За жал темата за „говорот на омразата“ стана жешка тема во Македонија и за (уште една) жал ги потврдува закономерностите дека говорот на омраза се интензивира во средини или општества кои се во криза. Кога „ќе натиснат“ маките, „вентилите“ попуштаат, а говорот кој шири омраза добива на замав.
На оваа тематика работев поинтензивно во периодот октомври 2009 – февруари 2010, а во последнот период темата беше третирана и од многу наши медиуми (еве еден од нив, Радио слободна Европа, „Говор на омраза во медиумите“, 21 мај 2010), па би сакал да споделам некои искуства, низ светло на актуелностите кои ги проживува нашево општество.
Дефинирањето на говорот на омразата и не е толку круцијално, колку што е суштинско неговото препознавање и отфрлање. Како и да e, да понудиме дефиниција како рамка за толкување на овој негативен комуникациски феномен:
Говор на омраза е комуникациски акт кој ОМАЛОВАЖУВА групи или поединци врз основа на некоја нивна особеност.
Омаловажувањето може да вклучи: потценување, потсмев, нагрдување, понижување, се до најострите форми како што се дискриминација, дехуманизација и сатанизација. Говорот на омраза, како и секој говор има своја (а) констатативна страна – т.е. констатира и именува нешто или некого, но и (б) перформативна страна, односно претставува вовед, најава или поттикнување на одредени дела, акти, потфати и слично. Во човечкото однесување најчесто на актите на насилство им претходат акти на вербално насилство (verbal abuse), па така и говорот на омразата може да биде вовед во реално насилство. Оцрнувањето на Другиот има социјална функција да го оправда чинот на (евентуално) насилство врз (тој) Другиот.
Говорот на омраза се храни од авторитарност, нетрпение кон различност, магнетизам на толпата и масите, фундаментализам (кој по дефиниција нема капацитет за инклузивност на различност), и фобија од Другиот и Различното.
Ако некој му приоѓа на ова прашање од вербално-бенигна гледна точка, односно го третира овој говор како „издувен вентил“ или „терапеутски говорен чин“, со кој поединецот или групите ја канализираат агресивноста и се ослободуваат делумно од неа, да потсетиме дека војните во екс-Југославија почнаа токму со говор на омраза на спортските трибини и во медиумите.
Кои се најчестите форми на говорот на омраза? Да ја промовираме малку Википедија на македонски јазик каде стои:
Говор на омраза е говор со намера е да деградира, вознемири или предизвика насилство или активности врз основа на предрасуди против лица или групи луѓе (врз основа на раса, род, возраст, етничка припадност, националност, религија, сексуална ориентација, родов идентитет, хендикеп, јазична способност, морални или политички ставови, класа, занимање или изглед, (како висина, тежина и боја на коса), ментален капацитет и сл). Терминот се однесува и на пишана и на усна комуникација, како и на однесување на јавно место.
Во денешнава медиумска пракса доминираат следниве релации за говор на омраза:
1) политичко-партиски говор на омраза
2) етнички говор на омраза
3) верски говор на омраза
4) ксенофобичен говор на омраза (ние наспроти странците)
5) хетерофобичен говор на омраза (најчесто на расна, родова и сексуална основа)…
„Нарочно“ не ги илустрирав типовите погоре за да одбегнам една од почестите пракси на нашите медиуми: РЕПРОДУКЦИЈА НА ГОВОР НА ОМРАЗА, односно дословно пренесување, а со тоа и пренесување на говорот на омраза кај масовната публика.
Покрај пренесувањето, нашето новинарство, како ретко кое друго, се одликува и со тоа што самото е ИЗВОР на ГОВОР НА ОМРАЗА. Во етичкиот кодекс на ЗНМ ова прашање е третирано под член 10 и делумно 11:
10.Новинарот нема свесно да создава ниту преработува информации што ги загрозуваат човековите права или слободи, нема да говори со јазикот на омразата и нема да поттикнува на насилство и дискриминација по која било основа (национална, верска, расна, полова, социјална, јазична, сексуална ориентација, политичка…).
11.Новинарот ќе се придржува и на општо прифатените општествени стандарди на пристојност и почитување на етничките, културните и религиозните различности во Македонија.
За жал се покажува дека медиумите наместо да ги поставуваат позитивните стандарди за комуницирањето и толеранцијата, често, сосема обратно, го промовираат и интензивираат говорот на омразата во општеството, што е апсолутно неприфатливо и е надвор од секаква дискусија.
Постојат барем три инстанци кои треба да се справуваат со говорот на омраза:
-регулацијата
-саморегулацијата
-судски инстанци
Сведочиме дека иако сите три се присутни кај нас (кодекси, регулаторни тела, Судски постапки…), тие се прилично слаби по влијание и ни од далеку не го спречуваат говорот на омраза во своите навистина опасни форми. Во една Англија (делумно и САД, за повеќе околу регулирањето на говор на омраза види во студијата „Regulating Hate Speech“) само еден од овие три столба (саморегулацијата) е сосема доволен да се справи со ралзичните форми на вербално насилство, но овој факт ни говори дека за справувањето со него големо влијание има политичката и медиумската култура во општеството.
