На 15 мај во Скопје се случи трагедија во која 57 годишен маж си го одзеде животот. Овој немил настан, кој се одиграл на јавно место, здружно беше покриен во речиси сите домашни медиуми. Начинот на кој македонските медиуми известуваа за него, благо кажано, беше крајно неодоговорен, брутален и сосема непрофесионален.
За жал на сите нас, беше тоа уште една срамна епизода во листата на неодговорното локално медиумско лешинарство.
Реакциите на граѓаните на социјалните мрежи со право беа жолчни изразувајќи го своето негодување од оваа медиумска бруталност и непочитување на основното човечко достоинство:
Човечкото достоинство е најважно, а го имаат и мртвите. Ни еден човек не смее да се прикажува во ситуација која е недостоинствена, па колку е да е тоа „интересно“ за јавноста, Миодраг Мисолиќ.
Советот на честа при ЗНМ во текот на истиот ден излезе со енергична осуда на известувањето на медиумите за овој случај:
Советот на честа остро реагира на објавувањето на фотографиите на кои се гледа безживотното тело на човек како виси на дрво во паркот наспроти зградата на Нова Македонија во Скопје…Фотографиите се појавија на повеке портали и на веб-изданијата на најголем дел од пишаните и елктронски медиуми. Дури е објавен и идентитот на жрвтвата (не е почитувана приватноста на жртвата ниту на неговото семејство)…
Иако дел од медиумите потенцирале дека станува збор за вознемирувачки фотографии, Советот на честа смета дека е прекршен Кодексот на новинарите и дека е постапено крајно неетички и непрофесионално…Не е почитувана семејната и лична болка, со цел да се дојде до сензационализам (прекршени се членовите 7 и 8 од Кодексот на новинарите).
Дека во голема мера се залудни апелите од јавноста и од одговорните новинарски здруженија сведочи фактот што многу мал број од медиумите реагираа на осудите и апелите со промена или отстранување на овие содржини, а кај најголем број од нив тие се и денес достапни на нивните веб-страници.
Но, сметаме дека истрајноста врз вистинските вредности и практики не треба да биде поколебана од овие постапки, па во таа смисла е и овој наш прилог кон етиката на медиумите и важноста на професионалното, и пред сé хумано, известување.
Од наша страна нема сега да ги караме медиумите, туку ви нудиме фактографска листа кој, што и колку објави за овој случај, па читателите сами нека одредат кому ќе ја дадат својата доверба:
Листа на детали во објавите за самоубиството во Скопје, 15 мај 2013.
Ако споредиме со светските пракси во слични случаи, може да се каже дека во средините со поразвиена медиумска култура, нужно се прави одмерен баланс помеѓу интересот на јавноста и професионалната одговорност на новинарите. Случаи на самоубиства ретко се наѓаат во насловните вести освен во ситуации кога се работи за познати јавни личности или вознемирувачки случаи на јавни места.
Можете да погледнете на пример како New York Times информираше за случајот од 16 мај кога возрасен маж си го одзеде животот пред десеттина деца во училиште во Париз. Акцентот на прилогот е кон поединостите од полициската истрага, реакциите на жителите и причините заради кои се случил упадот на ова лице во училиштето. Податоците за жртвата се минимални и не се шпекулира за неговите методи и побуди.
BBC исто нуди прецизни инструкции како да се постапува во ваквите известувања, ставајќи акцент на новинарската одговорност.
Генерално, препораките за известувања во вакви систуации се прилично едноставни и од новинарите се бара да ги следат доследно:
Што да се прави во известувања за самоубиства?
1. Тесна соработка со здраствените и безбедносните служби во пласирање на фактите
2. Треба да се користи чувствителен неутрален речник и да нема јазични референци кои го опишуваат самоубиството како успешно, вешто, оправдано и слично.
3. Наведете ги само информациите релевантни за јавноста и тоа подолу во вестите или во внатрешните страници на весникот (т.е. треба строго да се одбегнува сензационализмот за овие случаи, а не да се „лови“ публика или читаност со овие информации).
4. Истакнете ги алтернативите на претпоставените побуди за самоубиството. Не смее да се известува за ваквите чинови како „логични, неизбежни, оправдани“.
5. Наведете ги индикаторите за ризик и предупредувачките знаци за самоубиствените побуди.
6. Наведете информации за помош и грижа кои ги обезбедуваат локалните заедници и институциите.
7. Заштитете го човечкиот дигнитет на жртвата и неговото семејство.
Што да не се прави во известувања за самоубиства?
1. Не се објавуваат фотографии или претсмртни пораки од лицата кои извршиле самоубиство.
2. Не се опишуваат методите и деталите за самоубиството. Не смее да се наведуваат детали за техниките на изведба на самоубиството.
3. Не се шпекулира за побудите, мотивите и не се симплифицираат сториите за животот на жртвата.
4. Не се употребуваат расни, етнички, верски, социјални или какви било други стереотипи за жртвата и неговата средина.
5. Не се сензационализира случајот и не се поттикнува паника. Не го ставајте случајот во ударни или насловни вести.
6. Не се обвинува лицето и неговите блиски или претпоставени.
Треба да се додаде дека известувањата за самоубиствата, лични или семејни трагедии, масовни жртви, војни или природни катастрофи се најчест предмет на експлоатација од страна на медиумите за зголемување на нивната гледаност или читаност. Експлоатирање на стравот на публиката и нашите нагони за лична безбедност и сигурноста на нашите најблиски е една од најразработените шеми за манипулација на публиката.
Апелите за етичко и професионално новинарство често не помагаат, а реакциите на институциите отсуствуваат или пак се јалови. Сепак, потребно е да се остане упорен во напорите да се отстранат навиките и да се минимизираат ефектите од овие медиумски девијации. Прилог кон тоа можат да дадат едукаторите, педагозите, невладиниот сектор, јавноста и секако самите новинари со позитивни примери кои ќе понудат не само алтернатива, туку и јасен модел како треба да се однесуваат нивните колеги. Јавноста секако ќе го препознае и поддржи тоа.
На крај, да се обидеме да го разбиеме и „митот“ дека сензационализмот за вакви и слични случаи им носи само корист на новинарите и медиумите. Животната приказна на новинарот Кевин Картер говори дека медиумскиот сензационaлизам е најмногу погубен за самите новинари. Сторијата за неговиот подем (добивањето на наградата Пулицер во 1994 година за фотографијата со прегладнетото дете од Судан и лешинарот) и пад, е отсликана во филмот „The Bang Bang Club“. Во неколку белешки Картер признава дека бруталноста на неговата професија зела преголем данок и многу влијаела за неговиот многу тажен крај.
Да не се повтори никому.