По најновите настани во Истанбул и во Турција, кои започнаа како мирен протест против уништувањето на паркот Гези заради изградба на комерцијален објект, а прераснаа во масовни протести против власта, голем број аналитичари се обидуваат одблиску да го објаснат феноменот на протестирање и користењето на социјалните медиуми за овие каузи.
Едно е сигурно, властите, особено оние кои не се доволно демократски и транспарентни, сé повеќе стравуваат од социјалните медиуми. Турскиот премиер го посочи Твитер како главен виновник за протестите и немирите (Твитер е зло и виновник за немирите во Турција, 3.7.2013).
Хронологијата на настаните во Турција, и како тие се пренесуваа преку социјалните медиуми, покажува како од мал еколошки протест, работите можат да се кренат на глобално ниво и протест кој ги проблематизира не само локалните односи, туку и демократијата, владеењето на правото и човековите права, во многу пошироки контексти.
Global Voices: Turkey – A Social Media Chronology of Occupy Gezi
Низ перспектива на сите протести кои се одвиваа во последните три години, почнувајќи со Арапската пролет, Occupy Wall Street, протестите против генетски произведената храна, настаните во Турција, секако да ги споменеме и протестите во Македонија од пред 2 години, аналитичарите се обидуваат да сублимираат одредени одлики, предности и ограничености кои ги покажува активизмот помогнат од социјалните медиуми.
Од стотиците текстови, достапни на интернет со просто пребарување на клучните зборови за оваа тема, ќе претставиме еден од поаналитичните и со добар „инсајт“ на темата. Се работи за анализата на Зејнеп Туфекџи, насловен како „Networked Politics from Tahrir to Taksim: Is there a Social Media-fueled Protest Style?“ (Вмрежена политика, од Тахрир до Таксим: Има ли протести потпалени од социјалните медиуми?).
Според неа клучните одлики се следни:
1- Немање организирани водачи
Ниту еден од овие протести немаше водство, институционализирани „лидери“, или слични категории. Дури не можеа да се идентификуваат ниту поединци кои би биле некакви гласноговорници. Ова е радикална промена во однос на традиционалните форми на протестирање од XX-от век.
Подлабокиот увид потврдува дека има различни наслојки на хиерархии и разни форми на лидерства во овие движења, но нема никаква контрола од еден центар или група, во смисла на носење одлуки или претставување.
Покрај предностите кои ги има инклузивноста на идеи и целосната децентрализираност на контролата, има и недостатоци: неможноста да се оформи кохерентна програма или акциски план.
2- Oрганизираност околу „Стоп!“ а не околу „Дај!“
Постоечките форми и структури на социјалните медиуми овозможуваат многу полесно да се опонира и спротивстави на нешто, отколку да се оформи стратешки организирана сила која би презела политичка моќ. Недостаток на ваква димензија предизвикува овие движења да имаат слабо, или никакво, долгорочно влијание. Тие имаат влијание, но тоа е многу непропорционално на бројноста и големината. Твитер и Фејзбук револуциите засега не го движат светот кон подобра „партиципативна демократија“. Напротив, пробивот на капиталот во сите пори на општеството ја загрозува самата јавна сфера и нејзиното функционирање независно од политичките и бизнис центри на моќ. Резултат на тоа е „партиципативно отфрлање“ на одредени проблеми, но кое тешко се развива во подобра репрезентативна демократија.
Социјалните медиуми се лесни за пренесување на пораки, слики, видеа, но не и на посложени аргументи, кои секако се потребни за да се надгради протестот и да се развие во поопипливи долгорочни промени. Википедија е еден од исклучоците за ова, вели авторката. Потребни се подобри истражувања за тоа како онлајн платформите влијаат на позитивни промени преку партиципација, преговарање и групно генерирање на решенија, особено за сложени јавни проблеми.
3. Отсуство на институционална поткрепа
Колку и да се општопрофатливи, идеалистички, логични и јасни барањата, подршката за каузите на протестите наидува на речиси целосна блокада од институционалните системи на општествата. Освен спорадични подршки на граѓански асоцијации, поединци и интелектуалци, како лесни форми на институционализираност, протестите наидуваат на речиси целосна блокада од системот. Исклучоци има, како на пример поддршка на припадници на војската за протестите во Турција, но генерално блокадата преовладува.
Тоа беше најевидентно во текот на протестите во Турција каде главните медиуми за време на протестите прикажуваа документарци за пингвини и кулинарски шоуа и целосно потрфлија во својата улога да информираат, а најстрашното во тоа е што тие се системски предодредени да го прават тоа, како во Турција, така и во другите земји.
4- Учество на неактивисти и ентузијасти
Претходните демонстрации во Египет и Турција главно ги изведуваа искусни активисти. Она што се случи во текот на „Твитер револуциите“ е драстично зголемениот број на обични луѓе кои никогаш и не биле на протести. Најголемиот број од нив биле привлечени заради нивна засегнатост за „нешта поважни од политиката и политичарите“.
5- Надворешно внимание
Социјалните медиуми овозможуваат целосно разбивање на вообичаените граници во смисла на региони, држави, унии, јазици, култури, и лесно се пренесуваат на глобално ниво. Секој протест има потенцијал да стане светска тема.
Убава илустрација за точките 3 и 5 е сликата која покажува што во текот на протестите прикажувале CNN и CNN Türk:
6 – Социјалните медиуми го одредуваат наративот
Еден од потценетите аспекти на овие протести е тоа што тие се покажаа како многу моќни во оформување на наративот за темите за кои беа организирани. Реториката, слоганите, едноставните пораки многу бргу се усвојуваат во јавноста и медиумите, и често го одредуваат целосно медиумскиот, па дури и политичкиот наратив околу одредени теми.
Исто така, тие можат да ги исцртаат и контурите на промените, црвените линии за одредени прашања, да поттикнат идеи за промени, особено во граѓанската сфера, таму каде средината е доволно зрела за тоа (ова е точка 8 од изворниот текст).
7 – Експлозија на групното премолчување
Една од најважните теми во историските случувања е како ретко повеќето од нив биле предвидени. На пример, како никој не ја предвидел револуцијата во Иран во 1979? Не се работи за колективен идиотизам и несвесност, туку за феномен на групно премолчување, каде сите ги чувствуваме проблемите, но не ги мaнифестираме во јавноста. Социјалните медиуми имаат моќ ваквата транспозиција и „префрлање“ да ги олеснат и да ги катапултираат ваквите „премолчени проблеми“ од семејна трпеза во ударни вести.
На крај, не би мудрувале многу, само би спомнале дека не можат баш сите одлики да бидат применливи на сите случаи, но во генерални црти тие добро ги доловуваат овие феномени, и можат да послужат како добра основа и за информирање, но и за понатамошно истражување.