Предупредување
Текстот што следи не е наменет за малолетната публика и се препорачува надзор на здравствен работник.
Минатата недела Државниот завод за статистика ги објави бројките за радиодифузната дејност во земјата во текот на 2013 година. Бројките само ги верификуваат познатите лоши состојби на домашните медиуми кои наликуваат на лабараторски наод на Кит Ричардс. Дури низ неутралноста на математиката и сувите бројки не може да се прикрие реата на шундот, посебно од телевизиските програми, во однос на кои шоуто на Џери Спрингер наликува на забавна семејна програма. Да видиме што е ископано од контејнерите во нашите дневни соби:
Бројки
Да преминеме на самите статистички податоци за видот на програмите на 59-те телевизии кои се регистрирани во земјата (1, ама вреден, јавен сервис, 9 национални телевизии, 24 регионални и 25 локални тв куќи):
59 тв медиуми емитувале просечни 21.5 часа програма дневно, од која МТВ просечно некои 18 часа дневно на трите канали, националните телевизии 21.4 часа, регионалните 21.5 и локалните 20.7 часа програма. Завидна емитерска ефикасност, во просек над 20 часови емитувана програма, и до тука не би имале нешто да преречеме за квантитетот и обемот на програмите.
Од овие 20+ часа, најголем дел отпаѓа на (сапраааајс!!!!1) играна (fiction) програма (читај главно белосветски сапуњари), односно вехемонтни 126,018 (сто дваесет и шест илјади и осумнаесет) часа вкупно за разни Бихтери, Фатмаџули, Атакани, мали невести, Сулејмани, Хуреми, Махири, Тургути, секако триото Жика-Милан-Миша, како и дуетот Шојиќ-Пантиќ, и други хит ѕвезди (ок, тука и таму се појавуваше и по некој исклучок, како Шелдон Купер на пример). Тоа се 345 часа дневно во озаконетиот етер, односно некои 5.8 часа на секоја телевизија одделно, во просек.
Во споредба со ова вестите, кои и самите не се баш цвеќе за мирисање, и знаат да бидат покрвави и од просечна епизода на Долина на волците, имале вкупно 25,600 часови (70 часа дневно, или 1,2 часа просечно).
На национално ниво, односно она што горе-долу сите можеме да го гледаме, бројките се слични: 6.2 часа дневно играна програма (серии и филмови) наспроти 2.4 часа вести.
Од останататите содржини, исто така на национално ниво, телевизиите емитуваат 2.5. часа информативни програми, 2.1 час забавна програма, 1.9 часа документарна, 1.5 час музичка програма и 1 час образовни програми. Спортот е застапен со 50-тина минути дневно. На националните телевизии се емитуваат по 1.4 часа реклами просечно на ден.
Заклучоци:
-Најголем дел од тв програмите отпаѓаат на играни и информативни содржини (или во реалноста подеднакво фиктивни и пропагандни дози за мас-хипноза базирана на поделба на ролји на негативци и позитивци, кои се во вечна борба на Доброто и Злото).
-Јавниот сервис е содржински профилиран по терк на комерцијална телевизија, па иако ги надминува приватните телевизии за информативни и образовно-документарни програми, кои се речиси минимални кај приватните куќи, во исто време ги надминува и по просечна саатница за играни програми.
-Спортската програма на комерцијалните телевизии е сведена на минимум, и се потврдува нивниот тежок пораз за откуп на тв права, кои речиси целосно преминаа на регионалните медиумски и телекoмуникациски конгломерати.
-Тој процес се очекува целосно да се прелее и на играната програма од подобар квалитет, така што домашните телевизии во догледно време немаа да имаат ниту избор во однос на емитување на ефтините содржини од евроазиски и латино-американски пазари (рекламирани кај публиката како сензационално-феноменално гледани хит програми).
-Иако приходите на домашните телевизии, особено најгледаните, се бројат во милиони евра (види линк), заработените средства главно ги враќаат во откуп на шунд програми и не вложуваат во сопствени програми, кои би биле со пристоен квалитет. Молзењето на спонзорите и публиката (од која над 40% и нема друг избор, да сврти на некој HBO или BBC) продолжува додека средствата се слеваат на нивните сметки. Евтини серии и уште поевтини студиски програми, кои можеби беа разбирливи за почетокот на 90-те, за жал сè уште се норма за Македонија.