Сè повеќе информации, сè помалку знаење

Да усвоиш какво било знаење ти требаат информации. Да научиш, на пример, нешто за Јапонија, ти требаат многу информации за оваа земја, за нејзината историја, географија, демографија, култура, кои се обичаите, каква е храната, јазикот, уметноста, религијата и многу други податоци. 

Но, информациите не се доволни. Денес живееме во време на инфлација на информации, а дефлација на знаењето. Како е тоа можно?

Техно-оптимистите нè убедуваат дека доволна е технологијата, купете го најновиот паметен уред и преземете колку сакате информации, наведувајќи нè да мислиме дека информации и знаење е едно те исто. 

Но, не е баш така. Ветувањата на техно-оптимистите се покажуваат само како добар маркетинг за новите дигитални уреди. Знаењето е вештина да се наоѓаат, бираат и да се користат информациите за некоја цел. Неопходно е да ги бирате вистинските информации, да ги разберете врските помеѓу информациите и да ги вклопите во одредена целина. Кога ќе се оспособите да го правите ова може да се каже дека се здобивате со знаење. Информациите за секвенцата на ДНК кај короната на обучен виролог може да му помогне да дојде до терапија или пак и вакцина, но за нас останатите таа информација нема никакво значење. 

Бирањето и употребата на информациите станаа многу посложени

Информациите денес се релативно лесно достапни, но нивното бирање и корисна употреба стана многу посложени и главно се препуштени на самоснаоѓање. Образовните системи сè уште се базираат на пренесување информации, а многу помалку на учење како да се бараат, бираат и да се употребуваат информациите. Знаењето станува колатерална штета на ентропијата на информациите, а нашите општества се пропаднати во тој јаз помеѓу информациите и знаењето.

Умберто Еко вели: „Секој може да најде и да сочува некоја информација, но да одлучиш која информација да ја сочуваш, тоа веќе е суптилна уметност. Премногу информации создаваат конфузија, бучава, а потоа следува штама“. 

Покрај образованието кое каска зад реалноста, алатките кои сега ги имаме за справување со разните цунамија од информации не се доволни. Google ќе ви помогне да пронајдете информација која ја барате, но не може да ви помогне да ги поврзете до крај. Згора на тоа, непотребните информации можат да ве затрупаат. Алгоритмите ќе внесат некоја логика во информациите кои ви се сервираат, но и тие се далеку од алатка за лесно знаење.

Во пракса тоа обично некако оди како во вицот за Петко на онлајн час кога наставничката го прашала како загинал Цезар. Гуглал Петко гуглал, барал линкови и информации, па по некое време како од пушка одговорил: „Па наставничке, Цезар загинал кога син му Брут му пришол од зад грб и со нож го направил салата!“.

Комуникација не е само пренесување информации

Знаењето денес потешко се развива не само затоа што не сме доволно обучени како да се бираат и да се поврзуваат информациите. Самиот нивен квантитет е многу важен исто така. Многу полесно е да најдете една информација помеѓу 10, отколку помеѓу 100, 1000 или 10000 други информации, макар во тоа ви помагал извонредниот пребарувач на Google. Ако информацијата која ви треба не се наоѓа на првите две страници од вашето пребарување, до неа најчесто нема ни да дојдете. Да, алгоритмите на Google помагаат, но и ограничуваат во исто време. Ако се препуштите само на нив, знаењето обично останува недосегливо. 

Комуникацијата денес е далеку побрза и научени сме да бараме инстантни резултати. Ако не ги најдеме веднаш, се откажуваме и од информациите и од знаењето. Потем, знаењето е сè повеќе специјализирано и комплексно до кое доаѓаат мал број луѓе по долгорочно акумулирање вештини и знаење за една тесна област. Често се случува знаењето да има кратко век на трање. На пример, ќе научите како да користите некоја опција на социјалните мрежи како да привлечете повеќе следачи, но преку ноќ со еден „апдејт“ на апликацијата сфаќате дека тоа повеќе не функционира. 

Но, маките не завршуваат ниту со борбата за знаење. Комуникацијата не е само автоматско пренесување информации. Собираме информации и бараме знаење за нешто што нè интересира на подлабоко ниво, сето тоа треба да има некаква смисла. Барам информации за Јапонија затоа што ми се допаѓа таа култура, можеби сакам да живеам таму, имам пријатели во таа земја, имам испит по географија или слично.

Соочени со овие комуникациски предизвици во креирање на тријадата ИНФОРМАЦИИ-ЗНАЕЊЕ-СМИСЛА, често се случува неуспехот во тој потфат да го замениме со нешто што ќе ни даде привид или чувство дека „знаеме“.

Некои од најчестите субститути за знаењето, кои редовно се манифестираат при неуспешното комуницирање на социјалните мрежи, се:

(а) Замена на знаењето со мислења (Тоа јас што мислам, тоа е вистината и крај!).

(б) Замена на знаење со „квази-смисловни наративи“, т.е. поедноставени објаснувања за сложени теми, како на пример теории на заговор (Бил Гејц!).

(в) Персонализирани верзии на „знаењето“ креирани во нашите ехо-комори (вистината е она што јас го комуницирам со моите пријатели и оние кои се согласуваат со мене).

(г) Лажно знаење креирано врз лажни информации за креирање лажни реалности (т.е. наменски симулации на реалноста, еден вид виртуелни политички реалности во кои имате парадоксални ситуации каде толпи го напаѓаат Капитол хил под изговор дека се борат против фашисти, додека другата страна ги обвинува дека тие се фашисти).

Комуникациски живееме во ера на преинформираност и лажни знаења кои ни создаваат чувство дека знаеме, но не ни даваат вистинско знаење кое може корисно да го применуваме. Чесно е понекогаш сократовски да си признаеме оти знаеме дека не знаеме. Тоа што ги имаме сите информации на дланка не е доволно.

Секој петок во твоето сандаче: преглед на најактуелните маркетинг, SEO, SEM, UX, дизајн теми и линкови од претходниот недела.