30 #ПрегледВоПеток

Го почнуваме месец април со 30-тиот преглед во петок!

1. Google полни 15 години

Дали можеш да поверуваш дека Google полни 15 години? Во таа чест, Google најави уште 2 нови надоградби за Gmail, како надополнување на онаа за интеракција со мејловите директно во инбокс од минатата недела. Прво ќе видиме надоградба на опцијата “Smart Compose”, алатката која многу ни помогна во комуникацијата преку мејл, особено кога си во движење. Со новиот апдејт оваа опција ќе нуди уште поперсонализирани сугестии.

Ќе видиме и нова опција за закажување на мејлови. Ова е одлично за оние кои работат во различни временски зони со работодавачот или пак ако не сакаш да пречиш некому за време на одмор. Ова се само мали надоградби, но може да имаат големо влијание и да помогнат во побрзо одговарање на мејлови, одговарање на поавтентичен начин и планирање на мејловите да бидат пратени во вистинското време.

2. Најдени се податоци за 540 милиони Facebook корисници на јавни сервери

Facebook баш и не ја почна најдобро годинава, а се чини како да им оди полошо и полошо секоја недела. Истражувачи од UpGuard изјавија дека нашле податоци за стотици милиони Facebook корисници на јавни сервери за складирање податоци.

Најдени се 2 сета од кои поголемиот доаѓа од фирма во Мексико под името Cultura Colectiva. Складирани се 146GB на податоци за активност на корисниците, имиња на корисничките сметки и лични податоци на 540 милиони Facebook корисници. Сличен сет на податоци бил најден и за апликација наречена “At the Pool”. Иако овој сет е помал, во него имало многу лични податоци, вклучувајќи и 22,000 лозинки наводно користени за апликацијата.

Не се знае колку долго податоците биле достапни за јавноста или кој сè имал пристап до нив. Двата сета биле најдени на сервери на Amazon cloud и истите биле избришани откако Facebook бил контактиран. Сè уште стои прашањето – каде патуваат податоците за корисниците откако ќе бидат прибрани од Facebook апликации?

3. Зошто го гледам овој пост?

Пред 4 дена Facebook најави дека ќе додаде нова опција на News Feed наречена “Why am I seeing this post?”, слично со “Why am I seeing this ad?”. Новата алатка има drop-down мени со информации за тоа зошто објавата е во фидот на корисникот. Оваа алатка е наменета да им пружи на корисниците поголема транспарентност во однос на тоа како алгоритмот за News Feed работи. Но дали е тоа доволно да ги задржи своите корисници и да привлече нови, особено покрај сите други настани?

4. Econsultancy ги тестираше новите Responsive Search Ads на Google

Најактуелната промена кај Google Ads е најавата за Responsive Search Ads (RSAs). За да се увериш дали се вистинскиот избор за твојот бренд или клиент, треба да ги тестираш. Econsultancy направи ригорозни тестови на овој тип на Responsive Search Ads и дојде до многу интересни откритија.

Првиот тест бил базиран на 939 илјади импресии. Податоците покажале дека скоро секогаш Google ќе прикажува реклами што не се пинувани (ако ја има таа опција) иако пинувањето било сугерирано во најавата на бета верзијата. Бројката на RSAs кампањи што донеле подобри резултати била многу мала во однос на Expanded Text Ads (ETAs).

Вториот тест бил базиран на 1.33 милиони импресии. Ова мало зголемување на бројот на импресии резултирало во значително подобри резултати за RSAs во однос на CTR и CVR. Главната разлика кај вториот тест бил фактот што ја искористиле опцијата за пинување на првиот наслов за сите реклами што ги тестирале. Google вели дека сите наслови треба да бидат кроени според тоа што пребаруваат корисниците, така што нема потреба за пинување на насловите.

Оваа опција е се уште во бета верзија и ќе следуваат измени во истата со цел подобри резултати. Google исто така изјави дека RSAs треба да се гледаат како додаток на ETAs, а не како реклами што носат подобри резултати.

5. Пет пати прашај, пет пати одговори

“5 Whys” е метод кој се користи за продлабочување во “cause-and-effect” на некој проблем. Функционира на тој начин што постојано го поставуваш прашањето “зошто?” додека не дојдеш до изворот на проблемот. Оваа техника се користи и за подобро разбирање на некоја одлука поврзана со дизајн… или за излудување на луѓето.

6. Дали респонзивниот дизајн е мртов?

Дали и ти се нервираш кога некој ќе ти рече дека направил респонзивен дизајн, а всушност нема ни р од респонзивен? Океј, технички Е респонзивен, но ја има најмрзеливата форма на респонзивност. Можеш да го видиш сајтот на мобилен, ама дали функционира како што треба? Најверојатно не. Ова е резултат на стариот менталитет “desktop-first” каде што сајтовите се дизајнирани за големи екрани и после скалирани за помали. Тука се и оние со менталитетот “mobile-first”. Тие до некаде ги разбирам, но и тоа не е решение за секој проект. Респонзивниот дизајн треба да биде многу повеќе!

Бонус линкови

Тука го завршуваме и 30-тиот преглед во петок. Ако имаш линк (или стрип) што сакаш да го споделиме во следниот преглед слободно пиши ни порака на Фејсбук.

До следниот преглед во петок. 🙂

Секој петок во твоето сандаче: преглед на најактуелните маркетинг, SEO, SEM, UX, дизајн теми и линкови од претходниот недела.