Влегувајќи во четвртиот (???) месец од пандемиската криза може да се каже дека неизвесноста околу вирусот SARS-CoV-2 и болеста COVID-19 продолжува.
Во некои земји се зборува за втор бран или пак втор пик од првиот бран, кој всушност и не завршил. Во Македонија бројката на заразени не се намалува ниту кон средината на јуни, додека во светот бројките варираат по региони или растат во земјите од јужната хемисфера. Ограничувањата за патувања уште се на сила во голем број земји и допрва претстојат олеснувања на овие рестрикции под услов пандемијата да почне да стивнува.
Пролонгирањето на кризата влијае негативно врз многу области, па покрај здравјето и психофизичката состојба на луѓето сериозно се засегнати економијата, односите помеѓу државите, политичкиот живот, медиумите и ред други.
Низ овој текст ќе бидат спомнати дел од причинителите за продолжувањето на кризата, а кои се поврзани со комуницирањето и медиумите.
Кривата на стравот
Во еден од претходните текстови на овој блог за пандемиската криза беше напомнато дека „најопасниот вирус е стравот, а тој најмногу се храни со погрешни и лажни информации“. Стравот не само што опстојува низ оваа криза и неизвесност, туку и се зголемува. Кривата на стравот е во постојан пораст, но бидејќи е многу потешко објективно да се измери, за неа помалку и се зборува. Игнорирањето на стравот како фактор при справувањето со кризата резултира со тоа тој и понатаму да тлее, да расте или да се манифестира индиректно. Покрај вообичаените појави, како што се анксиозноста, неврозата, несигурноста и други негативни психолошки реакции, стравот влијае врз зголемена агресивност, а често се трансформира и во омраза и ирационално однесување.
Начинот како се менаџира стравот во кризни ситуации многу влијае за тоа како населението се однесува и колку се придржува кон мерките за нивна заштита.
Секако, за ова многу важен е и факторот време. Што подолго трае кризата, толку повеќе опстојуваат условите за пораст на стравот. Сепак, оваа пандемија покажува дека клучните општествени фактори, институциите и медиумите на пример, најчесто го користат стравот да го олеснат реализирањето на своите цели. Ова можевме да го видиме преку различни случаи каде институциите и нивните претставници, не само во Македонија, преку прес-конференциите често порачуваа: „Ако граѓаните не се придржуват кон мерките, ќе се зајакнат рестрикциите“, „Ако граѓаните не бидат дисциплинирани, ќе ги вратиме мерките“, „Непочитувањето мора строго да се казнува!“, и така натаму. Комуникациски и психолошки ваквите пораки можат да имаат позитивен ефект за почитување на мерките, но само ако се применуваат навремено и со ограничено времетрање. Ако овој тип на комуникација континуирано доминира, апелирањето спакувано со закани од рестрикции постапно ќе почне да губи ефект, а потоа преминува во фаза на контра-ефекти, односно го засилуваат непочитувањето на мерките и ирационалното однесување.
Еден од острите премини во односот кон рестриктивните мерки во Македонија е регистриран и во истражувањето на ИОХН-С каде тој се нотира негде на почетокот на април.
Еден од начините за зголемено ирационално однесување е игнорирањето на постоењето на вирусот и тврдењето дека тој не постои, што воедно е одбранбен психолошки механизам. Кога не можете да се справите со стравот и неизвесноста, одреден број луѓе се приклонуваат да веруваат дека тој и не постои, со што се обидуваат да го исклучат стравот од својата перцепција на реалноста. Друг тип на манифестација е страв од од изолација или стигматизација каде заболените во зголемен број почнуваат да кријат дека се заразени или дека се под ризик од зараза.
Заканите со рестрикции и строги санкции по одреден период почнуваат да делуваат негативно затоа што го зголемуваат стравот. Во рамките на кризните штабови и другите институции кои носат важни одлуки за основните граѓански права, како што се забрани на движење и начини на социјализација, покрај здравствени експерти треба да вклучат и психолози и други стручни лица од сличен профил.
Комуникациски пак пораките треба да бидат прилагодени и поразновидни, а не стриктно фокусирани на стравот како агенс кој ќе ги наведе граѓаните кон одредено однесување. Менаџирањето на постоечкиот страв е клучна одговорност на комуникаторот од што зависи дали неговиот глас ќе биде послушан или игнориран. Пораките треба да бидат насочени подеднакво кон развивање на солидарност и емпатија, а со тоа и во доверба во системот и институциите дека тие ќе ги заштитат граѓаните. Притисокот од рестрикции и медиумската наклонетост кон негативните примери (990 почитувачи на мерките не се вест, но 10 непочитувачи се вест) исто така влијае спротивно од чувството за солидарност и доверба во системот.
