Заедницата е силна на патека – интервју со Иван од karas4training

Секогаш се радувам кога на локалнава нет сцена ќе се појави сајт/сервис кој има цел да биде повеќе од уште едно забавно порталче (без сериозна намера да ги навредам истите). Особено кога ваквите сајтови ќе го поминат критичниот период мислам дека е фер секогаш да им се оддаде заслужената почит. Толку вовед. Муабетот го правев со Иван Јовановски, на меил, и тоа индиректно… супер беше искуството.

karas4training

1. Karas4Training е релативно нов, па затоа фер е да прашам за самиот концепт и колку сега тој е во фазата во која сакавте да биде кога го стартувавте?

– Сајтот постои една година и три месеци, а идејата се роди пред околу три години кога решивме да направиме нешто што би означило нов пункт во информирањето, комуникацијата и медиумите во Македонскиот интернет простор за темите спорт и здрав живот. Ние воопшто не бевме искусни во оваа работа и нештата ги учевме во чекор, притоа правејќи грешки и понекогаш избрзани потези.

– Oна што остана до ден денес е енергијата со која започнавме. Првично, концептот и структурата на сајтот беше еден вид мое портфолио а воодено и на моите пријатели кои се занимаваат со тренерска работа. Затоа името на сајтот е karas4training (мојот никнејм – Карас) ака К4Т. Таа првична идеја еволуираше во нешто посериозно откако стапивме во контакт со дечките од Трендоленд кои прифатија да ја изработат платформата за социјалната мрежа и блогот, а сето тоа да се обедини во еден динамичен портал чија содржина ќе биде креирана од страна на неговите корисници.

2. Колкава е вашата заедница? Колку е активна? Како се развиваше?

– По едногодишно постоење на сајтот, заедницата брои некаде околу 700 профили во сегментот ”Луѓе и Места”. Имаме профили од најразлични сегменти како инструктори, тренери, професионални спортисти, доктори, рекреативци, компании, организации, клубови и слично. Порталот постои како медијатор помеѓу овие луѓе и публиката, заедницата е активна и објавува најразлични содржини од видеа до патеписи, стручни статии, настани и други информации. Со оглед на тоа што ова е домашен сајт и опфаќа специфична тематика, а од друга страна има многу социјални мрежи и блог платформи на глобално ниво, нашата заедница расте полека но сигурно и ние сме задоволни. Од ден на ден има се повеќе луѓе кои сакаат да бидат дел од овој сајт како еден вид онлајн списание за спорт и здрав живот.

3. Каде е посилна заедницата на нет или на патека?

– Суштината на К4Т е да биде место каде луѓето можат да го покажат и промовираат својот динамичен лајфстајл, да ја покажат својата работа и да промовираат нивни проекти во спортот и здравиот начин на исхрана. Заедницата е секогаш посилна на патека, бидејќи таму започнува се.

4. Креирате многу содржина, колкав тим е задолжен за тоа и колку самите корисниците помагаат околу тој дел?

– Имаме сопствена содржина што се креира во сите сегменти од страна на луѓето во нашиот тим. Рецептите, К4Т видеа, интервјуа, стручни статии, настани, вести и сегментот пиколино кој е наменет за здрав развој на најмладата популација. Тимот е голем и придонесува сајтот да има своја специфика и да е препознатлив кај читателите. Корисниците се важен сегмент во креирањето на содржината, а од наша страна тие имаат помош во уредувањето на текстовите, видеата и сликите кои се приложуваат во нивните статии и нивниот број секојдневно расте.

k4t

5. Каков е соодносот меѓу локалната (авторска) и преземената (преостаната) содржина и кој е ефектот на истите?

– Се трудиме да го одржиме балансот на ниво 50:50, иако тоа е многу тешко и е потребна исцрпна работа. Но позитивните реакции на читателите за нашата авторска содржина не бустираат дополнително да придонесуваме во овој сегмент. Затоа сега се организираме и стартуваме со нов проект во сајтот кој првично ќе биде во бета верзија и се вика К4ТV.

6. Дали успеваат брендовите и агенциите да го согледаат начинот на кој може да ве вклопат во своите маркетинг активности? Колку ве гледаат различно или сепак за нив сте само сјт со XY број на посети?

– Од досегашното искуство, најчесто маркетинг агенциите се заинтересирани за бројот на посетеност на сајтот, а не за тоа со каква содржина сајтот ја задржува публиката, дали се работи за авторски, едукативен, информативен контент или нешто сосема друго. Денес е најлесно да имате сајт во кој само превземате содржина, ставате наслови шокантно и ексклузивно, објавувате навредлива и провокативна содржина само за да генерирате публика. Но мислам дека големите брендови веќе започнуваат да го препознаваат квалитетот во Македонскиот веб простор, така што она што ни преостанува е да продолжиме со квалитетната работа и создавањето на нови содржини. Сепак, првата награда за блог на годината треба некако да ја оправдаме.

7. Според вашето искуство која содржина „физички активните македонци” најмногу сакаат да ја споделуваат?

– Имаме неколку статии кои ги изработивме за да покажеме кои од нашите содржини се најкликани. Тоа беа видеата што ги изработуваме за одредени настани и поединци или статии каде што тагот е слабеење или губење килограми. Од време на време се наоѓа и некој рецепт што пушта лиги кога ќе ја погледнете насловната слика.

Овој текст е дел од акцијата на Coca-Cola System – Bloggers Network

Секој петок во твоето сандаче: преглед на најактуелните маркетинг, SEO, SEM, UX, дизајн теми и линкови од претходниот недела.

2 Comments Заедницата е силна на патека – интервју со Иван од karas4training

  1. Che Ramadanovski 24/02/2014 at 00:39

    Komentirao sam

  2. Pingback: Bloggers Network Заедницата е силна на патека – интервју со Иван од karas4training - Bloggers Network

Comments are closed.