И да не ја должиме, во стилот на Херман и Чомски кои говорат за „производство на согласност“ (manufacturing of consent) можеме да кажеме дека говорот на омраза служи за „ПРОИЗВОДСТВО НА ОМРАЗА“ како методика за интензификација и експанзија на конфликтите. Како што во војните лесно ги идентификуваме „воените профитери“, така и во конфликтуозни средини лесно можат да се идентификуваат и „кризните профитери“, а медиумите како мас-производители на истиот се едни од неизбежните профитери од говорот на омраза (преку гледаност, читаност, слушаност, политички спонзорства, и сл.).
Конечно, општество кое е толерантно кон говор на омраза во голема мера губи од својата демократичност, но и основните темели на правната држава.
Pingback: Tweets that mention Говор на омраза | К О М У Н И К А Ц И И -- Topsy.com
Дали ако говорот насочен кон група или поединци РАЗОБЛИЧУВА негативна особина кај нив претставува говор на омраза или слобода на мислење?
Значи, во генерална смисла, се она што поставува директна или индиректна релација кон насилство (вербално и физичко) е говор на омраза. Размена на ставови е легитимна демократска работа.
Јас би рекол, секој став во однос на другите кој е изведен на доличен начин, дури и кога зборува за нечија негативна особина не претставува говор на омраза туку слобода на мислење и слобода на говор.
Дури и кога некој повикува друг да биде казнет, исто така претставува право на мислење, доколку повикува на легитимна казна во легитимна форма за нечие нелигитимно однесување.
Говор на омраза постои тогаш кога некој на недоличен начин обработува нечија особина. Пример претставување на Мухамед како куче. Само во такви ситуации, ситуации на недолично обработување туѓа особина, станува збор за говор кој поттикнува омраза.
Сепак, слободата на говор треба да има граници. Ете, на пример, мислам дека на сите наци-организации треба да им се одземе ова право, бидејќи нивните идеологии во основа одземаат некои други човечки права.
Секој има право да ги изложи своите мисли и идеи, само начинот треба да биде легитимен. Наци групите не го почитуваат легитимниот начин или доколку тие или било кој промовира нелигитимен начин на остварување на своите цели треба да биде законски гонет и спречен во ширењето на насилните методи.
Аха.
А МБ не е наци(оналистичка) група затоа што… ?
Затоа што ниту има нацистичка идеологија, ниту пак користи нелигитимни методи.
Од каде мислењето дека МкБ е нацистичка организација?
МБ е национал-шовинистичка организација. Читај си го сопствениот сајт.
Ви пречат (цитирам): „шиптарско, бугарско, грчко, српско, европско, соросовско дури и ромско барање“ (што има врска „соросовско“ тука, кој ли ќе знае?)
Употребувате терминологија и идеолошки претпоставки на владеачката партија, за која е докажано дека е национал-социјалистичка (не ме терај сега да ти барам по интернет) – што значи дека сте нивни приврзок, веројатно од соодветните служби сте и финансирани како „здружение на граѓани“. Дури и квази-интелектуалниот тон на коментарите те предава. Христијански фундаментализам, а за „античките корени“ да не ни почнувам. Бонус: Тарчуловски, нашиот херој. Комплетен комплет, што би се рекло.
Ако оди како пајка и квака како пајка, тогаш е … пајка!
Изнарече многу квалификации само затоа што истакнуваме сопствен автентичен македонски интерес во сопствената земја, воопшто не негирајќи ги исто така автентичните интереси на припадниците на други народи во реципрочна мерка како за себе . Зошто не ја зеде целата реченица во врска со наброените ЕКСТРЕМНИ барања туку зеде само дел додавајќи друга смисла.
Ако беше коректен немаше да пропуштиш да забележиш дека сме критичари и на владеачката партија, впрочем критичари сме на партискиот систем воопшто. Од таму ти било јасно дека немаме врска уште помалку помош од партија, ама како да ја истерате својата насилна волја освен со лага.
Еве ги твоите шпекулации. Ова е реченицата што ја преправи за твоите лажни етикетирања.
„И најекстремното шиптарско, бугарско, грчко, српско, европско, соросовско дури и ромско барање излегува во јавност. И преку медиумите врши псиолошки притисок врз јавноста, а истовремено автентичната македонска позиција е потисната подземја и никако да добие соодветно место во јавноста.“
Кој е овде нацист, фашист и лажов до коски.
Да, токму таа реченица изразува краен шовинизам. Тоа што, наводно, сите други направиле некаков заговор, па македонците се „потиснати“.
Такви работи, своевремено, искажуваше и еден бивш молер во минхенските пивници, тој ги нарекуваше „lebensraum“. А „специјалноста“ на ариевската раса ја докажуваше со нејзините (меѓу другото) антички корени.
Ај, сега, те молам, види на колку страни ги споменувате античките корени на македонците на вашиот сајт. Јас ќе ти кажам — на многу.
