Откако во македонските медиуми завладеа радикална шизма и истите станаа автомати за ширење колективна шизофренија, едно убаво попладне си реков „инаф-из-инаф“ и решив да апстинирам од вести. Како? Е така, фино-лепо, нема вести и точка! За да моето тв-информациско апстинирање не биде само солипстичко страдание решив да водам дневник и да се обидам да ги пренесам своите инфоиспоснички и медиумско-аскетски импресии. Еве сумариум од постењето:
ПРВ ДЕН
Првиот ден откако претходниот не си гледал вести започнува со следната промена: забележуваш дека покрај раката за држење далечинско и задник, имаш и други органи, како на пример нозе. Почнуваш внимателно да се движиш по дома, се чувствуваш како бебе кое проодило. Почнуваш сам да си земаш работи од кујна, спална, плакар, без да ги мољакаш другите по дома.
ВТОР ДЕН
Добиваш нагон да излезеш надвор и да се прошеташ. Првин се двоумиш, се нечкаш, трепериш да не те ограби некој, да не те начека некој партиски портпарол по скали, но на крај сфаќаш дека мора да излезеш и да се соочиш со стравот. И кога ќе излезеш надвор се чувствуваш како твојот праисконски предок кога ја напуштал пештерата. Чувствуваш дека се што ти треба е да дишеш, ништо повеќе, дишењето те исполнува и полни со енергија. Неверојатно!
ТРЕТ ДЕН
Полека започнуваш да забележуваш насмевки кај другите луѓе. Чувството е блажено и се прашуваш како досега не си ги забележувал насмевките кај другите. Со малку трпеливост и фокусирање успеваш да се разведриш гледајќи ги насмевките на другите.
ЧЕТВРТ ДЕН
Покрај гунгулата од распукани тротоари, раздупчени улици, лошо паркирани коли, фрлено ѓубре и слично, почнуваш да забележуваш елементи од природата како на пример дрвја, трева, птички… Уште ако ти се погоди сончев ден, доживуваш вистинско воскреснение на сетилата! Животот повторно полека-полека почнува да добива смисла!
ШЕСТИ ДЕН
Забележуваш дека имаш интересни книги дома, кои си ги купил со голем ентузијазам, но за некое големо чудо никогаш не си почнал да ги читаш. Ги забележуваш и справите за вежбање кое си ги купил пред години и години, врз кои се напластиле неколку седиментни слоеви прашина. Се чувствуваш доволно храбар да се фатиш во костец со нив.
СЕДМИ ДЕН
Стануваш целосно толерантен кон грешките на другите и се здобиваш со способност да им простуваш. Кога некој по дома ќе ти згреши нешто, не пукаш секундарно во афект и не се раздеруваш како хормонално раздразнет адолесцент. Некој ќе ти ја изеде половинката чоколадо што си си ја оставил за по ручек, не се ни обѕрнуваш, ќе ти ја потрошат топлата вода од болјерот, викаш нека простено ти е чедо…Ти се враќа самодовербата, се чувствуваш дека твојот живот вреди нешто, дека животот е полн со можности кои не си можел ни да ги видиш, а камоли реализираш. Едноставно, добиваш способност животот да го гледаш во боја!
Џабе апстиненција од вести и шетање по улица, кај нас и вестите излегоа на улица, дури можеш да сретнеш и некој кој со сиот памет ќе ти каже „И јас сум А1“ :-))))
Факат, се потешко е да се избега 🙂 Фала на коментар.
a kade e pettiot den? ili morase da gledas MK idol?
:)))))))))