Некако полека се враќаме во нормала, понеделникот ни изгледаше како понеделник, фреквенција во канцеларија… и во едно такво повеќе накај нормално сценарио, нормално е јас да заборавам дека требаше да пишувам преглед. Среќа ми текна, скоро на време, па еве го денешниот летечки #ПрегледВоПеток
Онлајн достапноста никогаш поважна
Нека дигнат рака оние кои изминативе месеци не се обидувале на своите родители или баба и дедо да им објаснат како можат да си ги платат сметките на интернет. ЕВН, Водовод, БЕГ, Телеком, А1, Телекабел… градинка, влез… и така натаму… Секој од овие сервиси со свои предности а богами и со недостатоци, верувајте ми искусив во повеќе ситуации на своја кожа 🙂
Зошто овој муабет, затоа што сега, повеќе од кога било потребно ни е д се фокусираме на достапноста и употребливоста на нашите онлајн решенија. Знам дека поголем дел од компаниите импровизираат периодов и го бараат најбрзото и за нив наједноставно решение за да ги направат своите услуги достапни онлајн, и тоа е сосема во ред, но за момент ставете се во чевлите на вашите корисници и погледнете го нивното искуство. Од тоа искуство зависи дали после пандемијава тие со задоволство ќе се вратат на своите стари навики или ќе продолжат да си ги користат онлајн услугите затоа што ќе им бидат „трауми”.
Twitter расте, но дали е тоа доволно?
Периодов Twitter го забележа својот најголем YoY раст, се разбира под влијание на глобалната пандемија. Но и покрај овие добри вести, компанијата, како и серија други, бележи пад во огласувањето. Односно, заработката е значително помала во споредба со истиот период лани. И за Twitter е истиот муабет, останува да видиме дали ќе го задржат трендот на активни корисници по пандемијата, и дали парите од реклами ќе им се вратат брзо.
Светот под контрола
Веќе пишувавме во претходните прегледи за напорите на различните влади низ целиот свет да се намали ширењето на коронавирусот со помош на апликации на мобилните телефони кои ќе го следат нашето движење. И во вчерашната прес конференција нашиот министер за здравство повторно истакна дека ова може да биде важен сегмент за успешно справување. Google и Apple веќе ги пуштија своите први верзии на заедничката платформа на која може за се „закачат” другите апликации, па во таа насока еве уште еден преглед на состојбата низ светот, овој пат преку текст на Bloomberg – The World Embraces Contact-Tracing Technology to Fight Covid-19
Маика – зборува македонски
„Денес сакам да го објавам нашиот најнов производ „МАИКА“, кој ми е посебно при срце поради вредноста која ја носи за нашата земја. Софтверот „МАИКА“ е бесплатна алатка којашто претвора текст на македонски јазик во говор. „МАИКА“ е следниот логичен исчекор што ќе придонесе кон збогатување на алатките и инфраструктурата на македонскиот јазик. – истакна Марјан Николовски во својата објава на Facebook кога вчера како дел од активностите на неговиот Emit Knowledge го најави нивното ново „чедо”.
Не заборавај, за кликање се и бонус линковите. Ако немаат свој одвоен блок во постот, секогаш носат одлични работи за читање или гледање 😉
Бонус линкови
- Дигитални услуги – eCommerce.mk
- Бесплатни алатки и услуги за дигитализација на вашиот бизнис – Startup Macedonia
- Digitalni marketing: Kako mu strateški pristupiti ususret krizi | #NETOKRACIJAPODCAST
- In lockdown: Social distancing, not drinking alone – We Are Social
Се читаме следниот преглед во петок. 🙂