Интервју со Колектива и Групер

Сега мислам дека може слободно да констатираме дека митовите за купување на интернет во МК се „бастид”. Имаме продавници веќе некое време ама никако да дознаеме колку тие продаваат. Се некако изгледаше дека ја нема вистинската понуда, дека има желба за купување ама нема што. Ако судиме според почетокот на двата нови локални сервиси за групно/колективно купување може да утврдиме дека пазарот е спремен. Односно може тој веќе бил спремен и пред тоа но немал доволно добра провокација за да манфестира.

Гледаме дека и на претпријатијата не им е проблем да соработуваат со интернет сервиси, и тоа е голем плус. Конкуренцијата си го прави своето. Борбата е жестока а пазарот е таков каков е. Иако не сум (барем досега) голем фан на овој тип купување, со огромно задоволство ги дочекав сервисиве. Едноставно, тие влијаат крајно позитивно за целиот пазар. Но да не ја тупанам многу јас. Пред неколку дена им испратив (скоро) идентични прашања на Групер и Колектива. На прашањата одговараа Ванчо Костурски (Колектива) и Нина Ангеловска (Групер). Еве ги одговорите, па после трк накај коментарите за да го поставиш и ти твоето прашање.

1. Како сте задоволни од стартот? Кои се позитивни кои негативни услови на пазарот кои ги согледувате сега откако тргна со работа сервисот?

[КОЛЕКТИВА] Личен мој став е дека можеше подобро. Позитивни услови се високата едуцираност и желбата за учење на македонските корисници а негативни се енормниот број на картички од македонски банки со кои не може да се тргува на веб кој е над 75%.

[ГРУПЕР] Во Македонија секако ограничувачки фактор за имплементација на овој концепт е многу ниското ниво на онлајн купување, или гледано преку статистичките податоци само 1% од вкупните трансакции. Бидејќи ги антиципиравме проблемите кои ќе постојат во однос на интернет плаќањето, платежните картички и слично, имавме кампања на Facebook во соработка со ИК банка каде доделувавме дебитни картички во вредност од 1000 денари на корисниците. Исто така наша цел беше да ги едуцираме корисниците за постоењето на торбичка (или на англиски wallet) како можност за плаќање покрај платежната картичка. Поради ова организиравме мали наградни игри и доделуваме пари во торбичките на корисниците кои можат да ги искористат за било која зделка на Групер.
Добивавме и се уште добиваме маилови од корисници кои се интересираат за безбедноста на плаќањето и начинот на купување. По навременото одговарање на прашањата имавме многу корисници кои за прв пат го направија своето онлајн плаќање успешно. Но сепак за оние кои немаат картички или се плашат да ги употребат, а сакаат да ја купат зделката ја воведовме опцијата да уплатат одредена сума на нашата жиро сметка со што таа сума ќе им биде префрлена во нивната Торбичка на Grouper профилот, од каде може да ги купуваат зделките.
Задоволни сме од стартот или би рекле стартот ги надмина очекувањата уште со првата зделка пуштена на 22 јануари.

2. Кој е првиот milestone во вашиот бизнис плaн по лансирањето на сервисот? Го исполнивте? Кој е следниот?

[КОЛЕКТИВА] Првата цел на тимот на Колектива Македонија беше остварена и натфрлена за над 100%, целта ни беа 500 ваучери надминавме 1164 со една понуда. Следна цел е еднаш месечно да реализираме ваква понуда.

[ГРУПЕР] Едната бариера беше стравот од користење на картичките за онлајн купување, а од друга страна прифаќање на овој начин на промоција од бизнисите. И покрај тоа што самиот концепт има директно мерлив резултат бидејќи клиентите директно им ги носиме на бизнисите во локалите, постоеше пред стартот малку страв и од не прифаќање на истиот. Но и од таа страна се изненадиввме дека наидовме на едуцирани, зрели и спремни за прифаќање на нови трендови менаџери кои во главно веднаш ја сфаќаа и прифаќаа можноста што им се дава. Притоа по завршување на зделката и по одбивање на нашиот процент компаниите парите ги добиваат веднаш. И на овој план резултатите се над очекувањата, процентот на одбивање на понудата можам да кажам дека е помал од 10%. Уште повеќе голем е и процентот на претприемачи кои сами праќаат маил со интерес за соработка.
По сето ова можам да кажам дека следниот milestone не ни е продажба на 1000 купони од еднa зделка туку илјадници задоволни групери како корисници на попустите и стотици задоволни бизниси и наши понатамошни партнери.

