Добро утро,
позади нас оставаме снежна недела и неколку интересни настани што заслужија да се најдат во овој #ПрегледВоПеток
Кафе и неколку минути исклучување од реалниот свет а вклучување во дигиталниот, знаете како треба 😉
Super Bowl во 2021
Знам дека не е од неделава, но некако сум среќна што по игра на случајност мене ми се погоди да го пишувам краткиот преглед за настанот на годината. Па, ајде накратко да резимираме што се случуваше овој Super Bowl кога станува збор за најинтересниот сегмент од овој настан – рекламирањето (што е до мене може да играат и одбојка).
За жал сѐ уште не можеме да излеземе од сенка на случувањата во 2020 и тоа се покажа со отсуството на некои од постојаните огласувачи на Super Bowl настаните. Coca-Cola, Budweiser, Pepsi и Ford го пропуштија овогодишното издание најмногу поради големите промени во маркетинг стратегијата на глобално ниво.
Но, и покрај фактот што поголем дел од светските организации и компании своите маркетинг средства и планови ги насочуваат кон едуцирање на јавноста за вакцинацијата, сепак годинава цената за пласирање на реклама на Super Bowl финалето ја надмина цената од минатата година. 5 милиони долари за 30 секунди рекламен простор за времетраење на натпреварот ги чинеа светските компании како m&m’s, Doritos, Logitech, Pringles, Tide и многу други.
Со оглед на тоа што годинава и те како беше тешка за работа и организизација, можеме да замислиме колку било напорно да се дојде до вакви крајни решенија. Паметна, иновативна и незаборавна содржина. Super Bowl и оваа година не нѐ разочара.
News Corp со историски договор со Google
Со години News Corp ги обвинуваше Google и Facebook за дуопол врз онлајн рекламирањето. Со потпишување на тригодишен договор, дигиталниот гигант се обврза да им исплаќа дел од сумата генерирана од рекламите на нивните содржини. А за ова и беше креирана посебна програма.
Google News Showcase е лиценцирана програма што е лансирана за плаќање на издавачите за нивната оригинална содржина. Како дел од оваа програма е вклучена и едукација од YouTube што ќе им покаже на издавачите како до подобро видео новинарство.
Како дел од News Corp, во договорот влегуваат американските The Wall Street Journal, Barron’s, MarketWatch и New York Post, британските The Times, The Sunday Times и The Sun и неколку куќи од Австралија.
Како матична земја на News Corp, Австралија е во голема борба со Google и Facebook поврзана со огласувањето на новинарска содржина. На 17. Јануари, Google го потпиша договорот, обврзувајќи се да им исплаќа дел на издавачите за нивната содржина, велејќи дека ваквата борба може само да им донесе лош резултат и финансиско исцрпување. За разлика од нив, Facebook сѐ уште си држи на своето започнувајќи со забрана за споделување содржина од Австралијски новински агенции низ светот.
Дали АНАНАС ќе биде регионалниот Амазон?
Српскиот Delta Holding по 30 години искуство во бизнис индустријата, влегува во е-трговијата. Кон крајот на минатиот месец, компанијата го најави лансирањето на АНАНАС онлајн сервисот за кој се резервирани 100 милиони евра за инвестиции во следните 5 години.
И иако се најавуваат како голема револуција што ќе го задрма регионот, колку компанијата навистина е подготвена за сите предизвици што ѝ стојат на патот?
Конкуренција има, особено последнава година кога онлајн платформите како Shopster.rs, Gigatron.rs и Tehnomanija.rs меѓу останатите, релативно добро се позиционираа како go to сервиси кај онлајн корисниците.
Ако асортиманот, сопствената достава или ценовната разлика не е она што би го издвоило АНАНАС да се разликува од конкурентите, тогаш дефинитивно треба да размислат за развој на стратегија каде главно место би го имало корисничкото искуство.
Едно е сигурно, АНАНАС започнува со работа собирајќи група професионалци што веќе започнаа на градење на приказната,
Среќно!
Coca-Cola со револуционерна промена
Една од најпознатите форми во историјата на човештвото, Coca-Cola – шишето, оди во пензија. Оваа одлука не е крајна и процесот на промена допрва започнува, но одлуката за промена на амбалажата е донесена.
Компанијата со години е обвинувана дека е причина за еколошки загадувања од огромни размери низ целиот свет поради своите пластични амбалажи. Шишето датира нешто пред 1899 година кога е поднесено барање за заштитување на правата за амбалажата.
Но, после 2020 и сите бесмислени рецепти на пица што излегоа, дојде ред и за Coca-Cola во хартиена амбалажа. Пилот серијата од 2000 шишиња со нова амбалажа ќе бидат пласирани во Унгарија преку онлајн сервисот Kifli.hu.
Засега не е познато конечното решение за амбалажата, но се знае дека ќе биде направено од комбинација на хартија/картон и биоразградлива пластика.
Ако пиењето Coca-Cola од стакло или лименка ви беше подобро од онаа во пластика, замислете каков би бил вкусот на пијалокот во вакво пакување…
Facebook и Twitter со нови инспирации од дигиталниот свет
По многубројните адаптации на новините и иновациите што никнуваат во дигиталниот свет, големците како Facebook и Twitter повторно најавија нови опции и апликации со кои сакаат да ги задржат своите корисници онлајн.
Facebook ја најави Super апликацијата која е своевидна обработка на Cameo. Апликацијата ќе биде базирана на пласирање видео содржина. Корисниците на апликацијата ќе можат да се претплатат на онлајн настаните, следејќи ги во реално време. Она што е интересно е можноста за плаќање одредена сума за дружење со креаторите/славните личности или испраќање на дигитални подароци. Директната најава на апликацијата со Facebook акаунт сѐ уште не е достапна, така што останува да го видиме понатамошното развивање на оваа платформа.
Додека Facebook се “фрли“ на видео, Twitter пак побрза да го развие конкурентот на Clubhouse со својата Spaces – аудио новина. Основата е иста како онаа на Clubhouse или во најмала рака слична – аудио содржина како нов начин на комуникација.
Говорници и слушатели ги прават Space “групите“ место каде можеш да бидеш пасивен слушач на содржината таму или пак да се вклучиш активно во некоја од дебатите. Колку ваквата опција ќе го најде своето место под сонцето зависи од вклученоста на познати личности што ќе ја користат и промовираат на својата публика. Знаеме за “портпаролите“ на Clubhouse и што тие ѝ донесоа на апликацијата па ќе видиме колку Spaces ќе имаат среќа со ова.
Сѐ уште работат на детали околу интерфејс и опции, така што hold still….
Бонус линкови
- Slack hands global media AOR to Mediahub
- Facebook, Twitter Struggling in Fight against Balkan Content Violations
- С(Ц)ИЕСТА СО НИНА ГЕОМЕТРИЕВА
- LinkedIn Publishes New Guide to Account Based Marketing
- 11 Email Design Trends to Improve Your Email Marketing Strategy in 2021
- Microsoft’s next major Windows 10 update focuses on improving remote work
Убав викенд друштво.
Се читаме следниот петок 🙂