Во текот на 2011 година Центарот за нови медиуми во соработка со НВО Инфоцентарот и Центарот за развој на медиуми во неколку наврати аналитички го следеше покривањето на најистакнатите медиумски настани за тој период. Низ анализата на овие настани, и како домашните медиуми известуваат за нив, покрај прегледот на начинот на кој медиумите известуваа за овие, беше направено „скенирање“ на најзастапените манипулативни методи и пропагандни техники користени од страна на новинарите и медиумите во Македонија (Медиумско огледало: Медиумски манипулации и пропаганда, 27 јануари 2012, Скопје).
Генералниот заклучок е дека медиумите во голема мера се приклонуваат на манипулирање со информациите. Многу мал дел од нив, речиси како исклучок, неутрално и балансирано им приоѓаат на темите за кои известуваат, особено кога се работи за оние кои се од посериозно домашно-политичко значење. За некои „кежуал“ теми пак тие покажуваат дека можат дури и одлично да ги покријат и квалитетно да информираат за нив. Сумарно, најчесто медиумите наместо во служба на јавноста и на корисниците, се трансформирани во политички алатки за убедување, и наместо да известуваат тие всушност се клучни актери во нив, vis-a-vis тоа како јавноста и институциите ќе реагираат на настаните.
Во таквата поставеност кај медиумите се наметнува потреба да развиваат вештини за селектирање, пакување и пласирање на информации кои ќе им овозможат да ги оставарат своите „затскриени цели“: да се убеди јавноста во нешто што оди во прилог на страната која ја бранат или застапуваат, да се направи конфузија околу некоја тема и одговорноста, или пак, често, да се изврши притисок врз поединци, групи или институции. Пропагандните техники во ваков контекст се речиси основна алатка за планската дисеминација на информациите и насочување на ефектите од нивното користење.
Инвентарот на манипулативни средства, иако често и интензивно употребуван, сепак не е премногу разновиден. Релативно ниската медиумска писменост на публиката ги охрабрува постапките на уредниците и новинарите со повторување на добро утврдени техники да се обидат да ги наметнат своите погледи и наменски интерпретации на настаните. Со овој ограничен „арсенал“ за манипулирање тие вршат пресинг врз јавноста, со цел да угодат на интересите и ставовите на, почесто, политичките, а неретко, и на економските центри на моќ.
Во неколку продолженија ќе ги претставиме најкористените пропагандни техники во македонските информативни медиуми.
(1) Авторство и извори
Отсуството на потпишани автори кај медиумите се покажува како честа техника за пласирање политички тенденциозни или чувствителни содржини. Публиката и покрај изразениот скептицизам, обично слабо критички размислува па повеќето од информациите што ќе се објават лесно се земааат „здраво за готово“. Скриеното авторство во доминантен број случаи сигнализира висок степен на политичко значење на содржината и намера да се пренесе, често директно, или да се заштити одреден политички/економски став или интерес. Најчесто се работи за непотпишување на текстовите или прилозите, или пак се даваат само иницијали, кои треба да протуркаат некоја политичка или економска порака, т.е. треба да добијат „новинарско руво“ кое ќе ја оствари својата пропагандна цел. Ваквата појава станува сé почеста во домашните медиуми имајќи предвид дека развојот на одделите за односи со јавноста, како на политичките, така и на економските субјекти, влијае врз тоа тие самите да одредуваат стратегии и содржини кои треба да се протнат во вообичаените комуникациски канали и да стигнат до јавноста. Се работи за одредена разработка на техниките на „прикриено рекламирање“ (hidden advertzing, англ).
Кај телевизиските прилози прикривањето на авторството е потешко за изведување, бидејќи гласот, или пак ликот, на новинарот се потешки за потиснување од самата содржина која се емитува. Сепак, телевизиските прилози успеваат на поинаков начин да го маскираат авторството преку различни јазични манипулативни техники, кои во форма на одреден „новинарски жаргон“ треба да го прикријат фактот дека се работи за информации кои новинарот ги пласира во прилог на интересите на субјект надвор од самиот медиум. Во вакви ситуации новинарот може да ги претстави овие пораки како свои давајќи им „новинарски легитимитет и вредност“ или да го маскира вистинското авторство со тоа што ќе ги бајпасира преку трета инстанца за давање легитимитет, а тоа најобично се изведува преку манипулирање со изворот на информации.
Токму во вакви случаи се користи обемна лексика која преку непрецизни и неименувани извори пласира содржини погодни за политичките, економските или личните интереси на надворешни субјекти. Низ анализите најчесто користени формули се следните: „дознаваме“, „откриваме“, „според информациите на [име на медиумот]“, „изворите на [име на медиумот]“„аналитичарите наведуваат“, „експертите проценуваат“, „познавачи на состојбите“, и ред други синтагми со иста функција.
Неколку примери за илустрација на манипулирањето со изворите:
„Во овие протсети се злоупотребува смртта на едно младо момче и тоа за партиско-политички цели, велат аналитичарите.“ (Сител, 15.6.2011)
„Откако интернетпорталите објавија дека еден од најдобрите пријатели на претепаниот до смрт Мартин Нешкоски планира да истетовира фотографија од својот другар на своето тело, ни се јавија читатели кои велат дека специјалци интензивно „ораат” во населбата и го бараат „виновникот” (Шпиц, 13.6.2011).