А дека сте политички ориентирани и во линија на плукачките манири на владеачките наци-социјалисти, ве оддава она „соросовски“.
Барем не се преправајте…
А токму тоа што се наоѓа на сајтот на „Македонско братство“ е говор на омраза. Затоа, прочитајте го одличниот текст на Сеад и научете како да живеете во 21-ви век.
Не можеш од една реченица да извлекуваш повеќе од она кое е во неа запишано. Таму е осуден крајниот екстремизам. А за заговор сигурно е дека секаде постојат екстремизми, секоја нација си има свои екстремни претставници и нема потреба од идеи за заговори за истите да бидат критикувани. Истото можеме да го кажеме и ние. Вие гледате во секоја автентична македонска позиција заговор против Вашите интереси, од таму промовирате нацизам и нетолеранција кон туѓите природни права.
Но за разлика од вашите памфлети и конструкции, ние спремни сме да посочиме конкретни лица и постапки.
Во крајна линија дали ние некому во Албанија, Бугарија, Грција, Србија, Европа, било каде му кажуваме како да се живее таму или некој нам овде ни кажува како НИЕ да живееме.
Тоа што ти го нарекуваш „посочување на конкретни лица и постапки“, всушност е правење листи на „предавници“ (вие сте „патриотите“, претпоставувам).
Неколку македонски квази-новинари се ваши соучесници во оваа валкана работа: Латас, Мирка, Миленковски … си ги препознаваш, сигурен сум. Тие се порт-паролите на говорот на омраза, на делење на македонските граѓани на подобни и неподобни, на патриоти и предавници. Јас ги нарекувам кучиња за лаење.
А, со оглед на мапите на вашиот сајт на кои е „Македонија до Индија“, не поминува тврдењето дека на нашите соседи „не им кажувате како да живеат“.
Со кои аргументи да им се спротивставиме на грците кога лаат наоколу дека имаме „иредентистички“ намери, кога правите вакви мапи? Кога на секој собир на било која фракција на ВМРО се мафта со нив?
Како да му докажеме на светот дека сме жртви во целата работа, кога вака јасно се искажани претензиите на Македонија на 3/4 од Балканот? Кој е овде предавник, всушност?
*исправка: не „Миленковски“, туку Миленко, се разбира — најновата ѕвезда на македонските нацисти.
Момче ако се посочуваат конкретни лица со КОНКРЕТНИ постапки тоа се нарекува валидно осудување на нечие предавничко однесување. Светот познава предавници. Предавници постоеле и ќе постојат. Ако нема конкретни постапки осудени од јавноста тогаш тоа би било осудување без аргументи. Ако осудуваме сами, а не сме поткрепени тогаш би суделе самоволно. Ама ако судиме поддржано од народот, тогаш тоа е валидно судење кое ги разобличува оние кои ја уништуваат иднината на народот.
Така и новинарите кои ги посочуваш ќе мораш со конкретни аргументи да ги покажете како штетни иако како што гледаш тие се подджани масовно од народот. Впрочем што не ги тужите на редовните судски органи надлежни за тие прашања. Еве јас доколку си јавна личност веднаш би те тужел за ова кое го пишуваш против организацијата на која и припаѓам. Па судот нека пресуди дали сме родољубна или сме националистичка организација. Така и вие повелете тужете не нас или тужете ги новинарите кои сметате дека користат говор на омраза. Меѓутоа некако тоа не ви пасува, затоа што тогаш јавно се отвораат прашањата кој овде кого малтретира.
Во врска со мапите. Тие се мапи на гордоста која била Македонија, а не на планови Македонија да ги достигне тие граници. Исто како што Турчин се гордее со големината на Отоманската империја или Италијанец на Римската, а при тоа сигурно е свесен дека ниту тоа е реално можно да се повтори ниту пак таа империја била праведна и совршена.
Впрочем Македонија е толку, толку мала и слаба што во наредните 50 години (ако ги преживееме) само незрел човек може да прави сонови за старите граници на Македонија. За секој разумен човек кој ја знае силата на Македонија смешна е реченицата дека ние Македонците имаме територијални претензии. Ние брат се бориме за гол опстанок. Ова што ти го нарекуваш национализам е всушност наша грчевита борба да опстанеме како народ и држава. Тоа не е став мој туку на сите политички актери независно власт или опозиција и внатрешно чувство на огромно мнозинство од народот. Нашето елементарното право да се бориме за опстанокот на нацијата и државата го нарекувате нацизам.
Pingback: meceto usko » Blog Archive » ЦРНАТА КНИГА не е и не може да биде ЦРНА КУТИЈА
Говорот на омраза значи дека на некого сме му посветиле емоции?
Па тогаш и не е толку лошо од време на време да имаме по некој „говор на омраза“.
Како да си излегол на фудбал и си ја распрснал негативната енергија…
Се зезам по малку…
Learning WordPress is a Breeze with WP trainingvideo , 25 good qulaity video with clear instruction