работливи, патриотски или други позитивни одлики и особености. Нивните дела претстави ги како вонсериски и возвишени чинови.

Мал поттип на овој тип на манипулација е емпатијата, т.е. претставување на некој лик како обичен, близок до тебе, кој многу работи, и затоа греши. Се работи за создавање на чувства на блискост.

 

Техника 3: Еуфемизација

Еуфемизмот е ублажување на реалното значење, постапка или збор/говор со цел да се неутрализира негативната конотација или пак да се предизвика позитивна конотација.

Правила:
-некоја постапка, лик, збор/говор претстави ги како дело со добри цели, потисни ги ефектите од него.
-лоша постапка, лик или збор претстави ги како редовна појава која е нормална и се случува постојано.

Техника 4: Наклонети експерти

Една од најкористените манипулации е користењето на експертите за да се пласираат содржини кои треба да ја убедат публиката на начин кој му одговара на новинарот.

Правила:
-Мислење од стручно лице може да се побара само ако постои висок степен на предвидливост на неговиот став.
-Експертот треба да изгледа дека е централен лик, но во суштина тој треба да ја подржи веќе смислената приказна на новинарот.
-Мислење од стручно лице може да се побара ако постои некаков вид на врски по пријателска, бизнис, политичка или идеолошка линија.
-Ставот на стручните лица медиумски се инструментализира за исполнување на новинарско-уредничката цел.
-Експертот треба да ја каже приказната на новинарот, но со свои зборови кои ќе вредат повеќе заради позицијата или авторитетот на експертот.

Техника 5: Тривијализација, дефокусирање и игнорирање
Многу ефикасни техники на манипулација се оние кои се засноваат на вртење на вниманието кон некоја појава или личност, само со цел да се заборави некоја друга појава, настан или личност.

Правила:
-Зборувај или пишувај за личности или појави кои се вклопуваат во просечните сфаќања и очекувања на публиката , нешто што ги потврдува нивните искуства.
-Зборувај или пишувај за крајно емотивни или негативни постапки на личности или групи кои се контроверзни или за кои постои поделено јавно мислење.
-Зборувај или пишувај  за тривијални, небитни нешта претставени како интересни, скокотливи или нешта кои ги проблематизираат локалните табуа и поттикнуваат сензационализам.
-Зборувај или пишувај за вонредни работи, чуда, восхитувачки постапки или личности кои ја стимулираат имагинацијата на јавноста.

Техника 6: Лажни извори

Ненаведувањето на изворот на информации или недоволно прецизно наведување лесно може да се искористи за објавување на шпекулации или измислици. Претставени како изјави или информации од ненаведени извори тие имаат за цел да ги „прошверцуваат“ како валидни и проверени информации.

Правила:
-измислицата стави ја во контекст кој е реалистичен за да не се забележи дека е без валидност.
-наведи дека е од „неименувани“ личности, групи, експерти, функционери.
-наведи дека измислицата е од генерички или општи типови социјални групи или фактори

Техника 7: Именување (етикетирање)

Именувањето е една од најчестите манипулативни техники во медиумите со која каков било аргумент на одредена страна од настаните се игнорира или потиснува заради фактот што ја изрекува одреден субјект кој е претставен како негативен или невалиден. Етикетирањето врши манипулација со тоа што му наметнува на читателот или гледачот дека „не е важно што е кажано, туку важно е кој го кажува тоа“.

Правила:
-Земи збор или термин кој има крајно негативни конотации и употреби го за именување на противникот или таргетираните личности/групи
-играј се со стереотипи, посебно со негативните стереотипи

Техника 8: Криење на авторство

Кога треба да се пласира некој нарачан политички или комерцијален текст, кои треба да ја наведат  публиката на позитивни или негативни реакции, се објавуваат содржини без потпис и авторство.

Правила:
Објави го текстот кој треба да ги предизвика посакуваните реакции и не се потпишувај -стави иницијали, или пак скриени форми на именување, како на пример, редакција.

Техника 9: Врамување

Кај врамувањето се користи стеснување на контекстот или пак вадење од еден и ставање во друг контекст. Се користи фрагментарното фокусирање на настаните со цел од реалните околности и настани да се исклучи, маргинализира или релативизира значењето и ефектот на одредени фактори кои се суштински дел од тие настани. Врамувањето врши поттиснување и прикривање на важни аспекти на проблемите за кои се информира.

 Правила:

-земи го делот, реченицата, текстот кој ти oдговара и истакни го како најважен.
-земи дел, реченица, текст и стави го во друг контекст кој на реченицата ќе ѝ даде позитивно или негативно значење кое ти одговара.

Техника 10: Мешање на информација и коментар

Една од најчестите техники за манипулирање е мешањето на информациите со уредничките или новинарските коментари. Целта е коментарите да се прифатат како информација.

 Правила:

-Кажи ја информацијата и веднаш наведи го коментарот кој треба да се надоврзува на информацијата со некој „логичен“ или очекуван однос.

-Кажи ја информацијата и веднаш додај го коментарот кој ќе ја наведе публиката како да ја интерпретира веста. Понуди ѝ, наместо да размисли самата, готово решение на дилемата.

За примени на некои и дел од овие техники во Македонија погледни во постовите од архивата на блогот „Комуникации“: Пропагандни техники во Македонија (1), Пропагандни техники во Македонија (2) .

Ако си посведочил некој специфичен вид на манипулација или „спинување“ слободно сподели го тоа во коментарите.

Секој петок во твоето сандаче: преглед на најактуелните маркетинг, SEO, SEM, UX, дизајн теми и линкови од претходниот недела.

4 Comments Најчести манипулативни и спин техники во медиумите

  1. Mister Medium 19/01/2013 at 12:01

    Ova kako da e napisano se za Latas televizija, od prvata do poslednata tocka, cista manipulacija so narodot, koj ne sfaka so sreka neka mu e …..

  2. Toni 19/01/2013 at 12:07

    mnogu dobar tekst.tolku mnogu manipulativni tehniki prepoznav vo mediumite koi ja poddruvaat aktuelnata vlast.neverojatno kolku mnogu raboti se poklopuvaat.
    ottuka moze da svatime kolku demokratija i vistina ima vo seto toa i kolku potreba od prikazuvanje na lagata kako vistina.ama koga ovoj narod ke se osvesti?

  3. Janko 19/01/2013 at 15:42

    Одличен текст. Поопширно за техниките за манипулирање може да се прочита во книгата со наслов ‘Другата страна на моќта’ објавена на македонски јазик во Магор.

  4. Vasko 19/01/2013 at 15:42

    I obratno. spinuvani vesti izleguvaat od site opoziciski vesnici pisuvani i elektronski koi gi plaka opozicijata a za da ja ocrni vlasta. Taka sto tekstov e ok za site obicni citateli da umeat da otkrijat spinovi okolu sebe.

Comments are closed.