Кај вчера објавив нов #комкаст, со Виктор од АЕТМ зборувавме за е-трговија, уште па и денес ме наместија да пишувам и #ПрегледВоПеток. Морам, минатата недела го заборавив, затоа сега има екстра линковииии, одиме…
Shitposting > Fikfoks
Како да не е доволно што кршиме јазик за да кажеме ТикТок и тиктокс, сега треба да учиме и нова, изведена терминологија како фикфокс, на пример. Fikfoks aka fake tiktoks. Мора да ги научиме и нив затоа што инфлуенсерите на TikTok веќе масовно ги употребуваат. Но, да биде изненадувањето поголемо, ова не се лажни содржини или акаунти… напротив, ова да ти биле паралелни акаунти на ѕвездиве на кои објавуваат повеќе лична и приватна содржина и, и… shitposting! Го „украле” трендов од Instagram, ама не е скроз исто. Хм…
Додека сме кај TikTok уште една брза вест. Ако не сте ставиле временско ограничување на телефонот на вашето дете, немате таква опција или не ви текнало… TikTok сега дава можност да се направи тоа внатре во самата апликација. Свесни се колкава зараза се, па решиле со време да реагираат. Умно.
Справување со дезинформации
Нема преглед а да не споделиме некој линк во кој големиве се борат со лажни вести. Добро не се тие еднакво добри како нашата влада во оваа борба ;), ама барем се обидуваат. Во последниве неколку недели Twitter објави план за справување (не борба) со неточните информации поврзани со излезноста на гласачите по повод изборите во Америка, а Instagram пробува да им прикаже точни информации на сите кои кликаат на хаштагот #Coronavirus.
Bloomberg’s Sponcon Memelords
И додека лажните вести тесно се поврзуваат со сè и сешто, секако на чело со политика, политичарите во Америка уште еднаш докажуваат дека се најдобри маркетери и може слободно да учиме од нив. Блумберг најде начин како да ги заобиколи политиките за проверка и одобрување на реклами за изборите во САД. За тоа ангажирaше стотици инфлуенсери кои на социјалните мрежи објавуваат поддршка за него, вклучувајќи и мемиња. Facebook вика: ние немаме намера да се расправаме и со тоа… нека си тера.
Preloader Design Tips and Inspirations
Кој сака да чека да му се вчита вебсајт? Па најверојатно никој, ама и покрај сите препораки дека брзината е клучна, сепак за комплетно искуство некогаш е потребно време за да се вчита содржината на вашата веб страна. Се случува да треба да почекате… а додека чекате, може и да уживате. Еве неколку совети и идеи за малите анимации кои ни го одвлекуваат вниманието додека да се вчита содржината. Ќе ти се најдат, за следниот пат кога ќе сакаш на твојата веб дестинација да обезбедиш комплетно уникатно искуство, а и помалку да ги нервираш посетителите.
Hacked Website Threat Report – 2019
Безбедноста на сајтовите е исто така многу важна, ама ова се подразбира. Она што е интересно е годишниот извештај на Sucuri, компанија која се грижи за безбедноста на сајтовите. Во него тие наведуваат кои се најчестите причини и начини за напади односно „заразување” на сајтовите. Вреди да се види, за да знаеме од што да се штитиме но и да разбереме што ги мотивира „хакерите” да ни ги напаѓаат сајтовите.
YouTube Gaming
Веќе пишувавме во претходните прегледи дека YouTube се обидува да му земе дел од колачот на Twitch, секако со стратегија за повеќе гејминг содржини на својот сервис. Но податоците велат нешто друго. Имено, најголем дел од најпопуларните гејминг канали на YouTube воопшто немаат содржина каква што всушност има на Twitch. Овие првиве, на YouTube, се полни со сомнителни содржини кои прикажуваат хакови, читови и сл.
Социјални мрежи за посреќен и подолг живот
Последна вест во денешниот преглед во петок. На повидок е нов тренд на апликации кои имаат за цел да нè поврзат со нашите пријатели (и други) ама за разлика од досегашниве кои негативно делуваат на нашата добросостојба, овие новиве соработуваат со стручни лица и сакаат да предизвикаат добри чувства додека ги користиме. Еден таков обид е апликацијата Ikaria создадена од еден од креаторите на Secret. Се сеќава некој на тој сервис? Не заврши баш славно :(. Како и да е, трендов треба да се следи, на толку масовни исклучувања од фејсбуците и сл. може оваа приказна ќе фати залет.
Бонус линкови
- Во Филм, подкаст за филмови на македонски јазик
- Marketing Smarts episode 404 (podcast)
- Google Maps is turning 15! Celebrate with a new look and features
- Europe sets out plan to boost data reuse and regulate ‘high risk’ AIs
Тоa e сè денешниот преглед во петок. Ако имаш линк што сакаш да го споделиме слободно пиши ни порака на Фејсбук.
За крај уживајте во новата реклама на Burger King 😉
До следниот преглед во петок. 🙂