Црвенкапчо

Во една далечна земја, зад седум гори, си било еднаш едно дете, Црвенкапчо. Така го викаа зошто имаше капа од Чикаго Булс. Еден ден мајка му го повика и му кажа crvenkapco.jpgдека на баба си, која живееше на другиот крај од нивниот крај, треба да и однесе нешто. „Што е тоа?”-праша Црвенкапчо. „Тоа е специјален рисивер, на баба ти и се расипа стариот, за да може да гледа сателитска, а во исто време е и рутер со кој ќе има интернет и ќе може да сурфа на својот лап-топ”. Аха, добро, кажа Црвенкапчо и се зададе кон баба си. За да стаса до неа требаше да помине низ една шума. Црвенкапчо не се плашеше и зачекори во неа. Тука почнаа сите негови белји…

Дур си одеше по својот пат пред него застана една пригода која го сопре,. „Кој си ти?” праша Црвенкапчо, „Јас сум Мртв, а ме викаат и јавен сервис”, се претстави и го праша каде оди. „Одам кај баба ми и и носам рисивер”. Аха, рече Мртв, се замисли па му кажа. „Што ќе и е на баба ти рисивер, кога може да си гледа МРТВ, има три канали, има на МРТВ вести 7-8 пати на ден, има Бушава азбука да си гледа, документарци од седумдесеттите, студиски концерти на Калиопи од 80-те, и сешто”, „Ама тоа старо е – кажа Црвенкапчо – имате нешто ново? „Како не – врати Мртв – има К-15, имаш НБА, имаш реално шоу „Парламент”, тука се 120 души во една куќа и им даваат разни задачи од Влада и овие се натпреваруваат, се караат и тепаат, супер интересно е”. „Ех, се насмеа Црвенкапчо, ќе и изрежам на баба ми едно ДВД со К-15 од пазар што си купив, НБА ќе си гледа на сателитска со коментатори што знаат да ги изговараат имињата на играчите, а за реалново шоу, бајато е тоа, ништо ново не се случува, исти фаци, исти работи, сто пати имам гледано тоа, глупости”. Мртв се растажи, но Црвенкапчо го поздрави и си продолжи по својот пат.

Малку потоа, оп-стоп, пред него испадна една друга пригода. „Кој си ти?”, „Јас сум А1″. И овој го праша кај оди, а откако Црвенкапчо му кажа оти оди кај баба му со рисивер, А1 се замисли та му кажа: „Ами што ќе и е рисивер, нека си гледа А1, најдобрата телевизија, имаш сапуници колку сакаш, шпански, мексикански, венецуелски, и хрватски еден куп, уживанција, имаш вести од новинари кои се ем тв-новинари, ем пишуваат за весник, замисли колку се добри тие, ехееј, па имаш Топ шоу, со различни ликови, машки, женски и други. Па имаш Астрологија и јасновидци, англиско првенство, имаш емисии за оговарање како другите се облекуваат, и многу-многу други работи, а имаш реклами за домашни евтини сокчиња, грицки, масла за домаќинство, убавини”. „Ах, одговори Црвенкапчо, баба ми не гледа англиско првенство без Мурињо, сапуниците ги има сите гледано на странски телевизии, вести со ѓон-црни хроники не ја интересираат, а ако сака да гледа дебели дечиња како се глупираат ќе појде до Action Park”. И си тргна Црвенкапчо по својот пат, му кажа да им плаќаат придонеси на вработените и си продолжи по своето џаде.


Ни миг ни два, ете ти пред него пак некој. „Јас сум Дневник, најдобар весник”. Откако чу каде се задал Црвенкапчо, Дневник му кажа следново: „Ма не и треба на баба ти ништо повеќе од нашиот весник, има таму најдобри наслови на свет, со досетки и игри на зборови, најдобри се!”. Црвенкапчо не го одважи ни со одговор, па си продолжи. „Дур не направат интернет издание како треба, а бе ич не ме интересира, си помисли. Една-две, ете ти пред него ново лице, Јас сум Фокус, неделен магазин! „Убаво, а што правите вие?” Па ние секој број го имаме Бранко на насловна, и ексклузивно откриваме афери за него, неговото семејство и сите што се дел од неговата мафија!”. -А бе бркајте работа, му кажа Црвенкапчо колку да му станат работите појасни, која будала ќе ве чита вас и вашите лични расправии- па си продолжи по пато (регионалнио пато). Оп, кога од зад него искокна еден друг – Јас сум Вест, и кај нас имаш најдобри насловни, со убави теткици, и разни други тривијалности– Ха, Црвенкапчо, само одмавна со глава и му возврати – Баба ми не ја интерсираат така голи информации – и си продолжи понатаму.

