Еве не во програма со уште еден преглед во петок.

Минатата недела се оддржи уште еден многу голем настан во САД, Google I/O 2019. Од 2008 година оваа конференција традиционално се оддржува во Калифорнија, во организација на Google. Генерално, конференцијата е фокусирана на новите уреди во производство на Google, но оваа година видовме многу вести во однос на приватноста кои ќе влијаат врз нас маркетерите. Затоа решивме овој #ПрегледВоПеток да го посветиме на подобро разбирање на промените кои ни доаѓаат.
Останатите новости од дигиталниот свет те чекаат кај бонус линковите.
Промени кај Google Chrome кои ќе влијаат на дигиталното огласување
Наредните верзии на Google Chrome ќе ни донесат нешто што ќе ги интересира сопствениците на сајтови и огласувачите. Овие промени ќе влијаат позитивно на искуството на корисникот, но како ќе влијаат на огласувањето?
Native lazy loading за слики, видеа и огласи
Lady loading е процес при кој се вчитуваат само оние ресурси кои во даден момент корисникот може да ги види. Останатите ресурси не се вчитуваат сè додека корисникот не скролне до нив. Ова има голема улога во брзината на вчитување на веб страната.
Chrome е најпопуларниот браузер и за десктоп и за мобилен, така што оваа промена ќе има значајно влијание на сопствениците и администраторите на сајтови, како и на огласувачите. Брзината на вчитување веќе одамна е директен SEO фактор за рангирање на веб страните на Google. Сајтовите што брзо се вчитуваат се најчесто на врвот.
Зошто lazy loading и не е толку супер?
Има нешто што нема да се вчита додека корисникот не скролне до него: рекламите. Особено оние кои се под првиот дел што се вчитува на сајтот (т.н. below the fold content). За сопствениците и администраторите на сајтови кои својот приход го остваруваат од продажба на рекламен простор, ова може да претставува сериозен проблем.
Ако огласот не се вчита, нема да се калкулира како импресија. Помалку импресии значи помала заработка. Проблемот ќе биде уште поголем на мобилен. Google напомена дека Chrome ќе форисра lazy loading и на страни кои го немаат тој атрибут, доколку data saver опцијата е активирана на уредот.
Да бидеме реални за маркетерите ова е добра вест, нема да плаќаат/плаќаме за неефектвини импресии 😉
Промени во начинот на прифаќање колачиња
Користењето колачиња (cookies) со години веќе се практикува како метод за идентификација на корисникот на интернет. Колачињата помагаат во персонализација на корисничкото искуство. Но сведоци сме на многу проблеми со приватноста и начинот на кој се чуваат податоци, па затоа Chrome ќе воведе промени во начинот на кој се прифаќаат колачиња.
Што ќе бидат новите промени кај колачињата?
Со новите промени, Chrome ќе прифаќа исклучиво колачиња од прв ред (first-party cookies). Сите останати ќе бидат игнорирани. За да се обезбеди транспарентност во процесот на поставување колачиња, Chrome ќе бара од девелоперите експлицитно да ги маркираат своите колачиња за да се добијат third-party привилегии и видливост.
Точно ќе се знае кој тип на колачиња користи одредена страница со што ќе се подобри безбедноста и приватноста на корисникот. Chrome ќе прифати колачиња од трет ред само ако се спроведуваат преку сигурни конекции, односно преку HTTPS врска.
Се укинува следење на корисникот преку неговиот дигитален отисок
Дали знаеш дека Chrome-от што го користиш има твој специфичен и уникатен дигитален отисок? Chrome има екстензии и додатоци кои си ги инсталирал ти. Се наоѓа на еден и единствен уред, уред кој има свој оперативен систем. Екранот има одредена резолуција, имаш подесено јазик на користење, временска зона и многу други податоци. Сето тоа е доволно да се направи дигитален отисок по кој може да те идентификуваат. Не по име и презиме, по уред и браузер.
Така огласувачите те пратат и ретаргетираат. Не им се потребни колачиња, лични податоци, мејл, само дигитален отисок.
Освен за потребите за огласување, анализата на дигиталниот отисок помага и во детектирање на лажен сообраќај, ботови и скрипти кои прават ad-fraud и click-fraud. Сепак, Google смета дека ова ја нарушува приватноста на корисникот на два начина; 1. дава права на други лица да те профилираат и следат, и 2. дава права на процесирање податоци за твоето онлајн однесување.
Chrome vs. Digital fingerprinting
Злоупотребувањето на дигиталниот отисок не е во согласност со принципите на Google. На конференцијата беше најавено дека Chrome потполно ќе блокира и оневозможи digital fingerprinting. Оваа промена ќе настапи во наредните неколку месеци. Останува да видиме како огласувачите ќе реагираат.
Бонус линкови
- Facebook Announces Two New Algorithm Updates
- Instagram Rolls Out Updated Explore Format
- TweetDeck Is Getting Some Much-Needed Core Twitter Features
- Ikea Turned A Paris Subway Station Into A Showroom
- New Logo and Identity for Toyota
Стигнавме до крајот и на овој преглед во петок. Се надевам дека ти се допадна идејата за краток recap на она што за нас е важно да го знаеме од Google I/O 2019. Ако имаш линк (или стрип) што сакаш да го споделиме во следниот преглед слободно пиши ни порака на Фејсбук.
Се читаме во следниот преглед во петок. 😉