Кога Mark Zuckerberg, Chris Cox и Sheryl Sandberg ja осмислија и спроведуваа својата кампања “making the world more open and connected” (како Фејзбук да го направи светот пооотворен и поповрзан), позитивноста на ова мото се подразбираше. Се разбира дека светот ќе биде подобар ако биде поотворен и поповрзан, нели?
Ова мото на Фејзбук подоцна се покажа дека не беше обичен слоган или маркетинг крилатица. Со планско и упорно повторување ова прерасна во вистинска мантра во која беше вградена целата филозофија на овој онлајн гигант и послужи како катализатор на „новата мисија на компанијата да ги приближи луѓето едни кон други“ (Сompany’s new mission about bringing people closer together, Chris Cox, 2017).

Неколку години подоцна станува многу појасна двосмисленоста и опасноста на оваа мантра. Поотворен и поповрзан свет, ќе значи подобар свет, но под услов да се поврзувате со другите врз основа на размена на добри идеи, толеранција, разбирање, конструктивност, здружување, помагање, поттикнување на креативност, активизам за јавните интереси, и сл. Но, ако овие позитивни појави ги замените со нивните спротивности (деструкција, ширење на омраза, нетрпеливост, нетолеранција, дискриминација, злонамерност), тогаш поотворениот и поповрзан свет на Фејзбук од сон прераснува во комшмар. Поврзувањето и отворањето мора да биде проследено и со одговорност што се поврзува, кон кого го отворате светот, кого сè правите достапен за поврзување. За ова Фејзбук сè уште нема мото.
Ако светот е поповрзан, а преовлада негативноста, тогаш поврзувањето нè води кон уништување и можност да се оствари она на што предупредуваше Жил Верн: „Последица на човековото креирање на машините и технологијата, ќе биде тоа да биде проголтан од нив“. Ова многу бргу го сфатија оние кои позитивните потенцијали на социјалните мрежи вешто ги свртеа на своја воденица и нив постапно ги трансформираа во арена за политичка, идеолошка, комерцијална и други видови пропаганда.
Зошто негативноста добива толкав замав и може да преовлада со помош на комуникациските технологии?
Одговорите не се едноставни, но во суштина се сведуваат на тоа дека „омразата и негативноста имаат поголемо мобилизирачко влијание“ (Wendy W. Moe, Social Media Intelligence, 2014). На пример, ако ги погледнете страниците и профилите на брендовите и компаниите, форумите, и другите комуникациски канали далеку поголем е бројот на оние кои пишуваат негативно, критикуваат, се жалат, дури и навредуваат и се закануваат“. Корисниците кои се задоволни се далеку помалку мотивирани да ги пренесуваат своите позитивни искуства или пак да одвојат дел од своето време за да ги фалат услугите и искуствата со некоја услуга или производ. Обично, во пиар еснафот се вели, „плукањето ви е бесплатно, а за да ве пофалат, мора да им платите“ (ibid.).
Втор важен фактор е културата и менталитетот на самото општество. Ако омразата, поделеноста, нетолерантноста, се честа појава во едно општество, Фејзбук, социјалните мрежи и комуникациските технологии, кои го чинат светот поповрзан, само ќе ги засилат овие појави (the amplification effect of technology). Кафето, на пример, може да ги поврзе луѓето за позитивни разговори, но може да биде поттикнувач на озборувања и сплеткарења, чија жртва некогаш може да биде дури и една империја (How Turkish coffee destroyed an empire). Слично и социјалните мрежи, поттикнуваат и засилуваат веќе постоечки „негативни комуникациски појави“. Со самото тоа што го олеснуваат нивното изведување и го засилуваат нивниот ефект, тие стануваат и средство и поттикнувач за негативното комуницирање.
Трето, отворениот и поврзан свет на Zuckerberg е потенцијално опасен со тоа што ги отстранува сите комуникациски филтри околу нас. Порано, кога ќе отворевте весник или ќе седневте пред ТВ да гледате вести, информациите беа претходно филтрирани на неколку нивоа (новинарски, уреднички, регулаторски, законски), односно некој одбрал и проверил што ќе прочитате. Да, ова филтрирање често беше средство за пропаганда (гледаме и читаме тоа што некој друг сака да го видиме), но имаше и свои заштитни ефекти, односно не можеше секаква глупост да стаса лесно до вас. Денес, социјалните мрежи и агрегаторите на вести, функционираат така што треба сами да се грижите и да филтрирате какви информации ќе стигнат до вас. А реалноста е што повеќето од нас или не знаат или ги мрзи да го прават тоа секојдневно или пак како што треба. Социјалните мрежи и агрегаторите, не се програмирани да ги филтрираат информациите според етички критериуми. За нив постои само еден закон за филтирање и сортирање, а тоа е „engagement“ (интеракција). Она на што корисниците повеќе кликаат најмногу и ќе се сервира на што поголем број луѓе, а ова најчесто се провокативни, контроверзни, скандалозни и друг вид поларизирачки или запаливи содржини.
„Не постои ниту една причина која би спречила некого наместо да гледа Фарма или некое друго ријалити шоу, да вклучи Youtube и да одгледа концерт на Рахмањинов. Слободата на избор подразбира човекот да ја преземе одговорноста за својата судбина. Дневно човекот мора да направи просечно 2,000 избори за својата судбина. И на тој човек му е дадено апсолутно право да избере да биде неинформиран, мрзелив, глупав, неуспешен и несреќен. Се работи за лична одлука“ (Антоније Пушиќ, 2018).
Реалноста е таква што повеќето од нас „бегаат од сопствената слобода“ (Ерих Фром) и ги бираат токму навидум полесните нешта, мрзеливоста пред активизмот, инертноста пред аналитичноста, субјективноста пред објективноста, омразата пред толеранцијата. Токму во ова се крие опасноста и на технологијата и на социјалните мрежи, да направат од нас да бидеме помалку луѓе, а повеќе пасивизирани, фрагментирани, огорчени, скептични и негативни „смартфон зомбија“.
Токму затоа, онаа стара дека ‘не треба да се верува во сè што ќе прочитате во весник’, сега е преформулирана во ‘не треба слепо да се верува во сè што ќе се види на интернет’. Исто, важно е да се гледа на социјалните мрежи не како на огледало на реалноста и на општеството, туку како на арена за пресметки, напаѓања, субверзии, секаков маркетинг, превласт на интереси, наративи, политичка моќ, комерцијални интереси и слично. Тоа што помеѓу ваквите содржини ќе видите по некоја фото галерија од вашите роднини или слатките бебиња и мачиња на вашите пријатели, не ја менува нивната суштина. Во таквата борба преовладува негативноста и суровоста, а социјалните мрежи стануваат искривено огледало кое не треба да го поистоветуваме со реалноста и да заборавиме и на позитивните страни на човековата природа и реалноста воопшто,
како и на можноста да бидеме активни и работите да се менуваат на подобро.