Не си направи ни 5-6 чекора ете ти пред него нова лики и прилика. „Здраво јас сум Сител ТВ!”. „Здраво нека ти е непознат дорбронамeрнику! Туку што правиш ти?”. „Јас сум една фина телевизија на која можеш да си најдеш многу забавни програми, главната ѕвезда ни е Латас и неговите научно-популарни емисии, „Дневник”, featuring Ивона Талеска. Па тука е и Лила зад која секогаш се крева ѕвездена прашина или нешто слично, со уште едно шоу од својата ризница на грандиозни шоуа, па имаш шпанско првенство, ги имаш Тончи и другар му, ма saso mange!” – А бе ој си легнете, Латас ставете го во филмска редакција, СФ по можност, не ги крадете преносите од Шпанско, а на Лила дајте и да води детска емисија, оти до таму и е репертоарот на прашања за гоститѕе, и ај чао!

И така прилично разочаран од овие опструкции Црвенкапчо си продолжи…Негде на следната кривина се појави нова пригода и му се обрати – „Здраво, Црвенкапчо!„ – А од каде ме знаеш? – праша изненаден од ова. -Па ние имаме сегде камери ставено и ги гледаме луѓето, и знам дека одиш кај баба ти, но остај тоа, да ти се претставам, јас сум Кабловска ТВ!. – Аха колку убаво, а што правиш ти?-праша Црвенкапчо. -Па ние им нудиме интересни програми на гледачите, и тоа е најдобро за баба ти, верувај ми, имаме турбо фолк колку сакаш, и српски и бугарски, имаме директни преноси од романска втора лига во фудбал, имаш супер возбудливи канали за лов и риболов на јазик кој го разбира 0.05 посто од гледачите, па имаш сапуници и све! Црвенкапчо му кажа едно историско не и си продолжи кон следната кривина во лево.

И кога виде дека зад кривината го чекаат уште едно чудо ѕверки од медиумската шума, беше тука и Форум, Канал 5, Вечер, Алсат, Скајнет, и други, ама сега тој па никако немаше Време за нив и се стрча за да им избега. Почнаа и тие да го бркаат, па кога виде дека ќе им избега почнаа да маваат по него со разни реклами, владини кампањи и други тврди предмети кои можат сериозно да те повредат, но за среќа тој добро изманеврира и им избега. И си влезе во куќичката на баба ми и што да види, баба му залегната во креветот, ма анекако чудно му изгледаше. Некако ептенски поинаку. Па ја праша:

-Бабо, бабо зошто ти се толку големи ушите?
-Телма знае, му одговори таа.
-Бабо, бабо, зошто ти се толку големи забите?
-Телма знае, синко.
-Бабо, бабо а зошто ти се толку големи очите?
-А бе ти кажав, глув ли си, Телма знае!
-А бе ти не си баба ми – му светна на Црвенкапчо – ти си Виктор Грозданов од АПЕЕМ, а бе станувај од тука и кај е баба ми?!? – му мавна една заушка.

И штом паднаа маските, Виктор Грозданов го фрли пењоарот на бабата и токму кога сакаше да му скокне на Црвенкапчо, оп пукна нешто на врата, и влезе еден голем батко со автоматска пушка и пет шест камери околу него. „Јас сум од МВР а ти ќе одиш во апс, камери снимај! И додека чиче Виктор не знаеше што се случува, го грабна чичето полицаец и го изнесе на низ врата со нозете напред. Камрите му удрија сеир, и си заминаа по редакции. „Така и му треба, кога ги малтретира обичните граѓани и граѓанки”, си кажа Црвенкапчо.

И пребара низ собата и ја виде баба му врзана под креветот, измлатретирана, истоштена и фрлена од претставниците на медиумите. Ја одврза Црвенкапчо и и кажа, „Бабо не се секирај ,ти донесов рисивер и рутерче и нема повеќе да те малтретираат овие никаквециве!

И така бидна и си живееја долго и среќно!


Секој петок во твоето сандаче: преглед на најактуелните маркетинг, SEO, SEM, UX, дизајн теми и линкови од претходниот недела.

5 Comments Црвенкапчо

  1. dok 08/02/2008 at 13:21

    Сеад, поилутративно не можел и да си сакал да го прикажеш медиумскиот калабалак во нашава „државичка”.

    Единствено штета е што медиумиве комуницираат еднонасочно со својата публика, па така сега ќе имаш 10-тина коментари од истомисленици и никаква реакција од „уредниците”. Можеби некој од техничка служба ќе влета со коментар и ќе каже како ќе го подобрат сајтот или телетекстот и тука ќе заврши сè.

    Дај Боже да грешам

  2. sead93 08/02/2008 at 13:48

    dok, колку и да е „сказнава“ на весело, сепак во право си дека нема да се смени ништо. Но нека стои како запис на една состојба, а за промените, на подобро, треба повеќе активност пред се во двонасочна смисла, како што велиш. Фала за мислењето.

  3. Бојан 11/02/2008 at 01:23

    Добра приказна. Колку што е смешна, толку е и вистинита.

    Поздрав.

  4. melbourne airport sh 21/11/2012 at 04:50

    A politician will stand for what he thinks people will fall for.

Comments are closed.