26 #ПрегледВоПеток

Денес е убав ден за убав повод. До сите дами што нè читаат, среќен 8ми март! И оваа недела не отстапуваме со неделниот преглед во петок. Да почнеме. 🙂

Што нè чека денес

1. Напредна опција за пребарување на WhatsApp

Верувам дека до сега си добро запознаен/а дека Марки планира интеграција на чет сервисите на WhatsApp, Instagram и Facebook. Во овој контекст, платформите ќе добијат неколку апдејти со цел подобар UX. WhatsApp конкретно ќе добие алатка за пребарување преку која корисниците многу брзо и лесно ќе најдат тоа што го бараат. Оваа опција постои и сега и може да се пребарува само врз основа на зборови кои ги има во четот. Со новиот апдејт, пребарувањето ќе биде понапредно и поделено во неколку категории. Ова ќе биде многу полезно ако, на пример, бараш видео а не знаеш кое. Ќе може да се пребаруваат фотки, гифови, видеа, документи и аудио пораки. Исто така ќе има и пребарување на веб линкови што ќе биде од голема корист ако не се сеќаваш кој што испратил или ако сакаш детална слика од што сè било испратено во четот.

2. Twitter опција за криење на коментари на твитови

Пред неколку дена Twitter најави дека работи на опција за криење на твитови обајвени како коментар на твој твит. Оваа опција драстично ќе го промени начинот на кој корисниците ќе добијат контрола врз дискусиите кои ги креираат на платформата. Нема бришење туѓи твитови, но коментарите кои ќе бидат скриени ќе биде тешко да се најдат во случај оној кој ја започнал дискусијата да сака да ја заштити истата од недолични или негативни твитови. На овој начин Twitter ќе балансира PE (product experience) помеѓу оригиналниот твитерџија и публиката. Опцијата за криење на твитови е еден начин на испраќање порака до твоите следбеници дека дискусијата станала токсична или надвор од темата. Останува да видиме како твитерџиите ќе реагираат на овој апдејт.

3. Данок за користење социјални мрежи и плаќање преку мобилен

Повеќе од милион луѓе во Уганда прекинаа да ги користат социјалните мрежи откако се воведе данок за користење на истите и за трансакции направени преку мобилен. За користење на социјалните мрежи, како Facebook, WhatsApp или Twitter, од луѓето во Уганда се очекува да платат данок од 200 шилинзи (2,94 денари) на ден. За само три месеци, бројот на интернет корисници падна за повеќе од 2.5 милиони. Оваа бројка створи страв за влијанието врз економијата во Уганда. Има помалку од две години до следните претседателски избори, а до тогаш може да очекуваме уште поголеми рестрикции врз протокот на слободни информации за јавноста.

4. Нема приватност за корисниците на Facebook за Android

Дури и кога не си логиран или пак немаш Facebook акаунт, голем дел од апликациите за Android испраќаат податоци директно до Facebook. Дел од овие апликации ги вклучуваат Duolingo и Yelp кои испраќаат податоци што подоцна ќе бидат искористени да те таргетираат со реклами веднаш по отворањето на Facebook апликацијата. Ова е гооолем проблем во поглед на приватноста. Со години веќе Facebook за Android собира податоци со цел прикажување на релевантни реклами и понуди за пријателство. И со години голем број корисници се жалат за нарушување на приватноста и фактот дека Facebook знае премногу за нашите лични животи. Facebook тврди дека голем дел од тие чувствителни податоци што ги собира всушност и не ги користи, но сè уште не знаеме зошто тие податоци воопшто се собираат. Марки, одговор до кога ќе чекаме???

5. YouTube блокираше коментари на видеа со деца и малолетници

Блокирањето на коментари на повеќе од милион видеа со деца и малолетници е една од најригорозните мерки на YouTube досега. Да не беше видеото на Matt Watson, оваа мерка може и немаше да се спроведе. И покрај адпокалипсата која произлезе од ова, YouTube овој пат беше проактивен, одлучен и темелен во чистењето. Искористувњето на деца и малолетници е најголемата причина за целава ситуација, но треба да бидеме свесни дека во позадина има уште многу други проблеми со YouTube. Од алгоритмот кој дозволува ширење на ваквата содржина, до видеото на Logan Paul со безживотното тело во шумата, до демонетизација на содржината и конечно, YouTube Adpocalypse. А да не збориме за стотиците креатори кои имаат сериозна, едукативна и примерна содржина а сепак се наоѓаат во истата приказна на демонетизација како и оние кои ги кршат правилата на YouTube…

6. Amazon знае што купуваш и гради бизнис од тоа

Amazon знае што купуваш, а тоа се одлични вести за маркетерите и нивните реклами. Како и сите други сајтови, Amazon користи “колачиња” и собира податоци за тебе. Ти прави профил со сè она што го сакаш, што не го сакаш, кога најчесто купуваш, за кого купуваш работи, каде живееш, итн. Сервисот за рекламирање на Amazon вреди $125 билиони, тоа е повеќе од Nike или IBM. Компанијата полека но сигурно го шири бизнисот на продавање видеа и дисплеј реклами и се приближува на лидерите во индустријата, Google и Facebook. Amazon не прикажува реклами само на таргет публика. Автоматски прикажува различни реклами на различни корисници базирани на нивното однесување при купувањето (shopping behavior). Никој не може ни приближно да го прави тоа што Amazon го прави најдобро – градење бизнис од реклами.

Бонус линкови

Тука е крајот на денешниот преглед во петок. Ако имаш линк (или стрип) што сакаш да го споделиме во следниот преглед слободно пиши ни порака на Фејсбук.

Се читаме во следниот преглед во петок! 🙂

Секој петок во твоето сандаче: преглед на најактуелните маркетинг, SEO, SEM, UX, дизајн теми и линкови од претходниот недела.