Медиумскa интензификација

Скорешните случувања околу судењето на „Pirate Bay“ ме потсетија на една дебата која одеше на една од локалните телевизии пред неколку години (не знам дали беше баш „Зебра“, ама ја водеше Ели Пешева) за авторските права и т.н. „пиратство“. Помнам една од изјавите на Сашо Мацановски-Трендо во таа емисија во која ја оцени пазарната политика на „Мајкрософт“ како (парафразирам, по сеќавање) „политика (слична) на дилер на дрога кој дозволува (поттикнува) пиратство во одредени региони за да ги навлече корисниците на своите производи“. Веројатно по фазата на „навлекување“ следуваат оние кампањи за легализација на софтверот на Мајкрософт и вистинското офајдување од продажбите, како што тоа беше случај со  договорот на македонската Влада во декември 2003.

Би сакал овој пример на „пазарна борба со сите средства во која на сите сѐ им е дозволено“ да го проширам и надградам кон концептот „медиумска интензификација“ потпрен на премисата дека целата медиумска индустрија работи врз таков дилерски принцип. Се работи за општ културолошки феномен и дел од секојдневната психологија, која само се пресликува во сферата на медиумите.

Медиумските содржини и различните жанрови постојано еволуираат така што претставуваат проширена, надградена и интензивирана верзија на своите претходници. Ако некогаш бакнувањето на актерите на сцена било „првокласна контроверза“, денес тешко дека може да се каже дека тоа воопшто е и некој настан вреден за споменување. Денес дури и во сапуниците, „романтичните“ сцени (а романсата е сѐ во сапуниците, нели?) повеќе наликуваат на меки еротски сцени, отколку на романтични сцени за нашите домаќинки. Медиумските концепти врз кои се базираат самите жанрови или програмски цели, континуирано се интензивираат и стануваат сѐ поекстремни во однос на своите првични или претходни форми. Одвишно е да се каже дека вестите и информативните програми стануваат сѐ поекстремни.

На пример во моето детство „Мечето Ушко“ беше стандард за цртаните филмови, додека „Тарзан“ беше онака цртан кој ги преминува границите и претставува нешто поинтензивно, повозбудливо и само за вистинските мажи меѓу момчињата. Денес кога ќе погледнеш на Тарзан во споредба со разните акциони Манги (Naruto, Iron Kid)  кои се вртат на домашните телевизии, Тарзан веројатно би се рангирал како цртан филм дозволен за доенчиња.

Да се вратам на примерот од првиот пасус: оваа логика на еволуција има доста аналогии со „еволуцијата“ на зависник од опојни средства кој откако ќе проба посилна „роба“ нема шанси да се врати на претходната и послаба, таа повеќе не му врши работа. Производителите на медиумски содржини како да се длабоко свесни за овие закономерности и продолжуваат да нѐ трујат со сѐ посилни опојни медиумски содржини. Сепак мора да се каже дека апатијата и досадата на гледачите (кои стануваат сѐ понезадоволни од истите содржини, иако се правени само за да ги задоволат на секаков начин токму нивните потреби), е само линеарна последица на медиумската еволутивна интензификација.

Досадата на гледачот е онака како кивање кое нѐ предупредува дека нешто не е во ред со нашето здравје и дека треба да реагираме.

Секој петок во твоето сандаче: преглед на најактуелните маркетинг, SEO, SEM, UX, дизајн теми и линкови од претходниот недела.

5 Comments Медиумскa интензификација

  1. Anonymous 23/08/2010 at 23:29

    Мислам дека дел од „интензификацијата“ како што (сосема соодветно) го нарекуваш овој тренд, се должи и на „стеснувањето“ на светот — демократизацијата на информациите, кои сега се лесно и едноставно достапни секому.

    Медиумите (без оглед на кој „пренос“ се базирани) немаат избор, она што привлекува најголема публика е само тоа што е „пик“, што на било кој начин отскокнува од вообичаениот шум и overload кој нѝ се случува. А ако немаат публика, тешко опстануваат (не само материјално, туку и во сите други аспекти, влијание, на пример).

    BTW, кога почна со „стручњаците“ Ели и Трендо, малку превртев со очи 🙂

    Башка што воопшто не се сложувам со Трендовата теорија за „навлекување“, барем во случајот со Мајкрософт (која што не дава скоро никакви резултати, кога воопшто би била точна, а „македонскиот случај“ е повеќе корупција одошто навлекување).

  2. sead93 24/08/2010 at 12:17

    Ух, колку сум заборавил на оваа дискусија 🙂 фала што ја разбриша прашината од неа. Вака од оваа пост фестум перспектива уште останувам во недоумица до каде таквата интензификација, по сите линии, може да оди, а да не излезе од рамките на поднсливото. Се работи за она правење „еден чекор понапред“, во сите медиумски жанрови, подмрднување на границата само заради помрднување и бихејвиористичко привлекување внимание и фацинираност од публиката. Некако ме потсетува таа „логика“ на онаа серија „Jackass“ каде во секоја наредна епизода или продолжение смислуваат пооткачени и поблесави работи за да го одржат токму тој тренд, чекор подалеку. За Мајкрософт и локал корумпирањето мора да се сложам со тебе, од редица причини 🙂

  3. Anonymous 24/08/2010 at 12:31

    Пред едно 20 (и кусур) години, имаше еден филм со Шварценегер — The Running Man ( http://www.imdb.com/title/tt0093894/ ).

    Филмот – ништо особено, но основната тема — риалити шоу во кој натпреварувачите се борат за својот живот — испраќа смрзнувачки сигнали во кичмата. Дали дотаму ќе стигнеме?

    Ах, добрите стари времиња на „Квискотека“, бескрајно љубезниот и пријатниот Оливер Млакар!

    Од друга страна, не е само дека медиумите стануваат *такви*. Целиот свет станува *таков*. Насилието, бескрупулозноста и интензификацијата станаа норма на модерното живеење.

    Кажете ми, колку сериски убијци имало во Македонија до пред 2000-та? Колку педофили? Колку „каубојски“ кражби на банки?

    Точно, сите сме помрднати од место.

  4. sead93 24/08/2010 at 14:19

    Сполај ти на извонредната констатација: сите сфери стануваат такви..и тоа е она што најмногу треба да не загрижува…не од некакви „моралистичко“ пуритански ами од најегзистенцијално можни причини.

  5. chauffeur service me 21/11/2012 at 06:38

    John Fitzgerald Kennedy~ Ask not what your country can do for you ask what you can do for your country.

Comments are closed.