3. Колкав е тимот кој стои зад вашиот сервис? Како изгледа еден работен ден? Кога е најголемата гужва?

[КОЛЕКТИВА] Локалниот тим на Колектива е составен од 14 члена. Морам да нагласам дека позади овој мал тим стои и мрежа од над 2000 лица во Rebate Networks од цел свет во 34 земји со кои нон стоп се комуницира и рaзменуваат информации на mail, Skype и Yammer.

[ГРУПЕР] Концептот за Групер како сајт за оnline купување е уште еден сајт на Webspot. Се користи синергиската моќ на веќе познатите сајтови kadevecer.com.mk, duskalo.mk и men.mk, заедно со 3 основачи кои исто така ја користат синергиската моќ на спој на знаењето од ИТ и е-бизнисот.
Најтешкото поминаа и не би сакала да ги опишувам првите денови, можеше да снимиме добро реално шоу. Но веќе сме добро организирани и се екипиравме.

4. Според вас за колку сервиси од овој тип има простор на локалнов пазар, долгорочно?

[ГРУПЕР] Од аспект на корисник колку повеќе толку подобро нели… секој корисник ќе има поширок спектар на услуги/производи на попуст од кој ќе може да бира, конкуренцијата секако мотивира и потикнува. Па според ова конкуренцијата се сведува на тоа – кој ќе има најдобри зделки ќе има предност.

Секако дека ограничувачки фактор е малиот Македонскиот пазар особено од аспект на потрошувачката моќ, од една страна, но поврзано со тоа и можноста на бизнисите да прифатат и секако квалитетно да ги опслужат многу големиот број на корисници со купени купони што исто така заеднички го решаваме при креирање на зделката.

Нашата цел не е само огромен број на продадени купони туку успешна промоција на бизнисите и секако задоволни групери. Можеби фрустирачки е кога ќе видите на некој сајт од соседните земји илјадници продадени купони, но ние правиме адаптација спрема нашите услови и задоволни сме од постигнатото за ова кратко време. А колку сајта можат да опстанат ќе одлучат груперите секако водејќи се од понудениот квалитет.

[КОЛЕКТИВА] Самиот пазар ќе ги дефинира правилата и сервисите кои ќе опстанат. Лично сакам сите да опстанат и да се појават и многу други , но 1-2 сервиси се максимум кои ќе опстанат ако се земе во предвид периодот од 2 години инвестиции и искуствата од другите пазари.

5. [Прашање за Групер] Зошто одбравте да бидете (визуелно) комплетна копија на Groupon.com? Дали зад тоа се крие желба за аквизиција? Еден ден да станете Groupon.com 🙂

[ГРУПЕР] Не е тајна дека Групер како и сите други сајтови од ваков тип се инспирирани од успешната приказна на Groupon. Практично се што е излезено по Groupon се смета за негов клон, бидејќи тука се работи за “копирање“ на бизнис моделот.
Тоа што го одбравме токму дизајнот на Groupon нема посебни длабински намери. Ни се допаднаа боите и дизајнот, а интелектуална сопственост на бои како што сите знаеме не постои. Најважната работа на еден ваков сајт е функционалноста и прегледноста која корисниците ја бараат и во нашиот случај ја добиваат. Исто така повеќе посветивме внимание на адаптација на понудите спрема нашите услови отколку на дизајнот.

5. [Прашање за Колектива] Дали е предност или недостаток да се влезе на пазар како нашиот како дел од Коелктива.нет, прва сериозна веб старт-ап компанија која влегува на нашиот пазар?

[КОЛЕКТИВА] Предизвик, храброст и одлучност. Rebate Networks работи во 33 земји некои и на далечниот исток, но вакви правна рамка и правила немаат видено ниту ќе видат. Но тоа е сосема друга тема.

Секој петок во твоето сандаче: преглед на најактуелните маркетинг, SEO, SEM, UX, дизајн теми и линкови од претходниот недела.

2 Comments Интервју со Колектива и Групер

  1. Pingback: Tweets that mention Интерју со Колектива и Групер | К О М У Н И К А Ц И И -- Topsy.com

  2. GrouperOrGroupon 15/02/2011 at 08:36

    What is the difference between:

    © 2011 Grouper.mk Сите права задржани

    and

    © 2011 Groupon, Inc. All Rights Reserved

    ???

Comments are closed.