10 факти за рекламите

10. Зборот „реклама“ е синоним со зборот „оглас“. Реклама-и, етимолошки се изведува од старо француското „rèclamer“ (да повика, да огласи, разгласи). Денес французите не го употребуваат овој збор, туку „pub“, кој е со ист корен со латинското „populus“, „publicus“ (народ, јавно), па би се превел како „објавување, објава“, додека англофонскиот пандан „ad-vert/izing“, е изведен од друг латински збор (advertere, ad+ vertere = да се сврти, [кон]), со значење „да привлече внимание“.

9. Рекламата обично има две компоненти: (1) информација, (2) убедувачка порака. Во денешното рекламирање информацијата е потисната (или воопшто ја нема) од втората компонента, убедувачката порака, која е клучна за брендирањето на производот и оној кој се рекламира, и со тоа е модерен стил на изразување на оние кои се рекламираат во обид да се покажат како помоќни, во својот бизнис.

8. Зборот „бренд“ (англ. brand) е синоним со зборот „жиг“; Англискиот збор има исто потекло со „burn“ од старогерманското „brant“, преку староанглиското„byrnan“ (да гори) и со метафорична употреба се употребува уште од 16-от век како означување на жигосувањето на предмети, животни и луѓе, како тогашна процедура за означување и идентификација. На шега кажано, да се носи бренд, може да се преведе и како да се биде жигосан 🙂

7. Првиот регистриран комерцијален бренд е „Pears“ сапунот (во 1789).

6. Рекламата често се однесува на ентитети и групи кои не продаваат ништо (во смисла на предмети, услуги и слично), туку се користат како објави за одредени појави, настани од нашата реалност, па такви се политичките реклами, повици за акции, кампањи и слично. Овој тип се нарекува и „некомерцијална реклама“, но може да се каже дека и тие се „строго наменски пораки“ кои имаат прецизна цел која треба да се исплати со некој подоцнежен посакуван ефект или реакција.

5. Буџетот за рекламирање на глобално ниво постојано расте. Бројката на глобално ниво се приближува негде до 400 милијарди долари (официјално и оданочено секако 🙂 апроцентот на пораст расте во просек по 2, 3 проценти на годишно ниво. Локално рекламниот колач не е обзнанет, неофицијално е неколку милиони евра (едноцифрени), секако без владините контрибуции во овој сектор.

4. Нови форми во рекламирањето се најприсутни во сферата на интернетот (Popup, Flash, banner, advergaming, и.т.н) кои се во строг контраст со „контингентното рекламирање“ (рекламирање на купче, т.е. т.н. рекламни/ЕПП блокови). Треба да се додаде и „контекстуалното рекламирање“ кое станува сè поприсутно (tx Darko 🙂

3. Прикриеното рекламирање (Embedded Advertising) е попроширено отколку што мислиме. Ваквите реклами обично се вметнати во филмовите, но постојано се пронаоѓаат нови форми за него. Се смета дека ваквото рекламирање е многу поефектно за емотивно поврзување кон производите.

2. Во Австралија, Нов Зеланд, Јужна Африка, и некои европски земји, рекламирањето е регулирано со кодекс на самите рекламни агенции и медиуми.

1. Рекламата ги експлоатира децата повеќе од кој било друг јавен чинител. Најчесто се прави огромна фама, а и законски е регулирано (забрането?) во повеќе земји, појавувањето на децата во политички настани, реклами и слично. Но, комерцијалната реклама експлоатацијата на децата ја има усовршено и доведено до максимум, но глобалниот консензус е дека децата во рекламите и нивното комерцијализрање е нешто што не треба јавно да се дебатира.

Секој петок во твоето сандаче: преглед на најактуелните маркетинг, SEO, SEM, UX, дизајн теми и линкови од претходниот недела.

1 Comment 10 факти за рекламите

  1. darko156 30/03/2008 at 21:37

    Кај точка 4. си заборавил да го ставиш контекстуланото рекламирање.

    денес надвладува на интернет, полека но сигурно 🙂

Comments are closed.