Петок 9:30, се знае што ново ве чека. Ајмо на читање нови линкови во #ПрегледВоПеток.
Партнерство меѓу Apple, Google и Amazon до крајот на годинава
Замислете си имате совршено функционален паметен дом каде што сите паметни уреди се поврзани меѓу себе и си функционираат во хармонија! И замислете сега дека навистина постои еден таков проект кој сакаат да ни го овозможат гигантите на пазарот. Е па, тука е CHIP – Project Connected Home over IP, проект кој ги здружи силите на Apple, Google и Amazon со цел да понудат унифициран стандард за производи за паметни домови, така што нема да имате грижи дали уредот што ќе го купите ќе работи со другите уреди што веќе ги поседувате.
Она што е ново е тоа што, компаниите кои учествуваат во проектот ќе можат да ги сертифицираат паметните домашни уреди за овој стандард до крајот на 2021 година, што значи дека можеби ќе видиме некои од производите како осветлување, ролетни, HVAC контроли, телевизори, брави на врати, гаражни врати, безбедносни системи и Wi-Fi рутери, за време на новогодишните и божиќни празници.
Spotify влегува во вашите автомобили
Hey, car thing, you make my heart sing… 🙂
Spotify конечно влегува во бизнисот со хардвер со претставување на нивниот „Car Thing“ – паметен звучник наменет специјално за употреба во автомобил. Уредот сега е ограничен само на пазарот во САД за избран број претплатници на Spotify.
Ова е првиот паметен звучник само за автомобил и е јасно насочен кон милиони користени автомобили кои што немаат вграден стриминг систем. Проценето е дека барем половина од автомобилите во употреба денес се стари најмалку 11 години, што е многу пред да вградената конекција да стане стандард, така што корисниците на овие автомобили се таргет публиката на уредот.
Vimeo прероден
Како велат, ако сакаш некоја работа да се заврши дај ѝ ја на жена… 🙂 Шала на страна, ви текнува на Vimeo, компанијата која постои веќе 16 години и најголемиот дел од ова време таа беше помалиот конкурент на YouTube? Е па, тоа сега веќе не е така. Кога Anjali Sud ја презеде функцијата на извршен директор, реши дека Vimeo веќе нема да го следи YouTube и ќе стане компанија за софтвер што им служи на креаторите на видеа. Зошто и како ќе си прочитате во интервјуто на The Verge.
А таа реши и не згреши: на крајот на 2020 година, Vimeo имаше над 1,5 милиони клиенти кои плаќаа, генерирајќи приход од 83,8 милиони долари само во Q4. Всушност, Vimeo растеше толку брзо во 2020 година што случајно оствари профит во третиот квартал дури и додека компанијата се обидуваше да инвестира во раст.
Facebook објави Social audio подобро од Clubhouse
Ако некој го смислил пред тебе, ископирај го на подобар начин и понуди уште повеќе… 🙂
Откако Clubhouse го разгори пазарот и го направи аудиото новиот тренд на социјалните медиуми, Facebook објави пакет алатки и Social Audio за да им понуди нови “играчки” на своите корисници и да им овозможи да го користат Facebook на нови начини. Меѓу новите алатки тие нудат и конкурент на Clubhouse, а ќе се појават во текот на следните месеци.
Во секој случај новиот сет на алатки нуди едно целосно ново аудио искуство кое ќе им помогне на корисниците да се поврзат уште подобро и да ги искористат сите можности на аудиото. Прочитајте за сите новини во соопштението на Facebook: Be Heard: Bringing Social Audio Experiences to Facebook
Тука да не заборавам и една одлична новина од минатата недела што им реши уште една мака на маркетерите: Закажување на сториња за Facebook и Instagram
Twitter Professional Profiles за брендови и креатори
Во последно време брендовите го избегнуваат Twitter (барем кај нас) заради мал милион причини (во друга прилика ќе дискутираме за ова). Со новините кои ги објави Twitter можеби полека ќе се враќаат поактивно на платформата:
Фрлете око на онаа About секција, која мнооогу всушност потсетува на Facebook, но на овој начин ќе им овозможи на бизнисите, непрофитните организации, издавачите, креаторите и секој друг што го користи Twitter за работа да прикажува специфични информации што сакаат клиентите да ги видат. И тоа е само почетокот…
Бонус линкови
- YouTube Provides New Overview of How its Video Recommendation Systems Work
- Sidechannel Live: Mark Zuckerberg with Casey Newton
- Google postpones page experience update rollout
- Here’s What You Need to Know About Google’s 17 New Recommendations
Уживавте? И јас. Убав викенд 🙂