Сигурно примети дека веќе не пишуваме само јас и Дарко и дека во тимот на komunikacii.net и посебно #ПрегледВоПеток ни се придружија и Наташа и Александра. Еве и од мене едно добредојде за нив.
Овој преглед во петок, за твоја среќа или несреќа, си заглавен со мене, Симона. Ииии со уште новости поврзани со коронавирусот. Но на крајот имаме и некои интересни линкови поврзани со дизајн. Затоа скролај и читај.
Моќта на социјалните мрежи за време на кризата со коронавирусот
Коронавирусот е најголемата катастрофа за нашата генерација. Нè доведе до економски колапс и криза во јавното здравство. Додека сите советуваат да седиме дома и да не се собираме во големи групи, се наметнува прашањето, како да делуваме како заедница и ги практуваме културните вредности што нè држат заедно?
Дезинформациите за коронавирусот станаа инфодемија сами по себе и луѓето и понатаму сметаат дека социјалните мрежи се виновни за нивно проширување. И тоа е сосема точно.
Но има уште една страна на приказната – страна која ја прикажува вистинската поддршка што социјалните мрежи ја пружаат. Не само што се покажаа како вредна алатка за добивање важни информации, социјалните мрежи се и од големо значење за поврзување на заедниците ширум светот. Особено кога не сме во можност тоа да го направиме во вистински живот.
Социјалните мрежи ни помогнаа да го задржиме и заштитиме духот на заедницата во време кога секој од секого се оддалечува. Токму ова може да ни помогне да бидеме инспирација и поддршка едни на други и да шириме позитива и добрина – вредности што нè држат заедно.
Кој можеше да претпостави дека tech индустријата е подложна на коронавирусот?
Како што коронавирусот почна да го преобликува американскиот живот така големите tech компании несвојствено брзо реагираа. Озлогласените Facebook и Twitter наеднаш почнаа да промовираат линкови до веродостојни информации од CDC и WHO.
Последниве недели можеме да видиме дека сè повеќе tech компании ги пренасочуваат своите ресурси кон правење добри дела во битката против коронавирусот. Во екот на оваа драматична промена, вестите за овие компании станаа светла точка. Новинарите се запрашуваат дали нивните пишувања, кои последните три ипол години се фокусираа на еден вид осудување за нивната работа, го достигнаа крајот.
Сега за сега едно е точно, а тоа е дека гигантите во tech индустријата го променија мислењето на јавноста. Следниот пат кога ќе има анкета во САД може ќе видиме дека довербата на американците во овие компании се зголемила. Сепак едно останува да видиме – дали оваа промена ќе влијае врз многуте активни истраги во врска со приватноста и други работи.
Ryan Reynolds ќе донира 30% од профитот од неговиот џин за шанкери кои се без работа
Еве уште една позитивна вест во битката против коронавирусот. Во вторникот актерот Ryan Reynolds на својот Твитер профил најави дека тој и неговата компанија Aviation Gin ќе донираат 30% од нивниот профит на заедницата на шанкери на САД (United States Bartender’s Guild) како дел од нивната програма “Tip Your Bartenders”.
Да, знаеме, секој ден има по неколку вакви вести но ова е Ryan и брендот кој ги има некои од најдобрите кампањи изминативе месеци. Моравме да го спомнеме.
Многу новости во светот на дизајнот како резултат од коронавирусот
Сето ова време поминато дома, не е ни чудо што креативноста низ цел свет цвета. Исто така не изненадува фактот и дека многу од новите проекти кои ги гледаме се поврзани со коронавирусот. Без разлика што поминуваме низ тешко време, уметниците и дизајнерите праќаат силни пораки за надеж и единство.
Еден таков проект е редизајнот на познати логоа од графичкиот дизајнер Jure Tovrljan кои играјќи со празни места, слики и имиња на брендови создаде многу итри и провокативни дизајни.
Изгледа од него се инспирираа и Kappa.
Запознај го новиот dribbble.com
Последнава деценија интерфејсот на Dribbble беше таков што го ставаше портфолиото на дизајнерите на прво место: минимален интерфејс што не бркаше трендови туку само ги прикажуваше како што доаѓаа и си одеа.
Но последниве години тимот на Dribbble сфати дека им недостасува малку естетичност. Затоа новиот дизајн на Dribbble е направен да ја прикажува креативноста на уметниците на прво место а сепак платформата да е визуелно убава на око (visual harmony).
И Slack се редизајнираше
Slack исто така го редизајнираше својот интерфејс и додаде нови опции со цел да ја направи платформата поедноставна и поорганизирана за своите корисници. Редизајнот вклучува и нова навигација, фолдери за организирање разговори, итн.
Бонус линкови
- In Lockdown: A world without sport – We Are Social UK
- Resources for Instagram Marketers in Time of Coronavirus Crisis
- Pinterest Provides Tips on How Brands Can Communicate Amid the COVID-19 Pandemic [Infographic]
- Zoom is 2020’s hottest yoga studio
Толку од денешниот преглед во петок. Ако имаш линк што сакаш да го споделиме слободно пиши ни порака на Фејсбук.
Се читаме во следниот преглед во петок. 🙂