Што би се рекло школски, вестите ги делиме на информации, дезинформации и неинформации 🙂
Секако сте се сретнале во весниците, бар еднаш, наслов од типот „Каролина ќе сече вени“, и онака шокирани вртите на страната за веста за да потоа видите блед текст од типот „Каролина во својата нова песна ‘Сечам вени по тебе’ бла-бла…“. Најчесто вакви преосмислени наслови се среќаваат во естрадните секции на медиумите, но (ете) денес сретнав една таква и во „сериозна рубрика“ (Свет):
Мекејн бара потпретседател на „Гугл“ (Шпиц, 14 јуни, 2008)
Ништо локал-специфично, штосот е преземен од британскиот „Телеграф“:
Значи од една шега во излагањето на претседателскиот кандидат изведен е бомбастичен наслов (кој привлекува внимание), а самиот тој пак нема никаква врска со темата на статијата.
Ова е само една форма на појавување на т.н. „неинформации“ (fake news, pseudo-news псевдо-информации, квази-информации, џоамити-информации и сл.). Примери за неинформации можете да најдете милион, а најчестата употреба секако е со забавна намена (infotainment) од типот „Маж носел исти гаќи 5 години“. Што ќе ви смени во животот читањето на вакви бизаризми во кои обично недостасуваат и основните категории во прецизна форма (кој, каде, кога, зошто),никому не му е јасно, но останува заклучокот дека ваквите демек-информации се среќаваат се повеќе и полека се прелеваат во рубриките за сериозни вести.
Медиумите од тој вид треба да се забранат сместа…
Нешто мора да се преземе, најдобро би било да се игнорираат, да станат нерелевантни и економски да пропаднат, ама бидејќи удираат на „ниски страсти“ ја мамат публиката, и веројатно ова не е решение 🙁