Интервју со Ана Азгоур од блогот Сурово и Вкусно

Минатата недела кога го планиравме подкстот на тема блогови за храна Ана Азгоур авторката на Сурово и Вкусно, блог за сурова храна не успеа да ни се придружи па затоа решивме да не ја изоставиме неа зошто таа како и Теа од Часови по готвење беа мотивација за темата. Прашањата кои ги спремив за Ана (ми помогна и @natalija) всушност ни беа скица за подкастот со Маја и Бојана. Неколку дена подоцна еве ги на долго и широко одговорите на Ана:

1. Од каде идеја/желба/потреба за почеток на блогот?

Мојата прва авантура со сурова храна се случи во 2006г и траеше 5-6 месеци. Шест години подоцна одлучив дека е вистинскиот момент да се вратам кон овој тип на исхрана и полека почнав да приготвувам (и да си запишувам) нови рецепти од оваа кујна. Бидејќи бев тазе преселена во Македонија, воопшто немав претстава дека ваквиот тип на кујна скоро и да не постои тука. Не можев да најдам никакви информации на интернет (а сум голем зависник од него!), па според тоа незнаев ни како ни каде да почнам да барам намирници. Овој недостаток на информации на македонски јазик ме поттикна да почнам нешто сосем ново на овие простори, а со тоа и да се инспирирам себеси да се хранам поздраво. Логично ми беше дека ако некој го чита мојот блог, дека тој некој ќе очекува нови работи на него, па со тоа и јас ќе морам се почесто да спремам и да споделувам нови рецепти.

2. Колку време ти одзема пишување еден пост, без готвењето?

Постовите со рецепти обично ги средувам за 45мин до саат време, вклучувајќи го и изборот и вметнувањето на фотографиите.
Но доколку пишувам за некоја состојка или производ, целиот процес ми се одвива во тек на 2-3 дена: истражувам што се може да се најде на интернет на таа тема, читам текстови, читам лични искуства и коментари, (ментално) потцртувам, собирам информации во word, за на крај да почнам да ги склопувам сите тие важни и корисни детали во еден информативен текст.

3. Дали повеќе уживаш во готвењето откако го започна блогот?

Дефинитивно сум повозбудена кога готвам нешто ново, и понетрпелива да го видам и вкусам крајниот резултат! И потоа секако да го споделам и да ја видам реакцијата на читателите ☺

Ана на снимање за moirecepti.mk
Ана на снимање за moirecepti.mk

4. Колку влијаат коментарите на читателите врз твоите следни рецепти?

Хмм, мислам дека до сега сум имала само неколку коментари кои ме поттикнале да направам нешто ново… Главната причина е што исхраната со сурова храна е прилично нова тема кај нас, и луѓето немаат основно знаење за овој тип на исхрана, па затоа коментарите се повеќе од информативен карактер отколку сугестии или конкретни барања.

5. Дали некогаш си признала дека некој твој рецепт не е добар?

Ха, секако! Јас сум си најголем критичар (тоа го знаат сите околу мене што пробале од моите рецепти). Имам специфичен вкус, и некогаш јадења кои им се супер на другите мене ми се така-така. Сепак никогаш нема да заборавам кога прв пат направив „шпагети“ од живи тиквици – незнам што очекував, тоа беше на самиот почеток од мојата авантура со сурова храна – вкусот ми беше таков шок, што по 2-3 залака фрлив се во канта.

6. За да имаш добар блог за храна што е поважно, да знаеш да готвиш, да знаеш да сликаш или да знаеш да пишуваш?

Сите три елементи се многу важни, дури би го додала и сервирањето т.е. презентацијата на храната. Но сите знаеме дека „сликата е вредна 1000 зборови“, така што сликите треба да бидат оние кои ќе предизвикаат во моментот да посакаш да го „смачкаш“ она што го гледаш! Е сега тоа што јас фотографирам на ½ метар квадратен, со едно од трите деца обесено околу нога, тоа е друг момент ☺

7. Дали нешто се промени во твоето секојдневно функционирање и готвење откако го започна блогот?

