По секој настан со трагични последици што добива глобално медиумско внимание, корисниците на социјалните мрежи го преземаат настанот како носечка тема на најголемиот дел од објавите. Ова е, се разбира, очекувано — не постои логична причина главните глобални теми да не бидат главни теми и на социјалните мрежи.
Но, она што исто така веќе стана очекувано, а го прави следењето на социјалните мрежи прилично непријатно во деновите по некој голем трагичен настан, е предвидливото менување на циклусите на реакции кое по одредено време се претвора во неподнослив натпревар на морална надменост.
Во последниот случај со пожарот во Нотрдамската катедрала, овие циклуси беа повторно јасно видливи на социјалните мрежи, со тоа што наместо неколку дена, овој пат им беа потребни само десеттина часа да се свртат.
Тој случај е инспирација за овој текст, кој претставува неакадемски обид да се дефинираат циклусите на реакции по секоја голема трагедија и е лично видување базирано на сопствено искуство.
Циклус 1: Споделување
Првиот циклус е одраз на првичните, инстантни реакции по соочувањето со вест за голема трагедија. Корисникот е шокиран, неговата реакција е најчесто емотивно искрена и првиот рефлекс е да ја сподели веста како одраз на нормална реакција од типот „виде ли што се случило, не ми се верува“.
Од тука, првичното споделување доаѓа до една критична точка, кога веста сочинува 20–30% од тајмлајнот на речиси секој корисник на социјалните мрежи, пред да премине во втората фаза.
Циклус 2: Качување на бродот
Во оваа фаза на споделувањето на веста се приклучуваат оние кои за прв пат ја гледаат, но и оние кои веќе ја виделе, но не ѝ доделиле значење сè додека фреквентноста на појавувањето на нивниот тајмлајн не ги алармирала. Реакцијата на втората група (оние кои и претходно ја виделе ама не изрегирале) веќе не го рефлектира нивниот однос кон настанот, туку е повеќе одраз на загриженоста да бидат исперцепирани како луѓе надвор од содржинските и емоционалните трендови.
Стравот да не се остане надвор од колективот тука си го прави своето. Но при тоа, иницира реакција кај неколку типови на корисници, кои полека се подготвуваат да им го преиспитаат правото на солидаризација или барем интензитетот.
Циклус 3: Преоптоварување на бродот
Во оваа фаза, се создава група на луѓе која не е сосема рамнодушна на зголеменото качување на бродот, поради фактот што треба да го сподели „правото на емоција“ со луѓе за кои смета дека вон настанот реално не покажувале никаков интерес за субјектот погоден од трагедијата, за разлика од нив.

Нивната нормална реакција е да приложи докази за нивната подлабока поврзаност со субјектот на трагедијата, најчесто во вид на фотографии, претходни објави на темата и слично.

Далеку од тоа дека оваа реакција не е искрена и емотивно поткрепена. Но, таа неминовно повторно има ист ефект врз групата што ја дефиниравме како следачи на трендовите, кои како и во втората фаза ќе го следат и овој тренд. На тој начин доаѓа до „преоптоварување на бродот“.
Напомена: погорните 2 примери се илустрација на тоа како би изгледала оваа фаза, а не обид да им се импутира намера на авторите.
Циклус 4: На кој му е место на бродот?
Неподносливата преоптовареност на бродот, сега веќе создава атмосфера во која изговор наоѓаат сите оние кои имаат нешто против колективната хистерија — оправдано или не.
Дел од нелагодноста тука е нормален отпор поради чувството дека голем дел од реакциите веќе стануваат усилени.

Отворањето на дискусијата за тоа кој заслужува место на бродот спремно ја чекаат и циниците, кои се „премногу кул“ за колективно споделување емоции, па со ова добиваат шанса да ја покажат супериорноста на својата позиција по однос на останатите.

