Јухууу, стигнавме и до 40-тиот преглед во петок! Доста интересни работи собравме за денес, скролај и читај.

Повторно се менува Facebook News Feed алгоритмот
Пред неколку прегледи пишувавме за тоа дека Facebook ќе се фокусира повеќе на групите и на настаните. Оттогаш беше најавен и апдејт во News Feed алгоритмот преку кој корисниците подобро ќе се поврзат со тоа што сакаат да го гледаат на платформата. Сега Facebook најави промена кај тој апдејт што ќе резултира со нови фактори за рангирање на содржината од пејџовите и групите.
Во објаснувањето, Facebook вели дека пуштиле две нови анкети со фокус на содржината од пејџови и групи и што корисниците сакаат да гледаат повеќе. Според одговорите, Facebook тврди дека со новиот апдејт им даваат приоритет на пејџовите и групите што сметаат дека го интересираат корисникот.
Што тоа значи и како менаџерите на пејџови ќе можат да го искористат во нивна полза, е сè уште нејасно. Дали ова значи дека Facebook ќе покажува содржина од пејџови на корисници кои се интересираат дали пејџот објавува почето или ќе има некаков баланс?
Би помислил дека ќе има баланс, но Facebook ги советуваше пејџовите да објавуваат почесто. Целта на News Feed е да му ја покаже најрелевантната објава на секој корисник што значи дека не сите објави гарантирано ќе се појаваат во нивниот фид.
Органски брендирани постови од инфлуенсери – нова опција од Instagram
Минатата недела Instagram најави опција за огласувачите преку која ќе можат да промовираат органски брендирани постови од инфлуенсери. Овој потег настапи како резултат на фактот дека 68% од корисниците изјавија дека се на Instagram за да се поврзат со креаторите. (Ipsos survey)
Со органска брендирана содржина која всушност ќе може да се трансформира во реклама, бизнисите имаат можност да ја раскажат својата приказна преку гласот на креаторите, да допрат до нова публика и да го мерат влијанието од ваков тип на содржина. Оваа опција ќе биде достапна во текот на наредните недели, а за стори за некој месец.
Google ја укинува интеграцијата помеѓу Photos и Drive
Отсекогаш постоела синхронизација помеѓу Google Photos и Google Drive, но во средата Google објави дека ќе го прекине тоа. Поради фидбек од дел од корисниците дека поврзаноста помеѓу овие две услуги е збунувачка, Google работи на измени кои ќе го поедностават корисничкото искуство.
Кога измените ќе стапат во сила во јули, сликите и видеата што ќе ги додаваш во Drive нема автоматски да се појават во Photos, и обратно. Дополнително, бришењето фајлови нема да биде синхронизирано, со што ќе нема повеќе бришење фајлови несакајќи.
Google истакна дека ништо нема да биде автоматски избришано во јули. Сите слики и видеа од Drive во Photos што си ги прикачил пред да настапи оваа промена ќе останат во Photos. Ако имаш “Google Photos” фолдер во Drive, ќе остане во Drive, само нема повеќе да се апдејтира автоматски.
Запознај го новиот Dropbox
Кога сме веќе кај сервиси за чување податоци, Dropbox излезе со нов, редизајниран изглед во вторникот. Сè уште е истиот Dropbox, но подобрен. Еден работен простор за организирање на твојата содржина и користење на алатките.
Сета содржина на едно место
Традиционални фајлови за поврзување на содржината на едно место. Сега ќе можеш да:
- креираш, да имаш пристап и да споделуваш содржина внатре во Dropbox;
- креираш и зачуваш брз пристап до вебсајтови;
- користиш еден search bar.
Сите алатки на едно место
Апликациите кои ги користиш на дневно ниво се сега интегрирани во самиот Drobox. Тоа значи дека ќе можеш да:
- се поврзеш со Slack;
- имаш видео конференции со Zoom;
- менаџираш проекти со Atlassian.
Сите луѓе на едно место
Не е само за содржината и алатките, туку и за луѓето кои го користат Dropbox.
- координација преку додавање на опис на фолдери;
- увид во прогресот на заеднички проект;
- споделување фидбек преку коментари.
Нови логоа за Firefox
Mozilla конечно го разоткри новото Firefox лого, дел од семејството на икони за браузерот. Ако зборот Firefox порано го користевме секој пат кога мислевме на браузерот, Mozilla сега сака да го репозиционира зборот со цел да покрие цело семејство на Firefox апликации и сервиси.

Дизајнот на Firefox браузерот е дел од новиот брендинг систем. Заедно со ова лого ги имаме и Send, Monitor и Lockwise, сервиси на Mozilla. Целиот систем го користи генералното Firefox logo, односно опашката на лисица.
Доста познати имиња беа поврзани со градењето на овие логоа. Michael Johnson асистираше со инспирација во раната фаза на дизајнирање, додека пак дизајнерот на оригиналното Firefox лого, Jon Hicks, беше секогаш присутен за совет. Michael Chu беше задолжен за туркање на новиот бренд.
Бонус линкови
Тука го завршуваме денешниот преглед во петок. Ако имаш линк (или стрип) што сакаш да го споделиме во следниот преглед слободно пиши ни порака на Фејсбук.
Се читаме во следниот преглед во петок. 😉