„НВО Инфоцентарот“ и „Центарот за нови медиуми“ во ноември и декември 2010 спроведоа мониторинг на информирањето на домашните медиуми за т.н. „случај А1“ и за „случај МПМ“. Целта на овој моноторинг беше да се набљудува и анализира почитувањето на професионалните новинарски стандарди во информирањето за овие настани. Мониторингот беше спроведен во три периоди: „Случајот А1“ беше мониториран во периодите25 ноември – 2 декември и 24 – 29 декември 2010 година, додека „Случајот МПМ“ беше мониториран во периодот 13 – 21 декември 2010 година. Во мониторингот беа вклучени седум дневни весници: „Утрински весник“; „Дневник“; „Вест“; „Вечер“; „Време“; „Нова Македонија“ и „Шпиц“, и централните информативни емисии, на седум телевизии со национална и сателитска дозвола: „А1“; „Канал 5“; „Сител“; „Телма“; „МТВ1“; „Алфа“ и „Алсат М“.
Професионални начела на информативните медиуми прегазени
Генерална оцена која произлезе од анализата е дека почитувањето на вистината и точното информирање на јавноста, како најважни професионални начела на информативните медиуми, беа сериозно прегазени. Медиумите во голема мера наместо кон информирање се приклонија кон предумислено, критикување, заложување убедување преку користење на широка палета реторички средства и техники за манипулација. Новинарите често ги прекршуваа правилата за необјавување на непроверени и погрешни информации, како и информации кои се искривени или заведуваат. Најчест метод на нарушување на професионалото информирање беше т.н. „врамување“, односно наменско селективно покривање на одделни аспекти од настаните и актерите. Генерално, овде се подразбира методот на информирање за еден аспект или неколку од нив кои се дел од настаните, додека другите актери, влијание и слично се целосно испуштени. Аспектите на настаните кои недостигаат делумно се покриваат со пренесување на ставовите на актерите во настаните без критички или аналитички приод кон самите извори на информациите, додека она што не се спомнува во извештаите се третира како неважно, а вниманието на публиката се фокусира во друг правец.
Во директна спрега со врамувањето е „интензификацијата на селективните пораки и информации“, односно приклонување кон емитување и објавување обемни и фреквентни информации и содржини кои се селектирани преку врамувањето и кои имаат цел да нападнат некој од актерите или другите спротивставени медиуми. Со интензивно повторување и целосно насочување на вниманието на публиката, медиумите користат техники на убедување кои се многу поблиски до рекламните отколку до информативните содржини. Токму поради комбинирањето на селективноста и интензификацијата, информациите за настаните се разликуваат во драстична мера. Врамувањето се огледа и во изборот на тоа кои коментари од странските извори или од анкетираните граѓани треба да се емитуваат. Коментирањето, приложувањето непроверени информации, голем степен на непрецизни или ненаведени извори, исто така, се покажаа како фактори кои влијаат врз лошиот квалитет на информирањето за мониторираните настани. Се случуваат дури и комични контрасти во кои едните медиуми известуваат дека „Европа е многу загрижена за овие случаи“, а други да известат дека „Европа воопшто не се осврнува и не ги смета за важни овие настани“.
Гледачите насочени кон преферираните интерпретации или заклучоци
Клучна улога во функционирање на врамувањето и запоставувањето на целовитоста во информирањето имаат и самите актери во настаните, кои селективно се појавуваат во медиумите кои се поблиски до нивната странаи ставови. Овде станува збор за сегрегација на т.н. „пријателски“ и „непријателски“ медиуми, како начин да се контролира протокот на информации со што се постигнува т.н. „монополизација“ на информациите. Во прилозите и написите често беше констатирано дека не постои јасно посочување на тоа што е факт и информација, а што е новинарски коментар или став. Беше регистриран беше висок степен на вклученост на различни извори и соговорници, но тие се вклопуваат во реторичката стратегија на медиумите наречена „лажен “ или „формален баланс“, во која анализираните медиуми преку пренесување информации од различни актери го исполнуваат формалниот предуслов за објективно информирање, но преку разни други техники вешто ги насочуваат гледачите кон преферираните интерпретации или заклучоци. Најчеста техника во овој контекст е коментирањето како директно средство за да се насочи интерпретирањето на понудените информации, а присутни се и други техники.
Медиумите сериозно ја загрозија довербата на јавноста во нив.
Драматизацијата, поттикнувањето страв и хистерија, исто така, се покажаа како чести методи за насочување на впечатоците на јавноста. Забележана беше и наменската контекстуализација во која информациите се ставаат во некој поширок контекст, според процена на новинарот или уредникот, без да се наведат соодветни информации. Новинарите се впуштаа и во пежоративно коментирање и малициозно инволвирање во самите настани со низа вербални и графички материјали. Употребата на стереотипите како средство за заведување на публиката беше, нотирана во редица случаи. Извештаите за настани за кои се води истрага или за кои се чека судска пресуда, иако мора да бидат ослободени од субјективни и тенденциозни новинарски прилози и коментари, сепак беа често предмет на коментари и шпекулации. Имињата и идентитетот на осомничените лица беше јавно циркулирано од неколку медиуми.
Сумарно земено, кршејќи го човечкото и професионалното достоинство на овие и бројни други актери во случувањата, медиумите, всушност, најмногу го погазија сопственото достоинство и сериозно ја загрозија довербата на јавноста во нив.
Во прилог еве и видео запис од презентацијата на резултатите, како и линк до целосната верзија на анализата (PDF, 450КВ): „Анализа за известувањето на македонските медиуми за случаите А1 и МПМ“.
Pingback: Tweets that mention [анализа] Медиумите го погазија сопственото достоинство | К О М У Н И К А Ц И И -- Topsy.com
Одлична анализа која конечно претставува вистина кога станува збор за информативни медиуми бидејќи се друго е една испревртена слика.
Во резултатите ги гледам и причините кои кај мене како еден индивидуалец доведоа во последните 4-5 години воопшто да не гледам, слушам и читам информативни.медиуми. Од некој кој купуваше 4 дневни весници, неколку неделници и ги следеше сите вести на ТВ денес сето тоа е сведено на 0. Можеби и токму таа разновидност која ја читав во приближно исто време за приближно исти информации со сосема различни конотации ме предизвикаа за еден ваков чекор.
Драган ти благодарам на искрениот коментар, за кусо врме ќе ставиме линк до целото истражување со примери кои ги илустрираат сите заклучоци, позз.