Видео реклами – не трошете ги парите залудно

Иако кај нас ретко застапен (читај: во моментов само 1 бренд го користи сериозно), системот за пласирање на реклами на Google не престанува во освојувањето на светскиот онлајн рекламен простор. Минатата година Google го прошири/унапреди Adwords со нов начин на рекламирање преку кој еден бренд може да ги пласира своите видеа кон широката YouTube публика.

Видео рекламите се во неколку формати и имаат доста можности за таргетирање, па така можете и да си изберете кога, на кого и на каков начин ќе ја пласирате вашата реклама на публиката.

Добро де, ова и не е нешто револуционерно. До сега пласираа банери во просторот наменет за реклами, а сега ви дозволуваат да пласирате и видео материјал. Она што е исклучително важно тука е дека публиката го обожава YouTube (800 милион уникатни посети во еден месец), а сега имате шанса да ве сака и вас. Или пак да ве мрази доколку имате една иста реклама таргетирано на една иста публика во подолг временски период.

Ми се случува да гледам една иста реклама во изминативе 2 месеци. Како просечен корисник на YouTube (да речеме дека отворам 10тина видеа на ден) рекламата ми се појавува барем еднаш во денот. А трае околу минута и пол, и не ми дозволува да ја скокнам барем во првите 10 секунди. И замислете барем еднаш да ја изгледав до крај, па да знаев каква услуга сака огласувачот да ми понуди, можеби и ќе извлечев некаква корист од секојдневното гледање на првите секунди од рекламава.

Зошто го пишувам овој пост? Затоа што сеуште ми е нејасно како со толку понудени опции на пазарот за онлајн реклами, повторно се појавуваат примери на кои дури ти е жал што им ги трошиш парите. Еве каква штета си прави огласувачот сам на себе:

1. Со секое мое гледање, компанијата која се огласува му плаќа на Google одредена сума, а јас ниту еднаш ја немам посетено нивната страница

2. Ако избрале опција да не можам да ја скокнам рекламата во првите 10 секунди, тогаш ме тераат на сила да чекам 10 секунди за да стигнам до видеото/содржината која првично сум ја барала.

3. Штом веќе ме налутиле со тоа што ми одземале 10 секунди кои не сакам да ги трошам, која е веројатноста да продолжам да го гледам нивното видео до крај?

4. Ајде можеби ќе се решам да видам пто сакаат да кажат, но никогаш нема да изгледам реклама која трае повеќе од 30 секунди кога всушност чекам да гледам нешто друго.

5. Последно она што е најбитно, истата реклама ја пласираат на истата публика 2 месеци. За разлика од банерите, овде не можеш да ги игнорираш и ако сакаш да стигнеш до видеото што го бараш мораш да чекаш по стотити пат да ги гледаш истите први 10 секунди.

На крајот, ако се решите да инвестирате во реклами на Интернет, тогаш не трошете ги вашите пари на погрешен начин. Пред да почнете да плаќате, размислете стратешки и испланирајте го секој чекор и секоја реакција однапред, за подоцна да не се каете доколку немате повраток на инвестираното.

Секој петок во твоето сандаче: преглед на најактуелните маркетинг, SEO, SEM, UX, дизајн теми и линкови од претходниот недела.

1 Comment Видео реклами – не трошете ги парите залудно

  1. Јас 15/03/2012 at 22:03

    Google наплаќа по true view, така што ако не си ја изгледала целата реклама до крај тогаш нема да му наплати на огласувачот: "Pays only when the viewer has watched 30 seconds of an ad or to its completion, for example, if it's a 15 second ad."

Comments are closed.