„Скандал – момче ја побарало својата девојка за жена додека биле сами!“
Ова е мојот фејзбук статус од 14 јануари годинава и кој за жал стана „визионерски“ 🙁
Моментот кога интимен момент како што е барање на раката на саканата ќе стигне до главните вести на една од националните телевизии, е доволно некој од нас да стави прст на чело: полека, што воопшто се случува овде?
Во суштина овде станува збор (за обиди?) за развивање на една нова перцепција за „романтичноста“ директно поттикната од медиумската култура, особено од холувудските филмови. Јавните запросувања не се реткост во САД на пример, каде културната матрица на Американците и нивните сфаќања за романтичноста се тесно испреплетени со филмовите. За нив јавното запросување е еден вид „херојство“ на јавна сцена како потврда на големата љубов и подготвеност за целосна посвета кон брачниот живот. Напнатоста на која се изложува мажот кој јавно запросува соочен со ризикот да биде одбиен и јавно посрамотен, билда еден вид „романтичарски адреналин“ што се интерпретира како жртва на мажот за љубовта кон саканото лице. Секако овде често се заборава позицијата на жената која треба да ја одигра улогата на пасивен одобрувач на овој ритуал и со тоа да ја принесе својата жртва за истиот, прикривајќи го огромниот притисок и речиси доведеност пред свршен чин.
Оваa појава зеде замав на американскиот континент, па бргу се пресели и во Британија, но со различни ефекти и прифатеност, според пишувањето на BBC (Why do some people propose in public?).
Во локална смисла запросувањето на раката на девојката е врвен приватен чин во кој се одвива потврда на партнерите и личниот залог и завет за идниот брачен живот. Иако новиот бран на јавни запросувања кај нас е веројатно осмислен како романтичен пандан на холивудско-американските митови, кај нас интерпретациите не се така едноставни. Голем број од реакциите и не се баш така благонаклонети кон тоа ваквите чинови да ги прифатат како „романтични“ и „херојски“. Културниот код во САД и културниот код во Македонија не се исти, традициите се разликуваат, а степенот на приватноста и како таа се практикува во рамките на овој чин не се многу блиски. Со едноставни зборови ефектите од приопштување на туѓа традиција на друго тло помалку наликува како на пример да ставите каубојски шешир и да се прошетате низ Бунарџик, на пример?
Покрај примена на холивудската романтичарска митологија, познат е и феноменот на вирализација на овие јавни запросувања, особено на Youtube. Психолозите овде најчесто детектираат еден вид барање на внимание и самопотврда на актерите на овие видеа, но и јавен егзибиционизам кој го овозможуваат новите медиуми. Предизвикот лесно да станете познат (славен?) со пуштање на интернет на таков приватен чин за некого има огромна привлечност. Живееме во ерата на Спектаклот, а актерите ваквите запросувања ги толкуваат како спектакли кои можат да им го сменат животот и да ги издвојат од другите, а веројатно и да ги направат славни макар и на 15 минути. Некои теоретичари ова го толкуваат и како „celebrity simulation“ односно лажно проектирање на поединци како проживуваат некоја епизода од животот како да се славни.
Како и да е, идејата овде не ми е да прогласам нешто за погрешно или исправно, туку да се покаже дека културната апропријација на одредени туѓи пракси е многу комплексен процес, а консензусот за или против не се постигнува ниту лесно, ниту бргу. Од друга страна обидот да се пресликаат и применат туѓи модели на однесување, особено ако доаѓаат од медиумите и популарната култура, многу често се судираат со локалната пракса и традиција, а лесно со можат да испаднат и смешни. Умберто Еко ова во неговите семиотички списи го нарекува „аберација“, односно искривување или прекршување на еден модел во друга средина. Некој знаковен модел или образец може целосно да се измени и поинаку да се интерпретира ако му го смените културниот контекст. Мене на истава тема ми паѓаат на-ум оние поздрави, желби и честитки на локалните телевизии од пред десетина години кои одеа некако овака:
„Елеонора звана Бренда на својот братучед Елвис звани Брендон му посакува среќно матурирање и пријатни мигови со семејството“.
Нив веројатно им звучи кул да се идентификуваат со Бренда и Брендон од „Беверли хилс 90210“ серијалот, но сепак треба да се помисли и на тоа какви се интерпетациите на средината.
И конечно, по толку контроверзни примери за најголемиот дел од публиката во Македонија јавното запросување ќе стане вест должна за внимание ако се случи некој да одбие некого во ваков „мизансцен“, како на пример во видеото подолу (а ако некој знае кога конечно ќе падне таа свадба на Сарма нека пише во коментарите).
Инаку, свадбата на Сарма веќе бидна 😀