Медиумски неред
Медиумите во најголем број растечкиот страв и неизвесноста се обидуваат да ги конвертираат во поголема гледаност и читаност. Покрај триковите со кликбејтови со кои ги намамуваат исплашените посетители на своите сајтови, потоа лажните вести, манипулативните содржини и теориите на заговор, медиумите исто така почнаа да се натпреваруваат кој прв, пред официјалните информации, ќе ја објави бројката на новозаразени. Во соопштението на Советот за етика се детектирани најголемиот број од овие проблеми во работата на медиумите:
„Советот за етика во медиумите (СЕММ) продолжува да реагира на зачестените случаи на неетичко и непрофесионално известување, а особено на ширењето шпекулации кај одредени медиуми во врска со пандемијата на коронавирусот. Едностраното и шпекулативното известување во вакви услови може дополнително да ја зголеми вознемиреноста и паниката и да поттикне нерационално однесување од страна на граѓаните“.

Омразата лесно се храни од постоечкиот страв и целата енергија, потпомогната од медиумите и социјалните мрежи, се насочува кон различни социјални групи, етнички и верски заедници, и преку нив се бара виновникот за кризата и за неизвесноста. Последиците се пораст на омразата и нетолеранцијата.
Користењето на стравот од медиумите за поголема гледаност и читаност е како играње со огин. Работите лесно можат да излезат од контрола и да нанесат несогледиви штети за општеството. Потребна е голема одговорност, а стравот не смее да се инструментализира за вакви цели. Неопходно е да се најдат и разрешат причинителите на стравот за да се овозможи рационално однесување и позитивна комуникација, односно кога се упатуваат апели да дојде до нивно почитување.
Зад омразата и ирационалното однесување најчесто стои некој страв. Нужно е да се разбере и отстрани стравот.
Политизација
Политизацијата мошне негативно влијае за дисциплинираноста на граѓаните во време на криза, дури и кога мерките се за нивна лична заштита, односно кога нивното здравје е јавното добро. Ако некој успех на одредена личност или институција се политизира, неизбежна е спротивната реакција, секој нивен неуспех да се предимензионира за политички цели. Работата може да се влоши и со фабрикување на пропусти или префрлање на сета одговорност врз нив. Со тоа се оформува маѓепсан круг на неодговорност каде секогаш за проблемите и кризата е одговорен некој друг.
Македонија за жал влезе и во оваа штетна фаза со самиот факт што пандемијата ја затекна земјата во период на предизборие. Пандемијата и здравствената криза стануваат врвно политичко прашање и главна тема во меѓупартиската борба. Ова неизбежно наместо кон солидарност и социјална дисциплина, води кон поларизација и нетрпеливост.
Потоа следат непочитување на законите, уредбите, рестрикциите, карантините и ред други мери и мерки. Граѓаните кои ги почитуваат мерките се чувствуваат неоправдано казнети поради оние кои не ги почитуваат и така во круг. Системот на пропишано однесување не може да се одржи кога оние што ги почитуваат мерките се чувствуваат како идиоти. Конечно, и тие креваат раце и стануваат „непослушни“.
Политизацијата влијае комуникациски да се исклучат оние кои се на другата страна од поставените партиски и политички линии на лојалност, и да се практикува ирационална непослушност. Медиумите кои го експлоатираат ова ја зголемуваат поларизацијата со објавување на потпалувачки и раздразнувачки содржини. Исто така, политизацијата влијае на „институционалното разногласие“, како во македонскиот пример каде различни гласови доаѓаа од Комисијата за заразни болести, Владата, министрите од власта и опозицијата во техничката влада, партиите, верските заедници, па дури и од стручната фела. Ваквото разногласие, кое често преминува во какофонија, очекувано влијае за појави на игнорирање или комуникациско исклучување на нивните пораки.
Комуникациска проксемика
Македонија и регионот се наоѓаат помеѓу две поголеми култури, медитеранската и блискоазиската, каде комуникациските навики се многу наклонети кон физичкиот контакт. Многу од нив се прифатени и на Балканот, ракувања, гушкања, прегрнувања, собирања, заеднички гоштевања и слично. Кога довербата во институциите и медиумите ќе се наруши значително, на многумина не им останува надеж во ништо друго освен во потесниот круг пријатели и во семејството. Потребата од присна комуникација со нив се зголемува и поради стравот од изолираност предизвикан од пролонгираната криза.
Во клучните препораки за заштита од вирусот, на пример беше вклучено „социјалното дистанцирање“ (social distancing), што создаде чувство дека другите се опасност за нас и дека мора целосно да се изолираме. Поточниот израз кој веројатно подобро ќе ја пренесеше клучната препорака е „физичко дистанцирање”, а не целосно исклучување од интеракцијата со другите. Долгото изолирање влијае врз потребата да се вратиме кон претходните комуникациски навики и статус квото пред кризата.
Наместо заклучок
И конечно, важно е да се напомене дека сите овие проблеми или пропусти во системот не треба да се користат како причина за наше неодговорно однесување или за непочитување на мерките. Секој граѓанин носи дел од својата одговорност и треба да придонесе преку личната заштита и одговорност да се подобри колективната безбедност во текот на пандемијата.