Да, повторно ќе зборуваме за содржината 🙂
Последниве години брендовите се загреаа за маркетинг преку содржина и почнаа поактивно да следат и да учат како да ја искористат нејзината моќ. Но, во последно време мислам дека повторно почнува да се занемарува важноста на инвестирањето во квалитетна содржината.
Ќе си дозволам да кажам дека за тоа го обвинувам Facebook, или поточно речено, го обвинувам начинот на кој нашите брендови го користат Facebook. И покрај тоа што гледаме зголемено присуство на Twitter и Instagram, сепак Facebook e ултимативен лидер кај брендовите на нашиот пазар. Но морам да признаам дека се повеќе се разочарувам од тоа каква улога има Facebook на нашиот пазар и какво влијание има врз перцепцијата на брендовите. Моето разочарување произлегува од неколку испреплетени фактори:
ПРВО: Најмногу публика има на Facebook и брендовите мора да ја следат истата и да се адаптираат на тоа како публиката го користи Facebook.
ВТОРО: Од друга страна пак брендовите директно или индиректно го поттикнуваат трендот на кој начин публиката го користи Facebook. Кога видоа дека нешто функционира без многу да се потрудат, како на пример наградни игри и очајни статуси кои по секоја цена ќе предизвикаат вклученост на фановите без некој соодветен контекст, тие почнаа да ја форсираат таквата содржина до максимум. И да не биде моето мислење многу субјективно, би ве прашала следново: нели ви се смачи од собирање лајкови за награда, или сложувалки, пронајди ги разликите, лесни математички равенки, и слични постови кои немаат никаква врска со брендот, но ете нашата публика ги сака затоа што добива награда?
ТРЕТО: За тоа каква содржина форсираат брендовите, пак ќе го обвинам Facebook, односно неговите основни поставки за успешност на еден бренд, како на пример број на лајкови.
Ова е еден маѓепсан круг кој станува уште помаѓепсан со сите новини кои Facebook ги воведува, и не гледам дека наскоро нешто ќе се промени на оваа тема во позитивна насока. Но сепак би нагласила ова да не се зема за точно безрезервно, бидејќи Facebook може да понуди и нуди поинакво искуство ако успееме да ја промениме културата на публиката и брендовите при користење на истиот.
Упорно верувам дека инвестицијата во квалитетна содржина порано или подоцна ќе си го покаже својот резултат. Кај нас има брендови кои се трудат да го одржат пазарот со инвестирање во содржина и да направат мала разлика и истакнување над стандардните Facebook финти кои сто пати до сега сме ги виделе. Реков дека ќе фалам брендови, без разлика кој, зошто и со каква цел стои зад направеното, па затоа тука морам да ги споменам блоговите на Бадел и ЏаБест и Делимано кој не изостанува од било која тема за позитивен пример за дигитален маркетинг. Кампањата за вински бонтон на Тиквеш и кампањата 5 ѕвезди со Скопје Сити Мол исто така се одлични примери за соодветна инвестиција во квалитетна содржина. Ова се едни од подолготрајните кампањи на брендови кои се вредни за почит и кои треба да се следат како пример.
Она што го забележувам кај брендовите е неспособноста да го согледаат резултатот од подолготрајна кампања однапред. Со самото тоа што не можат да видат инстант фидбек, губат мотивација, ентузијазам и желба да инвестираат во било која кампања што не е краткорочна. И главно сметам дека тука лежи проблемот за се помалку квалитетна содржина која се помалку ја гледаме на пазаров.
Сигурна сум дека знаете уште повеќе позитивни примери за наши брендови кои креираат квалитетна содржина, па драго ќе ми биде да ги споменете во коментар.