И додека најголем дел од циниците ќе тргне во поход против објавувачите, дел од нив ќе ја пренесат фрустрацијата од „ужалените“ кон субјектот на трагедијата, преиспитувајќи ја неговата подобност да биде предмет на емпатија. Ова во нашето општество може да се нарече и „синдром Тоше“, како еден од најекспликативните примери на ваков трансфер на емоции кон субјектот.
Циклус 5: Каде плови овој брод?
Тука полека дискусијата почнува комплетно да се одвојува од првичниот субјект (трагичниот настан) и сите на бродот веќе забораваат која е првичната дестинација (емпатија со погодените од трагедијата). Најјасен сигнал за почеток на оваа фаза се објавите „Каде бевте кога…“ и „Не ве гледам да коментирате за…“
Во овој циклус две групи се носители на наративот. Првата е помалубројна и врзана за одредена кауза за која смета дека не добива на значење колку што треба. Тие го користат овој момент да се обидат да го свртат вниманието кон сопствената кауза.
Поголемата група, пак, најчесто поставува предуслови за подобност за „жалење“ во форма на примери од релативно подалечни култури, по природа помалку блиски до нашето општество. Или пак примери кои не добиле медиумски третман на еднакво ниво како тековниот. За оваа група иманентни се објавите од типот „Не се сеќавам вака да се потресовте за…“, „Зошто не сменивте профилна слика кога…“, „Каде бевте кога…“.

Овој циклус е мошне напорен за корисниците на социјалните мрежи бидејќи за секоја нивна наредна објава на темата мораат однапред да калкулираат со кој од претходно споменатите наративи ќе влезат во конфликт. Иако чувствуваат дека нивната првична реакција е оправдана, свесни се дека ќе потрошат огромно количество енергија за дообјаснување на својата позиција без истата да има ефект на туѓите позиции.

Доброто е што ова е кулминација на целиот процес и од оваа фаза интензитетот полека се намалува, за да биде заокружен со последниот циклус.
Циклус 6: Мемефикација на бродот
Последната фаза на овој процес на реакции и назнака дека хистеријата полека стивнува е фазата на создавање на мемиња чија главна тема се реакциите поврзани со случајот.
На твитер тоа најчесто ќе биде најекстремната (онаа која делува најпатетично, најизвештачено) и ќе биде реконекстуализирана (иста сцена со други топоними и актери). Или ќе биде мемефицирана одредена фаза од некој од циклусите — како на пример фазата „каде бевте кога…“.

Стандардните визуелни меме-темплејти исто така се адаптираат на конкретниот случај.
Наместо заклучок
Овој текст не е ништо повеќе од обид да се рационализираат фазите на реакции на социјалните мрежи после негативни настани кои побудуваат општ интерес. Единствената амбиција е преку рационализацијата на фазите да ја намали фрустрацијата од следењето на социјалните мрежи во деновите после вакви настани.
Како таков, немиовно пати од дефетизам и е одлична основа да го смести авторот во групата на оние кои се ставаат „над ситуацијата“, или во посебен — 7 циклус на „теоритизирања во врска со реакциите“. А се подразбира дека и дополнително го „дотоварува бродот“.
Сепак, јас до сега не сум нашол начин да се вклучам во некој од погоре дефинираните циклуси со содржина која ќе има позитивиен ефект било на наративот, било на учесниците во наративот. Ова е прв таков обид и ќе ми биде драго ако оваа дискусија се продлабочи и добие малку на теоретска тежина.
Кој и да си Дарјане, секоја чест. Одлично четиво.
Одличен текст.
Фала за здравиот придонес на темата.
Makes the conversation worthwhile 🙂
A kaj beše vaka da analiziraš koga vmro i sds… bla bla bla 🙂
Se šalam, sekoja čest za tekstot, odlično! 🙂
Se soglasuvam so drugiot komentar, Darjane!
Одлично е рефлектирана пандемијата, оплакувањето и чудната тага на нашето гротескно општество. Ме потсетува малку на онаа емоција кога ќе ти дојде да се изнасмееш среде црковен обред, но околу тебе ти даваат “ишарет” дека тоа не е пристојно 🙂 браво, убаво освежување.