Ветено, сторено. Вчера ја гледав емисијата и ќе си дозволам малку да коментирам.
Морам да пофалам дека за момент имаше теми кои беа интересни за слушање и гледање, според мене, по заслуга на претставникот на Microsoft и Јани Макрадули. Не ги ставам во подредена ситуација другите учесници, секој си носи свое искуство и знаење, но мене не ме интересираше каква е состојбата на факултетите.
Значи од целата дискусија која како повод ја имаше националната стратегија за информатичко општество јас го дибив впечатокот дека единствениот проблем што го имаме се 4% невработени информатичари. Цела емисија се расправаше како студентите не биле доволно подготвени, како факултетите немале солидна програма, како дипломираните информатичари веднаш се иселувале и така натаму. Во ред, сево ова е вредно но погледнете го насловот на стратегијата. ИНФОРМАТИЧКО ОПШТЕСТВО. Зар ако обезбедиме работа за сите информатичари значи дека веќе сме информатичко општество? Малку не е фер да се зборува за информатичарите како за загрозен вид кога секојдневно во весници има огласи за нови работни места токму за нив. Тие се еден од профилите кои менуваат најмногу работни места бидејќи можат тоа да си го дозволат. Бараат подобри услови, подобра плата и се разбира штом се преместуваат и воопшто штом работат претпоставувам се задоволни.
Дали намерно или не, не знам, но во емисијата не стана збор како оваа стратегија планира развој на е-општество, да бидам поконкретен е-влада, е-здравство, е-образование, е-комерција. Тоа стои во стратегијата, но за гостите тие теми не беа важни. Да се разбереме ниту јас, а што е најважно, ниту одговорните лица не мислат дека внесување на компјутери во училиштата и во државните институции претставува е-влада или е-образование.
Каде е дигиталниот јаз? Каде беше да се спомне дали воопшто има план како да се надмине тој, или дали има план да се постави правен систем кој би овозможил е-комерција, дигитален потпис, право на интелектуална сопственост и нејзина заштита.
Многу теми не беа дел од емисијата. Можеби јас очекував премногу но сепак се работи за информатичко општество а не за држава каде сите информатичари ќе бидат вработени.