Нападност, принудување и интрузивност

Разните генерации на медиуми, во сите фази на својот развој, имаат црни петна кои некако ја затемнуваат нивната позитивна улога во општеството. Согледувањето на овие недостатоци е важно за да во следните чекори на развој тие евентуално се надминат.

Како едно од поважните нивоа за вакви согледби, може да се спомене економското рамниште. Низ таа призма, секоја претходна генерација имала недостатоци, што е во ред, и треба да се има разбирање, но проблемот е што маркетиншкиот развој не ја вклучувал димензијата на отстранување на недостатоците на претходните генерации. Иако самите форми на рекламирање се мултиплицирале, сепак клучните недостатоци некако се провлекуваат. За што станува збор?

Во претходните генерации на медиумите кога доминирале печатените форми, весници, списанија, билборди, паноа, вградената аномалија на маркетиншкиот модел е логиката на рекламното презентирање која охрабрува НАПАДНОСТ и агресивност врз сетилата на целните групи и потенцијалните потрошувачи. Што повеќе има места и форми каде можат да ве „нападнат“ со своите рекламни пораки, тоа подобро, а и поскапо за оној кој се рекламира. Моделов е доминантно КВАНТИТАТИВЕН и некако мене ми наликува на моделот на „прскање бубачки“: што повеќе напрскаш, и на слепо ако треба, поголеми се шансите дека ќе засегнеш поголем број од нив. Делење летоци, брошури, предизборни летоци по поштенски сандачиња и слично, се дел од оваа квантитативна пракса која својата нападност не успеаа да ја артикулира на некој поефикасен начин.

Следната генерација електронски медиуми, водена по логиката на квантитативното рекламирање, повторно претежно се базира на бихејвиористичко-павловистички принципи и стратегии, комбинирано со психо-анализа, a самата нападност како стратегија ја заменува или надградува со методот на ПРИНУДУВАЊЕ. Значи, те подбуцнува (преку тизери) да следиш тв или радио програми, и откако ќе ја развиеш навиката кон тие содржини, те принудува да ги следиш маркетиншките содржини додека не продолжи она за што всушнсот и си седнал пред телевизорот. Во основа се работи  за принудување, па иако има и други кои мислат поинаку, сепак разголените цицкасти тела и вицкасти реклами се средство кое треба таа принуда да ја затскрие и маскира.

photo by Hubspot.com

На рамниште на новите медиуми, работите се менуваат, но ни приближно во „револуционерна“ мера во која ние тоа би го очекувале. Револуцијата се случува на други нивоа, додека на ниво на маркетингот сѐ уште сме сведоци на еден вид социјални експерименти, а успешната формула ниту од далеку не е пронајдена. Во најновата генерација маркетиншки стратегии се соочуваме со друга системска фалинка, која обидувајќи се да ја намали квантитативната компонента, да ја одбегне слепата нападност и принудување, завршува со кoмбинирање на суптилни форми на нападност, принудување и онака форте удира со ИНТРУЗИВНОСТ како модел кој само ја продолжува низата на маркетиншки аномалии.

За да биде оваа тековна пракса појасна, обид за сликовит пример: замисли седиш со своите другари по партија „баскет“ пред својата зграда и си правите неврзан муабет, прилично непретенциозен, и одеднаш на вашата клупа, тотално непоканет приоѓа агент кој продава правосмукалки, па ти разврзува муабет, не те ни прашува дали може да ви се обрати, ти му викаш оди, он се опира, и мораш да бараш кај е копчето „close“ или пак истото кога ќе го најдеш ќе треба 3-4 пати да го кликнеш, а можеш да добиеш и бонус, т.е. да ти се појави ново прозорче.

Преминот од квантитативни кон квалитативни маркетинг модели се развива, но мошне бавно (на пример еден прилог за тоа е „behavioral marketing“-от за кој Дарко пишуваше во постот „Defend the Integrity of the Internet“ и кој не е баш репрезентативен за позитивен развој, во таа смисла), што за мене лично е прилично под нивото на развојот на другите нивоа каде сѐ задираат новите медиуми. Логиката на потпирање на претходни или традиционални методи, со сменета форма, се покажува како неуспешна, или недоволно успешна, па во дискусиите и дебатите на овие теми ќе сретнете сѐ повеќе скептични текстови и аналогии со „Internet  Bubble“ периодот.

1 Comment Нападност, принудување и интрузивност

  1. Baju Bayi 21/11/2012 at 06:29

    Wow, marvelous blog layout! How long have you been blogging for? you made blogging look easy. The overall look of your site is fantastic, let alone the content!. Thanks For Your article about Нападност, принудување и интрузивност | К О М У Н И К А Ц И И .

Comments are closed.