На другата страна од интернетот

Во оваа 2012 година веќе научивме дека сме од поодамна зацапани во дигиталната револуција, дека светот станува се поповрзан, технологијата навлегува во сите пори од нашето живеење, интернетот е од поодамна доминантно место не само за комуникација, туку и за деловно работење, рекламирање и водење политика. Во комуникологијата обично се вели дека старите медиуми не изумираат, туку остануваат да опстојуваат на различен начин. Некои се прилагодуваат, некои прифаќаат дел од новите техники и технологии, некои добиваат носталгично место во нашите животи и така редум. Печатот можеби не е доминантен медим во дневната соба, но можеби повеќе го читаме на работа. Радиото станува омилен медиум во нашите автомобили, телевизијата се дигитализира, а телевизорите се и на прагот да станат последната технологија која ќе го добие префиксот смарт.

Сето ова е интересно и возбудливо, но што се случува со оние меѓу нас кои и не се така ентузијастични да ги јаваат брановите на овие револуционерни процеси? Тој свет е многу интересен, на свој начин, откачен во поинаква смисла од интернет откаченоста, та да фрлиме малку поглед, белким може нешто и да научиме од него. Еве неколку импресии од секојдневието на оние кои не сурфаат:

Контактните емисии се нивен твитер

Дали е тоа Здраво Македонијо, Бумбар, Овде и(ли) сега, Јади бурек, за неинтернетџијата од Македонија овие емисии се неговиот комуникациски канал да му прати на светот куси пораки за кои ние обично го користиме Твитер. Не се ограничени на 140 знаци, но сепак се ограничени малку поинаку: некогаш од темата, некогаш од водителот, а некогаш и од погодноста на тоа што го зборуваат. Си имаат и reply (да му одговорам на претходниот гледач), old RT со коментар (како што кажа претходниот гледач), нов RT (наполно се согласувам со госпон Петко за ова со Грците), favorite опции (бело бумбарче) и така натаму. Со вакви програми овие уважени сограѓани чувствуваат дека не пропуштаат многу од светот качен на интернет.

Сапуниците се нивни социјални мрежи

Сапуниците се основно средство за вмрежување на овој дел од пучанството: без изгледана серија просто не можете да се „логирате” во овој свет: сериите се менуваат, но принципите остануваат: дали ќе ѝ прости, чиво е бебето, што ќе смисли мајка му да ја спречи венчавката, кој кому е татко, брат, мајка, сестра, каква тајна крие градинарот или слугинката, и така во бескрај. Муабетите разврзани од овие содржини се самата платформа за социјализацiја од кафе пиење до рандом муабети во автобус.

Вестите сé уште се врвот

Гледање вест сé уште е врвот на граѓанското учество во јавните работи. Кому му треба интернет со вести на секој саат? Поискусните ги знаат термините од 9 сабајле, па до полноќ. Со добро пилотирање на далечинскиот, ниту една вест не може да помине нерегистрирана! Сега, заради оваа нанаситност од гледање вести, овие корисници имаат тенденција да ги монополизираат домашните телевизори и со тоа да предизвикуваат конфликти со останатите домашни (обично се манифестира со држење на далечинско цело време). Свесни за овие практикалии, нашите телевизии успеваат да најдат начини како да зберат што поголем број гледачи.

Еве на пример МТВ покрај програмата што оди, паралелно пуштаат скролови со различни информации за тоа што прави Владата, министрите, и слично, што им овозможува на домашните да погледнат некој филм додека дедото на пример, ја добива својата редовна доза информации. Или пак последниот тренд, спојување вести и сапуници: дедото гледа вести и оп, свадба среде вести, па трчаат сите да видат кој кого ќе побара за жена, дали некој јавно ќе раскине некому, дали ќе пукне абер кој со кого се швалерисува, кој кого повеќе ќе исплука на прес и други си креативни форми на хибридизација на тв жанрови.

Риалити шоуа се нивниот Youtube

И конечно, шоќетие Youtube со толку реални шоуа на нашите медиуими (башка мачки и кучиња можеш да гледаш колку сакаш кај Мелита)? Зарем ти фали нешто по гледањето на Големиот брат, Фарма, Прељубници, Превари, Моменти на вистината? Секако не. Доживеалиците и скандалите од овие програми, провокациите и скокоткањето на сите сетила и играње со моралните вредности се повеќе од доволни за да никогаш не посакате нешто поразлично (а подобро секако нема).

Секој петок во твоето сандаче: преглед на најактуелните маркетинг, SEO, SEM, UX, дизајн теми и линкови од претходниот недела.

1 Comment На другата страна од интернетот

  1. Alex De La Force 26/01/2012 at 19:56

    Добар Сеад, добар. Worth a share. 😉

Comments are closed.