136 #ПрегледВоПеток – Glovo на Балкан, ул. Драган Сакан, Ласко со нов фонт

На здравје кафе, време е за читање, прво вести од соседството и од кај нас, па потоа од светот.

Шпански Glovo го купува Donesi.com

Прво малку историја. Во далечната 2011 нашиот Дарко Булдиоски го донесе Donesi и во Македонија. Траеше кратко, ама слатко. Едноставно пазарот не беше доволно подготвен за ваков тип на сервис. Имаше ентузијасти и од страна на гладните и од страна на рестораните, но на крајот ентузијазмот остана само во нашите глави и решивме дека се уште нема простор да се вложува напор, пари и време во ваков тип на услуга во Македонија.

10 години подоцна на нашиот пазар си има сервиси кои растураат со истиот тип на услуга, а Donesi.com за цел тој период си растура во соседството. Сега дојде време шпанската компанија Glovo да си го зајакне своето влијание во Централна и Источна Европа, проширувајќи го своето работење на пазарите во Србија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Хрватска, Црна Гора и Романија.

Како што Netokracija известува, Glovo ќе го преземе брендот Donesi во Србија, Црна Гора и Босна и Херцеговина, брендот foodpanda во Романија и Бугарија, како и брендот Pauza во Хрватска. Вкупната вредност на аквизициите е 170 милиони евра.

Драган Сакан доби улица во Белград

Драган Сакан е моќно име во светот на меркетингот и идол на многумина кои работат во оваа индустрија. На 10 годиншнината од смртта на пионерот на маркетингот на Балканот и основачот на креативно размислување во Србија и земјите од регионот, Белград одлучи во негова чест да именува улица на Сремски Венец.

Како што danas.rs пишува, именувањето улица по овој „маркетинг могул“ е исто така признание за целата комуникациска професија, бидејќи ова е прва улица именувана по човек од маркетинг професијата.

Ласко Џуровски со уште еден македонски фонт

Во понеделникот ни’ беше празник, некој конечно стигна во Грчка на море, некој реши да одмори, а неуморниот Ласко реши да не’ почести со уште еден македонски фонт кој е само дел од богатата збирка фонтови кои до сега ни ги има подарено.

Ќе добиеме ли “next generation of Windows”

„Наскоро ќе споделиме една од најзначајните надградби на Windows во изминатата деценија за да овозможиме поголема економска можност за девелоперите и креаторите. Јас бев лично вклучен во развивањето на надградбата во изминатите неколку месеци и неверојатно сум возбуден за следната генерација на Windows. Нашето ветување кон вас е: ќе создадеме повеќе можности за секој Windows девелопер денес и го му посакуваме добредојде на секој креатор кој ја бара најиновативната, нова, отворена платформа за развивање и дистрибуција и монетизација на апликациите. Со нетрпение очекуваме да споделиме многу повеќе наскоро “. – Satya Nadella, Microsoft CEO.

Повеќе на: https://www.theverge.com/2021/5/25/22453222/microsoft-windows-next-generation-announcement-sun-valley-build-2021-keynote

You Tube со нови Terms of Service

На 1 јуни 2021 година, стапуваат на сила новите условите за користење на YouTube со кои експлицитно се забранува собирање на какви било лични информации на корисниците без нивно одобрение. Дополнително новите услови ќе содржат и разјаснување на процесот на монетизација на содржината од страна на сервисот. Според новите услови, видео платформата работи на промена на условите за користење што им овозможува да го монетизираат од објавените содржини со вметнување реклами заедно со видеата. Целокупната содржина достапна на YouTube од каналите што не се заштитени од партнерската програма ќе се монетизира..

Повеќе на: https://www.youtube.com/t/terms

Бонус линкови

Имајте убав “скоро” летен викенд 🙂

Секој петок во твоето сандаче: преглед на најактуелните маркетинг, SEO, SEM, UX, дизајн теми и линкови од претходниот недела.