Дефинитивно, и тоа како поминува времето се повеќе и повеќе се менува… Прво значи скоро и да не поминува оброк без да го извадам апаратот! ☺ Инаку за разлика од првите 2-3 месеци кога поминував по 1-2 часа во постирање и споделување на нови содржини, во последниве неколку месеци поминувам по 3-4 часа во одговарање на пораки и коментари на читатели, и истражување на одредени теми за кои што немам доволно познавања (бидејќи не сум експерт за сурова храна) со цел да им дадам што е можно подетални и поинформативни одговори. Одговорноста за континуирана и исцрпна комуникација е особено голема кога станува збор за читатели со некакви здравствени проблеми, кои сакаат да се преориентираат кон овој тип на исхрана со цел излекување или подобрување на нивната здравствена состојба, како и за комуникацијата со трудници и мајки со мали деца.

Ана во текст за Теа Модерна
Ана, гостин во Теа Модерна

8. Сега, после 1 година што е приоритет на блогот: љубов кон готвење или бизнис?

Љубовта кон (не)готвење останува без разлика на се друго! ☺ Бизнис жичките помеѓу блогерите и компаниите гледам дека се спојуваат многу потешко на овие простори отколку на запад. Иако има и такви кои што ги согледуваат придобивките од ваквиот тип на соработка, сепак сеуште цврсто се држат до потрадиционалниот (да не речам офлајн) начин на работа.

9. Има ли план за монетизирање?

Би сакала да можам да ветам дека никогаш нема да им наплаќам на читателите за она што го работам и дека се што споделувам со нив ќе остане бесплатно засекогаш. Но таа одлука може да значи и лимитирање на времето кое што го поминувам да ги направам сите дополнителни информации достапни за нив, и да им одговорам на сите поставени прашања детално и онака како што заслужуваат. Отворената и позитивната комуникација, како и нивната неизмерна благодарност е она што моментално ми ги полни батериите.

10. Имаш ли некој кој си го сметаш за муза, некој готвачки гуру?

Готвачки гуру не, бидејќи интернетот е преполн со преубаво презентирани рецепти од оваа кујна, и не си го ограничувам задоволството да уживам во што е можно повеќе од нив. Меѓутоа има едно американско семејство (The Garden Diet Family) преку чија веб страна се запознав со суровата храна и ги учев основите, го следев нивниот прогрес, ги купував нивните е-книги, учествував во нивните онлајн предизвици за прочистување и за почнување со ваков тип на исхрана.

11. Имаш коментар за food блогерите во МК? Дали постои заедница на овој тип блогери?

Колку што сум информирана, food блогерите во МК се бројат на прсти, но и од тие неколку што сум ги видела, се гледа дека сите ги работат своите блогови со голема страст. Постојат уште 2-3 прилично нови блога за сурова/веганска исхрана, и со овие блогери имаме супер онлајн комуникација, па дури имавме и едно офлајн дружење пред неколку месеци, проследено со многу „мх, мх, што е вкусно ова!“….

12. Што е следно?

Ресторан сигурно не – за сите оние кои ме буцкаат во таа насока ☺ Но се надевам дека ќе успеам да изградам една поголема онлајн заедница на луѓе кои што се заинтересирани да пробаат еден поинаков, поздрав начин на живот (бидејќи исхраната со сурова храна налага и други животни навики), каде што ќе можат да се информираат и инспирираат, и да ги споделуваат своите лични искуства.

Секој петок во твоето сандаче: преглед на најактуелните маркетинг, SEO, SEM, UX, дизајн теми и линкови од претходниот недела.

1 Comment Интервју со Ана Азгоур од блогот Сурово и Вкусно

  1. Pingback: За (не)готвењето и блогирањето… Интервју со Комуникации.нет | сурово & вкусно

Comments are closed.