Анализа: Претседателски слогани

Ѓорге Иванов – Државата пред сè

gorge-ivanov

Слоган: Државата пред сè.
Придружен слоган: Ѓорге Иванов за претседател
Порака: Државата е најважна.
Промовирани вредности: Слога, Единство, Жртва. Верност.
Оригиналност: Асоцира на „Deutschland Uber Alles“ (Јозеф Хајден).
Акција: Ѓорге Иванов за претседател (мека форма на порака за акција) – Гласај за Ѓорге Иванов.

Конотации:

(а) Се истакнува важноста на поимот Држава и се промовира етатистички концепт.
(б) Се поттикнува свест за колективноста, колективот е најважен. Индивидуалноста треба да се подреди на поголемото Добро (државата).
(в) Претседателот е еден од нас, човек од народот, однесувај се кон Државата како што тој се однесува.

Анализа на д-р Караклајиќ:

Со истакнување на концептот Држава се бега од бледиот лик на кандидатот. Неговата слаба индивидуалност и безличност како досегашен функционер се супституираат и преосмислуваат како потчинетост на (светоста на) Државата, а не на владата или партијата. Слоганот и кампањата промовираат концепт попригоден за 18-ти век, отколку за 21-от каде светски трендови се слободите на граѓанинот и правата на поединецот, а не колективистички поими од типот Нација, Држава и сл.

Подредувањето на кандидатот во односна на концептот Држава индиректно порачува дека Државата е загрозена и затоа таа сè уште треба да биде пред сè, борбата за неа трае, нема опуштање. Стравот како мотивација демне од зад слоганот.

Интересно е што во слоганот не стои зборот Македонија, како кај двајцата опозициски кандидати, туку е заменет со Држава. Вистинското прашање е зошто слоганот не е „Македонија пред сè“?. Пораката е дека силната држава, односно силен државен апарат, е најважниот проект на оваа политичка гарнитура чиј дел е и кандидатот. Ако се има предвид сраснатоста на партијата со државата, тогаш се сведува на заклучок дека кампањата е само дел од друг процес и е во прилог на јакнење на партијата.

Иљјаз Халими – За претседател Албанец

iljaz-halimi

Слоган: „Per presidentin Shqiptar“ (За претседател Албанец)
Придружен слоган: Voto 2 (Гласај р.бр. 2)
Порака: Јас сум кандидатот Албанец.
Промовирани вредности: Колектив, Народ, Етно-нација. Поддршка, Верност.
Оригиналност: Слаба. Слични слогани се употребувани на албански јазик.
Акција: Гласај за број 2.

Конотации:

(а) Гласај за кандидат од твојот етникум.
(б) Албанците заслужуваат повисоки функции во државата.
(в) Ние ќе го исполниме тоа што другите албански партии не успеале.

Анализа на д-р Караклајиќ:

Слоганот е набрзина срочен, како и кампањата. Пораките се на базично колективистичко ниво. Се бара лојалност на етнички план, додека етничкото се израмнува со партијата. Со слоганот, претседател Албанец, се поигрува со фантазиите на гласачкото тело. Парадоксално, кандидатот во текот на кампањата изјавува за медиумите дека „очекува гласови и од етничките Македонци“, што индицира импровизации во од и неосмисленост.

Стево Пендаровски – Македонија заслужува претседател

stevo-pendarovski

Слоган: Македонија заслужува претседател
Придружен слоган: Стево, мој претседател.
Порака: Македонија (во претходниот мандат) немаше претседател.
Промовирани вредности: Индивидуалност, Углед, Самостојност, Почит кон татковината.
Оригиналност: Релативно оригинален. Глаголот „заслужува“ во политичкиот јазик често се употребува во контекст на евро-интеграциите (Македонија заслужи кандидатски статус, Македонија заслужи членство во НАТО, и др.)
Акција: Поддржи промена

Конотации:

(а) Македонија нема претседател, тој е само чиновник на власта.
(б) Моментната состојба е неодржлива, а Македонија не ја заслужува. Потребен е премин кон друга состојба, која ќе ја донесат нови луѓе.
(в) Индивидуализмот и самосвесноста се поважни од другите вредности. Само оформен поединец може да придонесува за државата.

Анализа на д-р Караклајиќ:

Слоганот е составен од три повеќесложни зборови, па не може да функционира правилно без придружен слоган (Стево мојот претседател) за да се засили неговата впечатливост. Тој треба да ја засили неговата меморабилност и да го омекне гломазниот глагол „заслужува“. Во слоганите поефектни се форми на глаголот „сум/е” и едносложни глаголи (на пр. оди, или сл.)

Слоганот е релационен, односно тесно се поврзува со главниот конкурент и неговите укажани недостатоци, што го отвора прашањето, што нуди овој кандидат? Некако целата кампања е поставена врз моделот од слоганот, односно е конструирана контрирачки според противкандидатот од власта. Тоа останува голем предизвик за исполнување за кандидатот во самата кампања. Кога се контрастира кандидатот со конкурентот, покрај силната критика мора да стои и силна алтернатива. Ако алтернативата е невпечатлива, ваквиот концепт е многу ризичен. 

Слоганот претставува еден вид испразнет знак, или порака од типот, да не бидеш жеден, треба да пиеш вода. Се разбира дека државата заслужува претседател, пораката е во голема мера редундантна, автоматски се активира семантичката празнина А што е алтернативата или решението? Таквите навидум „банални“ слогани некогаш можат да бидат успешни, но се ризични, кандидатот мора да го исполни семантичкото поле околу слоганот со доста харизма, енергија, елан и полет, но прашање е дали кандидатот ги има во доволна мера.

Зоран Поповски – Храбро за Македонија

zoran-popovski

Слоган: Храбро за Македонија
Придружен слоган: Храбар човек, горда држава. Зоран Поповски за претседател.
Порака: На Македонија и се потребни храбри лидери.
Конотирачки вредности: Храброст, Гордост, Борба,
Оригиналност: Релативно оригинален за политички говор, но прилогот храбро често се слуша во спортскиот говор и жаргон.
Акција: Активирај се. Цели кон неопределени или досега пасивни граѓани..

Конотации:

(а) Приклучи се и биди храбар.
(б) Придонеси кон држава со која ќе се гордееш

Анализа на д-р Караклајиќ:

Слоганот е како изваден од спортска трибина, нема тежина во политичка смисла. Од друга страна придружниот слоган сака да помири два пола, храбар човек и горда држава (човек и држава), и бара силна индивидуа која ќе ги спои тие два пола. Кандидатот може да се најде распнат помеѓу нив.

Играњето со зборот храбар е ризично, лесно може да биде толкуван како порака на аутсајдер во трката. Слична конструкција е користена на плакатите за градоначалник на општина Карпош на претходните избори.

Секој петок во твоето сандаче: преглед на најактуелните маркетинг, SEO, SEM, UX, дизајн теми и линкови од претходниот недела.