Spark.me ја најавија уште во јануари и тоа ни помалку ни повеќе туку со единствениот Ramon De Leon. Но мене тоа не ми беше новина затоа што знаев дека ќе доаѓа уште од лани, па си реков ајде ќе почекам уште некое име за да пишам колку сум возбуден за овогодинешното издание на најдобрата конференција во регионот.
Потоа го објавија Marvin Liao и си реков, ќе чекам уште. Па го објавија менаџмент гуруто J. B. M. Kassarjian и знаев дека ќе има уште добри имиња особено од области поблиски до мојот интерес па си реков ќе си чекам јас уште. Па го објавија Timo Vuorensola, и тука малку се подзамислив но не се предадов. Ќе чекам. Tine Thygesen и Steli Efti се од светот на стартапите а јас си ветив дека ќе чекам некој од маркетинг светот. И не дочекав.
Peter Sunde доаѓа на Spark.me
Не е од маркетинг светот ама е толку многу важен и добар што решив да не чекам веќе. Денес сабајле Spark.me го најавија својот следен говорник. Станува збор за еден од основачите на Pirate Bay. Piter Sunde е скандинавски хакер/активист кој работи на проекти кои имаат потенцијал да го променат општеството. Посебен интерес му се прашањата околу авторските права во дигиталното доба, приватноста на Интернет и слободата на информациите. Тој вели: Само слободниот пристап до информации и знаење може да го унапреди нашето општество.
Sunde исто така е основач на Flattr, првиот сервис за микроплаќања и ко-основач на Heml.is Messenger, апликација за анонимна размена на шифрирани пораки преку интернет. Секако многу повеќе детали за ликот и делото на овој херој на дигиталното доба има кај тетка Вики: Peter Sunde
Јас до сега знам најмалку 10тина македонци кои ќе одат на Spark.me, ако уште се мислиш, знај дека конференцијата е на 31 мај и 1 јуни и крајно време е да се одлучиш. Картите се по намалена цена од 150€, односно 70€ за студенти. А верувајте настанот вреди за сите пари. И повеќе.