Уште една работна недела позади нас, уште еден преглед во петок во нашата збирка!

1. Неадекватно чување на милиони лозинки на Facebook
“Како дел од рутинската постапка за испитување на безбедноста, направена во Јануари годинава, приметивме дека лозинките на дел од корисниците се зачувани во читлив формат во нашиот систем за зачувување податоци.”, изјави Facebook вчера. Тој “читлив” формат е всушност обичен текст. Системите за најава се дизајнирани да ги “маскираат” лозинките, но сите знаеме колку лесно лозинките може да се најдат на листите на хакерите, особено после ваков пропуст на Facebook. За среќа проблемот е решен, а корисниците чија лозинка била зачувана на овој начин ќе бидат известени. Facebook се изјасни дека лозинките не биле споделени надвор од мрежата и дека не се најдени докази за злоупотреба на истите од страна на вработените. Се чини дека кај Марки е многу забавно, со оглед дека секоја недела читаме за нешто “неисправно” со Facebook.
2. Купувај директно преку Instagram
Корисниците на Instagram кои кликаат на таговите за производи на објави поврзани со шопинг, сега ќе можат да ги купат тие производи без воопшто да ја напуштат апликацијата. “Checkout with Instagram” го имаше своето деби во САД пред 3 дена со повеќе од 20 светски брендови, меѓу кои Adidas, Nike, H&M и Zara. Instagram изјави дека планира да воведе провизија за продавачите, чија што висина сè уште не е позната. Сега за сега, опцијата за купување ќе биде достапна само на органски објави, не и на реклами. Овој потег ветува зголемен профит за Instagram поради малиот број на чекори пред самото купување на производот. Тоа е доволно да ги убеди брендовите дека ќе уживаат во подобар ROI со Instagram. По првото внесување на податоците за плаќање, истите ќе бидат зачувани во систем и корисниците ќе можат да пазарат без потребата за повторно најавување или внесување на податоци за наплата.
3. Instagram – бр. 1 платформа за инфлуенсери
Според новото истражување на Rakuten Marketing, Instagram го надмина YouTube и стана број 1 платформа за инфлуенсери. Компанијата анкетираше 3500 корисници и 700 маркетери на глобално ниво, 65% од кои изјавиле дека Instagram е социјалната мрежа каде што следат најголем број на инфлуенсери. YouTube и Facebook се блиску, со 62%. Истражувањето исто така опфати како инфлуенсерите помогнале во движење на корисниците кон купување производ. Дури 4 од 5 потрошувачи изјавиле дека купиле производ откако бил препорачан од инфлуенсер. Порано, маркетерите сметаа дека инфлуенсерите имаа влијание само на ниво на рекламирање на брендот, но ништо повеќе од тоа. Купувачите сега велат дека ќе кликнат на промотивниот материјал објавен од инфлуенсерот и ќе го купат производот ако им одговара.
4. Нападот во Нов Зеланд и темната страна на социјалните мрежи
Минатиот викенд Нов Зеланд претрпе голема трагедија кога вооружениот напад на само еден човек резултираше во повеќе од 100 жртви, меѓу кои 50 загинати. За самиот напад нема да дискутираме, но една работа го обележи нападот и укажа на тоа како нашата зависност од социјалните мрежи може да биде искористена за ужасни работи. Верувам дека напаѓачот било добро запознаен со тоа како функционира интернетот бидејќи секој аспект од овој напад е скроен со цел нападот да се шири на социјалните мрежи. Самиот напад беше пренесен во живо на Facebook и YouTube, а некој од медиумите подоцна го споделија и на нивните фан страни. Facebook вели дека тргнал повеќе од милион различни верзии на видеото, но корисниците повторно го објавуваат. Ова е многу бизарно бидејќи се чини како да е направена SEO оптимизација на нападот.
5. Еволуцијата на визуелниот дизајн
Се сеќаваш на времето кога дизајните беа шарени, смели, различни? Со тек на време таквите дизајни излегоа од мода. Дизајнерите почнаа да се фокусираат на рамни (flat) и минималистички дизајни. Термините “рамен” дизајн и “минимализам” често се користат заедно. Минимализмот е дел од рамниот дизајн и се фокусира на отстранува сè што е нерелевантно во композицијата. Но зошто се движиме кон рамен дизајн? Нашите навики на апсорбирање на содржината се менуваат и се зголемува бројот на уреди со различна големина на дисплеј. Рамниот дизајн решава многу проблеми кои постоеа кај дизајните во минатото, најголемиот од нив неразбирливоста на дизајнот. Иако рамниот дизајн почнува да станува малку генерички, се прават адаптации во однос на тековните трендови, што значи дека најверојатно ќе видиме некои измени во овој стил.

6. Како до едноставен дизајн?
Компаниите постојано пробуваат да направат што поедноставни производи што се лесни за користење. Повеќе опции, нови технологии, а сепак во формат што е лесен и едноставен за употреба. Понекогаш да се направи нешто да биде едноставно е најтешката работа. Сакаш да дознаеш како да ги примениш принципите на едноставниот дизајн за твојот производ? Тука сме за тебе со листа на 20+ илустрирани примери кои ќе ти помогнат за поедноставување на твојот дизајн.
Бонус линкови
Тука ставаме крај на денешниот преглед во петок. Ако имаш линк (или стрип) што сакаш да го споделиме во следниот преглед слободно пиши ни порака на Фејсбук.
Сега веќе се чувствувам самоуверено да ти ветам дека се читаме во следниот преглед во петок! 😉